КАКО НАВРЕМЕ ДА ГИ ПРЕПОЗНАЕМЕ ПСИХОЛОШКИТЕ ПОСЛЕДИЦИ
И ДА РЕАГИРАМЕ ПРЕД ДА ОСТАВАТ ТРАГА
Врсничкото насилство не е нов феномен, но начинот на кој денес се манифестира добива дополнителни димензии. Она што порано можело да заврши во училишниот двор, денес може да продолжи и во дигиталниот простор и да добие многу поширока публика и пролонгирано да го изложува детето или адолесцентот на понижување, страв и чувство на беспомошност. Булингот е специфична форма на врсничко насилство и претставува намерно агресивно однесување, кое се повторува или има голема веројатност да се повтори и во кое постои дисбаланс на моќ. Таквото однесување може да предизвика психолошка, физичка или социјална штета. М-р Ивана Хаџиванова, психолог, психотерапевт, објаснува дека е особено битно да се направи разлика меѓу булинг и вообичаен детски конфликт. „Не секоја расправија, несогласување или еднократен агресивен инцидент претставува булинг. Кај булинг постои повторувачки образец на однесување и дисбаланс на моќ, при што детето или адолесцентот што го трпи насилството потешко може самостојно да се заштити. Сепак, и поединечен конфликт или агресивен настан може да биде психолошки вознемирувачки и негативно да влијае врз емоционалната состојба и чувството на сигурност, па затоа таквите ситуации не треба да се минимизираат“ – објаснува Хаџиванова. Врсничкото насилство може да се манифестира во различни форми: физичко – удирање, туркање или оштетување лични предмети; вербално – навредување, исмевање, заканување и понижување; социјално или релациско – намерно исклучување, ширење гласини и нарушување или манипулирање со односите во групата; како и дигитално – преку навредливи пораки, лажни профили, споделување фотографии или видеа без согласност и други форми на онлајн понижување.
ПСИХОЛОШКИ ПОСЛЕДИЦИ ОД КОНТИНУИРАНА ИЗЛОЖЕНОСТ НА ВРСНИЧКО НАСИЛСТВО
Последиците не зависат само од формата на насилството, туку и од неговото времетраење и интензитет, развојната возраст и индивидуалната чувствителност на детето, поддршката што ја има и навременоста на реакцијата од возрасните. „Континуираното понижување, отфрлање и очекувањето дека насилството може повторно да се случи можат да создадат чувство на психолошка небезбедност. Кај детето или адолесцентот може да се појават страв, срам, беспомошност, намалена самодоверба и чувство дека не е прифатено или доволно вредно. Ова е особено значајно во детството и адолесценцијата, кога интензивно се развиваат идентитетот, сликата за себе и односите со врсниците, а потребата за припадност и прифаќање од групата има големо развојно значење“ – вели психологот Хаџиванова. Светската здравствена организација (СЗО) ги определува детството и адолесценцијата како критични периоди за менталното здравје и благосостојбата и нагласува дека негативните искуства, вклучувајќи ги насилството и булингот, можат да го зголемат ризикот за тешкотии со менталното здравје.
