Запекот е чест проблем во детската возраст и може да предизвика непријатност кај детето и загриженост кај родителите. Најчесто се препознава по ретко празнење на цревата, тврда и сува столица или болно и отежнато празнење. Сепак, запек може да има и дете кое има столица секој ден, но празнењето да е нецелосно и да се исфрлаат само мали количества столица. Според д-р Наташа Чучкова-Никчевска, специјалист по педијатрија, кај најголем дел од децата запекот не е поврзан со органско заболување, туку најчесто е поврзан со задржување на столицата и нарушување на вообичаениот ритам на празнење. Со навремено препознавање и соодветен пристап, проблемот може успешно да се надмине.

КАКО ДА ГО ПРЕПОЗНАЕТЕ ЗАПЕКОТ?
Знаци што може да укажуваат на запек кај детето:
• има столица поретко од трипати неделно; • тврда, сува или многу обемна столица;
• болно или отежнато празнење;
• свесно задржување на столицата поради страв од болка;
• болки и надуеност во стомакот;
• нецелосно празнење и исфрлање мали количества столица;
• траги од крв во столицата или на тоалетната хартија, најчесто поради анална фисура предизвикана од тврдата столица;
• повремено валкање на долната облека со мали количества или течна столица;
• тешкотии или почеста потреба за мокрење.
Според најновата Римска V класификација, запекот кај децата се вбројува во нарушувањата на интеракцијата црево – мозок (Disorders of Gut-Brain Interaction – DGBI), во групата нарушувања на дефекацијата и аноректалната функција. Во нивното настанување и одржување може да учествуваат повеќе меѓусебно поврзани механизми, меѓу кои нарушувања на цревната подвижност, како и промени во составот и функцијата на цревната микробиота. При проценката на запекот не е важна само зачестеноста на празнењето, туку и цврстината и големината на столицата, болното празнење, задржувањето на столицата и појавата на валкање на долната облека.
„Запекот што трае неколку дена е чест и најчесто е минлив. Доколку тегобите траат подолго, често се повторуваат или предизвикуваат значителна непријатност, потребна е консултација со педијатар. Особено е важно детето да се прегледа доколку запекот е долготраен, не се подобрува со вообичаените мерки или е придружен со други алармантни симптоми“, објаснува д-р Чучкова-Никчевска.

НАЈЧЕСТИ ПРИЧИНИ ЗА ПОЈАВА
Појавата на запек најчесто е поврзана со исхраната, секојдневните навики и промените во рутината. Недоволниот внес на течности и растителни влакна може да доведе до поцврста и посува столица. Исхраната со малку овошје, зеленчук, мешунки и интегрални житарки, а со повеќе преработена храна, исто така може да придонесе за појава на тврда столица и отежнато празнење. Кај бебињата запек може да се појави при преминување од мајчино на адаптирано млеко или при воведување цврста храна. Кај поголемите деца, промени како патување, преселба или почеток во градинка или училиште може привремено да го нарушат вообичаениот ритам на празнење.
Честа причина е и задржувањето на столицата. Тоа може да се случи во периодот на одвикнување од пелени, поради страв од болно празнење, непријатност од користење јавни тоалети или едноставно затоа што детето не сака да ја прекине играта. Кога детето ја задржува столицата, таа подолго останува во дебелото црево, станува посува и потврда, а следното празнење е уште потешко и поболно. Така се создава маѓепсан круг на задржување, тврда столица и болно празнење.
„Недоволната физичка активност исто така може да ја забави работата на цревата. Запек може да се појави и како несакан ефект на одредени лекови, на пример некои лекови против алергија, лекови за епилепсија и лекови што содржат кодеин. Ако тегобите започнале по воведување нов лек, родителите треба да се консултираат со педијатар, без самостојно да ја прекинуваат терапијата“, вели д-р Чучкова-Никчевска.

ДРУГИ МОЖНИ ПРИЧИНИ ЗА ЗАПЕК
Кај најголем дел од децата запекот е поврзан со задржување на столицата и навиките за празнење, понекогаш причината може да биде друга. Во случаи на долготраен запек, слаб одговор на терапијата или присуство на други симптоми, педијатарот може да препорача дополнителни испитувања за целијачна болест, нарушување на функцијата на тироидната жлезда, Хиршпрунгова болест или други поретки органски причини. Во нашата средина треба да се имаат предвид и цревните паразити, особено кога покрај промените во празнењето детето има јадеж околу анусот, особено навечер, болки во стомакот, немирен сон, намален апетит или други тегоби што може да упатуваат на паразитарна инфекција. Во такви случаи педијатарот може да препорача соодветно испитување за паразити.
КАКО ДА СЕ СПРЕЧИ ЗАПЕКОТ И ТРЕНИНГ ЗА ДЕФЕКАЦИЈА
Д-р Чучкова-Никчевска советува дека за редовно празнење се важни разновидната исхрана богата со растителни влакна, доволниот внес на течности и редовната физичка активност.
„Важно е детето постепено да создаде навика за редовно празнење. Добро е секој ден да оди во тоалет во приближно исто време, особено по појадок или по друг поголем оброк, кога природно се јавува потреба за празнење. Треба да има доволно време и мир, без брзање, карање или присилување. Целта е одењето во тоалет да стане нормална и опуштена секојдневна навика“, објаснува д-р Чучкова-Никчевска.
Кога промените во исхраната и навиките не се доволни, педијатарот може да препорача лаксатив. Кај децата најчесто се користат осмотски лаксативи, како макрогол или лактулоза, кои ја омекнуваат столицата и го олеснуваат празнењето. Овие лекови не создаваат зависност и не ги прават цревата мрзливи. Кај подолготраен запек понекогаш е потребно да се користат подолг период, според препорака на педијатар. Кога проблемот се повторува, родителите може да водат дневник за зачестеноста и изгледот на столицата, што може да биде корисно и при консултација со педијатар. Создавањето здрави навики уште од најрана возраст е важно не само за редовното празнење, туку и за целокупниот раст и развој на детето. Разновидната и урамнотежена исхрана, доволниот внес на течности, секојдневното движење и спорт, редовниот сон и добрите хигиенски навики се основа за здраво растење.



