Во рамки на специјализираниот Оддел за превентивни прегледи – Check-up, Клиничката болница „Аџибадем Систина“ нуди сеопфатни пакети за мажи и жени, наменети за рано откривање на потенцијални здравствени ризици и зачувување на здравјето. Пакетите вклучуваат низа лабораториски анализи, специјалистички прегледи и дијагностички испитувања, кои овозможуваат детална проценка на општата здравствена состојба. Во зависност од полот, програмите содржат и дополнителни скрининг-прегледи насочени кон превенција и рано откривање на заболувања карактеристични за мажите и жените.
Според д-р Александар Станимировиќ од Check-up одделот, превентивните прегледи се од исклучително значење бидејќи овозможуваат навремено откривање на промени во организмот и давање препораки за подобрување на здравјето.
„Во зависност од резултатите, даваме препораки за промена на животниот стил, навиките и начинот на исхрана, со цел подобрување на здравствената состојба. Затоа препорачуваме превентивните прегледи да се прават најмалку еднаш годишно – дури и кај лица без здравствени проблеми. Комплетните лабораториски анализи се задолжителен дел од сите пакети и се основа за целосна проценка на здравјето“, вели д-р Станимировиќ.
КОШАРКАРОТ ВОЈДАН СТОЈАНОВСКИ: ЗДРАВЈЕТО ТРЕБА РЕДОВНО ДА СЕ ПРОВЕРУВА
Професионалниот спортист Војдан Стојановски се одлучи да го направи Златниот пакет за мажи, нагласувајќи дека редовните превентивни прегледи се клучни за одржување на здравјето.
„Во професионалниот спорт физичката подготвеност е клучна, но еднакво важно е редовно да се следи здравствената состојба. Затоа одлучив да направам сеопфатен превентивен check-up пакет, кој ги вклучува сите потребни прегледи и анализи. Голема предност е што целиот процес се реализира во еден ден и на едно место. Деталните испитувања ми дадоа јасна и комплетна слика за моето здравје и сигурност дека сум подготвен за сите спортски предизвици. Верувам дека ваквите прегледи треба да станат навика за секого, а не само кога има проблем, туку и кога се чувствуваме здрави“, вели Стојановски.
СКРИНИНГ-ПРЕГЛЕДИ ЗА НАВРЕМЕНО ОТКРИВАЊЕ НА ЗАБОЛУВАЊА ВО ЗЛАТНИОТ ПАКЕТ ЗА МАЖИ
Пакетите опфаќаат и важни специјалистички прегледи, меѓу кои ендокринолошки и уролошки преглед, како и ехографски преглед на тироидната жлезда. Лекарите нагласуваат дека овие испитувања се клучни за навремено откривање на хормоналните дисбаланси, заболувања на машкиот уринарен тракт и нарушувања во функцијата на тироидната жлезда. Според д-р Надица Божиновска-Димова, специјалист по ендокринологија, ендокриниот систем претставува софистицирана мрежа од жлезди, а секоја жлезда произведува уникатни хормони или хемиски гласници, кои имаат специфична улога во регулирањето на телесните функции. Ендокринологијата е кралица на финесите во медицината и има голема улога во нашето секојдневје. Таа ги изучува хормоните и ендокриниот систем, а со тоа опфаќа различни здравствени состојби, почнувајќи од нашето расположение, индивидуалниот одговор на телото во стресни ситуации, до најситните детали на метаболизмот.
„Хормоните се од витално значење за нашето здравје. Кога се надвор од рамнотежа, тоа може да доведе до разни здравствени проблеми. Едни од најпознатите и најчести ендокринолошки нарушувања се оние на тироидната жлезда, потоа дијабетесот, нарушување на половите хормони и метаболичките промени. Раната детекција на овие нарушувања значи долгорочно одржување на квалитетот на живот. Ендокринолошките 23 состојби во голема мера може да се спречат, но само доколку бидат утврдени во правилниот момент, а тоа е моментот пред да почнат сериозно и во голема мера да влијаат врз нашиот живот. Поради тоа, редовните превентивни прегледи се вистинскиот начин за дијагноза и третман на одреден хормонски дисбаланс, пред тој да премине во ендокринолошка болест“, вели д-р Божиновска-Димова.
М-р доктор Билјана Црцарева, специјалист по нуклеарна медицина, истакнува дека испитувањето на тироидната жлезда како дел од превентивните прегледи е еден од најважните прегледи во рамки на превентивните пакети, имајќи предвид дека во нашата држава заболувањата на тироидната жлезда се од ендемски карактер. Особено е важно затоа што таа има клучна улога во регулирањето на метаболизмот, енергијата и хормоналната рамнотежа во организмот. Превентивните прегледи вклучуваат едноставни крвни анализи за мерење на хормоните Т3, Т4, TSH, како и ехографски преглед на тироидната жлезда. Со ехографскиот преглед може да се откријат и јазли или зголемување на жлездата пред да предизвикаат сериозни проблеми каде што влегува и тироидниот карцином.
„Нарушувањата на тироидната жлезда често се развиваат постепено и симптомите можат да бидат незабележливи или да се припишат на секојдневното изложување на стрес и замор. Раното откривање на состојбите како хипотироидизам или хипертироидизам овозможува навремено лекување и спречување на компликации. Нелекуваните проблеми со тироидната жлезда можат да доведат до срцеви заболувања, проблеми со плодноста, нарушувања на телесната тежина и низа други проблеми. Кај жените, пак, во период на планирање и за време на бременоста, како и во менопаузата, редовната контрола е од особено значење“, вели д-р Црцарева.
Уролошкиот преглед е важен дел од сеопфатната проценка на здравјето, особено кај мажите над 40 години. Според д-р Владимир Лозановски, специјалист по урологија, прегледот овозможува рано откривање на заболувања на машкиот уринарен тракт, простатата и репродуктивниот систем, дури и кога нема изразени симптоми.
„Прегледот опфаќа детална анамнеза, физикален преглед, ехо-преглед на бубрезите, мочниот меур и простатата, одредување на ПСА во крвта и анализа на урината. Со ваквите превентивни прегледи можат навреме да се откријат состојби како: бенигна хиперплазија на простатата, уринарни инфекции, камења во уринарниот тракт и малигни заболувања во рана фаза. Се препорачува мажите над 40 години да прават уролошки преглед најмалку еднаш годишно, а порано доколку постојат симптоми или семејна историја на уролошки заболувања“, вели д-р Лозановски.
КОМПЛЕТЕН CHECK-UP ВО ЕДЕН ДЕН
Превентивните прегледи се светски стандард и практика во развиените здравствени системи. Одделот за превентивни прегледи – Check-up во „Аџибадем Систина“ овозможува сите анализи и испитувања да се завршат во само еден ден. За време на престојот, пациентите имаат поддршка од стручно лице од Check-up тимот, кое ги организира сите прегледи и ги придружува низ целиот процес. По завршувањето на испитувањата, пациентите ги добиваат сумираните резултати и медицинскиот извештај во просториите на Одделот, специјално дизајниран за максимална удобност и приватност.