КОГА СТРАВОТ ПРОДОЛЖУВА И ПО НАСИЛСТВОТО
Врсничкото насилство е поврзано со зголемен ризик за анксиозни и депресивни симптоми, намалена самодоверба, проблеми со спиењето и концентрацијата, социјално повлекување, нарушено училишно функционирање и пад на академскиот успех. Кај дел од децата и адолесцентите, особено кога насилството е хронично, заканувачко и детето не се чувствува заштитено, можат да се појават и реакции поврзани со трауматски стрес – засилена претпазливост и очекување дека заканата може повторно да се појави, избегнување места, лица или ситуации поврзани со искуството, наметливи сеќавања, раздразливост, интензивен страв и нарушено чувство на сигурност. За некои деца булингот не е само „лош период“, туку искуство што може длабоко да влијае врз начинот на кој се доживуваат себеси, другите и светот околу нив. „Во психотерапевтската практика среќаваме и возрасни лица кај кои искуствата на насилство од детството останале поврзани со ниска самодоверба, страв од проценка, тешкотии со довербата или во социјалните односи. Ова е во согласност со пошироките сознанија дека изложеноста на насилство во детството може да има долгорочни последици врз психолошкото и социјалното функционирање. Сепак, не секое дете што доживеало булинг ќе развие трауматски реакции или ќе има долгорочни психолошки последици. Навремената заштита, стабилниот и поддржувачки однос со возрасните, чувството на сигурност и кога е потребно, стручната психолошка помош можат значајно да го поддржат процесот на закрепнување и развојот на резилиентност“ – објаснува Хаџиванова. 23 Психолошки и бихејвиорални индикатори кај детето Еден од најголемите предизвици е што децата не секогаш директно кажуваат што им се случува. Можат да чувствуваат страв дека насилството ќе стане уште полошо, срам, како и страв дека ќе бидат означени како „слаби“ или како деца што „тужат“. Кај адолесцентите потребата за припадност во група е особено силна, па отфрлањето и јавното понижување можат да се доживеат како сериозна социјална закана. Некои деца молчат и затоа што претходно нивното искуство било минимизирано.
ПСИХОЛОШКИ И СРЕДИНСКИ ФАКТОРИ ПОВРЗАНИ СО НАСИЛНОТО ОДНЕСУВАЊЕ
Не постои единствен психолошки профил на дете што врши врсничко насилство. Насилното однесување е комплексен феномен во кој се преплетуваат индивидуални, семејни, врснички, училишни и пошироки социјални фактори. Кај дел од децата може да постојат тешкотии во емоционалната и бихејвиоралната регулација, контролата на импулсите и толерирањето на фрустрацијата, а кај други потреба за доминација, статус или прифаќање во групата, особено кога групата го охрабрува или наградува насилното однесување. Изложеноста на агресивни модели, недоследните граници, недоволната супервизија и хроничниот стрес исто така можат да го зголемат ризикот. Честото следење насилни содржини во дигиталниот простор може да придонесе и за постепена десензитизација кон насилството – намалена чувствителност кон неговата сериозност и кон страдањето на другите. Ниту еден од овие фактори сам по себе не е причина за булинг. Кај дел од децата што претходно биле изложени на семејно или врсничко насилство, подоцна може да се појави и агресивно однесување. Тоа не го оправдува насилството, туку укажува дека покрај поставувањето јасни граници и одговорност, потребно е да се разбере и функцијата на однесувањето. Затоа не е доволно да прашаме само: „Што му е на ова дете?“ туку и: „Што се случува околу ова дете?“
УЛОГАТА НА ГРУПАТА И СВЕДОЦИТЕ
Врсничкото насилство често не се одвива само меѓу детето што врши насилство и детето што го трпи. Важна улога има и групата – сведоците што можат да молчат, да се смеат, да охрабруваат, снимаат или споделуваат, но и да побараат помош и да му дадат поддршка на детето. Публиката може да го засилува насилството, Затоа е важно родителите, наставниците и училишните стручни служби навремено и со разбирање да ги препознаат можните знаци и да понудат поддршка. Промените во однесувањето и функционирањето на детето можат да бидат први знаци на зголемен стрес и психолошка вознемиреност. Важно е да се внимава на повлекување, раздразливост, избегнување училиште, пад на концентрацијата и академскиот успех, губење интерес за активности, нарушен сон, промени во апетитот, главоболки или стомачни тегоби без јасна медицинска причина, нагло губење пријатели или избегнување социјални ситуации, како и нагли промени во начинот на користење на телефонот и социјалните мрежи. Необјасниви физички повреди, оштетени или изгубени лични предмети исто така можат да бидат предупредувачки знаци. Ниту еден од овие знаци сам по себе не докажува дека постои насилство, но нагла, изразена или продолжена промена заслужува разговор и внимание. „Кога промените се изразени, перзистираат или значајно го нарушуваат секојдневното функционирање на детето, потребни се навремена стручна психолошка проценка и поддршка. Особено внимание бараат самоповредувачкото однесување, изразената безнадежност и суицидалните мисли. При показатели за непосреден ризик, неопходна е итна проценка на психолошката состојба, суицидалниот ризик и безбедноста од страна на стручно лице за ментално здравје“ – објаснува Хаџиванова. но може да стане и значаен фактор во неговото запирање. Во дигиталниот простор насилството може бргу да се прошири и да стигне до голема публика, а содржината да биде зачувана и повторно споделена. Детето може да изгуби контрола врз тоа кој ја видел содржината и дали таа повторно ќе се појави. Особено сериозни се снимањето и споделувањето на насилството, како и споделувањето приватни или интимни фотографии и видеа без согласност, при што дигиталната публика може да стане дел од механизмот што го продолжува и засилува насилството. Дигиталното насилство и сајбербулингот не треба да се третираат како „виртуелен“ проблем. За децата онлајн светот е реален дел од нивниот социјален живот, идентитет и психолошко доживување.
НАВРЕМЕНА ИНТЕРВЕНЦИЈА И ПРЕВЕНЦИЈА
Првата реакција на родителот или друг значаен возрасен е исклучително важна. Детето треба да почувствува дека е слушнато, дека му се верува и дека може безбедно да зборува за она што му се случува. „Важно е да се сослуша детето без осудување и без минимизирање на неговото искуство. Потребно е да се утврди што се случува, колку долго трае насилството, кој е вклучен и дали детето се чувствува безбедно, а според ситуацијата, може да се вклучат училиштето, стручните служби и доколку е потребно, и други соодветни институции“ – објаснува Хаџиванова. Интервенцијата не треба да биде насочена само кон детето што го трпи насилството. Потребно е да се согледа целиот систем во кој се случува врсничкото насилство. Стручна психолошка проценка и поддршка треба да бидат достапни за детето што доживеало насилство и за детето што го извршило, а според потребата, и за децата што биле сведоци или се на друг начин вклучени. Кај детето што врши насилство, потребни се јасни граници, преземање одговорност и соодветни мерки во согласност со сериозноста на насилството, но и проценка на факторите што го одржуваат однесувањето, како и развивање вештини за емоционална регулација, препознавање и соодветно изразување на емоциите, емпатија, почитување на личните граници и правата на другите, комуникациски вештини и поадаптивни начини на справување со конфликтите. Кај сведоците е важно да се развиваат безбедни начини на реагирање – да не охрабруваат, снимаат или споделуваат, да побараат помош од возрасен и кога е безбедно, да дадат поддршка.
„Врсничкото насилство може сериозно да влијае врз менталното здравје и да остави долгорочни психолошки и социјални последици, но не мора да го дефинира понатамошниот живот на детето. Навремената реакција, сигурната средина и соодветната стручна поддршка можат значајно да го поддржат закрепнувањето, повторното градење на чувството на сигурност, доверба и сопствена вредност, како и да го намалат ризикот за понатамошни тешкотии со менталното здравје“ – вели Хаџиванова.
Превенцијата бара соработка меѓу семејството, училиштето, стручните служби, здравствениот и социјалниот систем и пошироката заедница. Тоа подразбира јасни механизми за пријава и мерки за реагирање, системска едукација и развивање социјални вештини, вештини за емоционална регулација, емпатија, комуникациски вештини, конструктивно решавање конфликти и дигитална писменост, со цел создавање средина што ги поддржува психолошката сигурност и менталното здравје на децата и адолесцентите. На децата им требаат присутни, стабилни и емоционално достапни возрасни, кои ќе ги слушнат, ќе го препознаат проблемот и ќе реагираат навреме – возрасни што со сопственото однесување ќе бидат добар модел и ќе обезбедат љубов и поддршка, но и јасни граници и сигурно водство

