ПРВИТЕ ДВЕ ГОДИНИ СЕ КЛУЧНИ: ПРЕПОЗНАЈТЕ ГИ РАЗВОЈНИТЕ ОТСТАПУВАЊА

Првите години од животот се исклучително важни за понатамошниот развој кај децата. Но, кај некои деца често се забележуваат развојни доцнења, состојба кога детето нема достигнувања соодветни за возраста. Затоа докторите советуваат доколку родителите забележат дури и мало сомневање за развоен проблем, сметаат дека нивното дете е побавно од останатите или едноставно не е како другите врсници, да не чекаат ни минута повеќе. Kолку што порано се постави дијагноза и се започне со третман, толку подобар ќе биде напредокот кај детето и ќе се подобри квалитетот на живот, објаснува проф. д-р Анета Демерџиева, специјалист по педијатрија.

ОТСТАПУВАЊА КАЈ ДЕЦАТА ВО ПРВИТЕ ДВЕ ГОДИНИ

 Веќе од своето раѓање, децата манифестираат интерес за околината истражувајќи ја со поглед. Промената на лицевата експресија на новороденчето најчесто е поттикната од друг човечки лик, што упатува на интеракција на детето и мајката од неговата најмала возраст. На возраст од 3-4 недели се јавува првата социјална насмевка како реакција на човечки глас или лице во движење, објаснува д-р Анета Демерџиева.

Лицева експресија што укажува на страв е присутна некаде околу седмиот месец од животот, а посложените афективни реакции како страв и срам се јавуваат при крајот на првата година од животот. Сите емоционални реакции не се должат само на биолошкиот еволутивен тек, туку во голема мера се модифицирани од социјалната околина. Дете што постојано добива многу љубов, грижа, позитивна емоционална стимулација од мајката и целото семејство расте и се развива како среќна индивидуа, подготвено за социјална комуникација со околината.

 СЕМЕЈСТВОТО ИМА ГОЛЕМО ВЛИЈАНИЕ ВРЗ РАЗВОЈОТ НА ДЕТЕТО, НО И ВРЗ НЕГОВИОТ ТЕМПЕРАМЕНТ

Темпераментот е генетски детерминиран и се презентира од најмала возраст.

„Најголемиот број деца врз основа на нивниот темперамент ги класифицираме на т.н. ‘лесни деца’ – деца што имаат вообичаен ритам на хранење и спиење, лесно се приспособуваат на сите промени и реакциите најчесто им се умерени. Наспроти нив се т.н. ‘тешки деца’ – деца без предвидлив ритам на хранење и сон, плачливи и склони кон негативистично расположение. Истражувањата покажуваат дека овие деца имаат почесто проблеми во социјалното функционирање и намалена способност за адаптација на промените во околината. Иако темпераментот е вродена особина, сепак, семејството може да го моделира однесувањето на детето врз основа на советот на педијатарот“ – објаснува д-р Демерџиева.

ШТО КОГА ЌЕ СЕ ЗАБЕЛЕЖАТ ОТСТАПКИ?

Во првата година од животот, педијатар треба да се консултира доколку ги има следните отстапувања:-

• не фокусира со погледот и не ги забележува предметите што се движат во близина;

 • не ги става рацете во уста и не се обидува да ја подигне главата кога лежи на стомак;

• екстремно е вкочането или хипотоно. На 4 месеци:

• не ја држи главата и не посега по подадените предмети или не ги пика во уста; • не се смее, не гуга и не испушта звуци;

• не следи предмети што се во движење. На 6 месеци:

 • не седи само и не е врзано за најблиските;

 • не се смее и не испушта гласни звуци;

 • не се обидува да земе предмети што му се на дофат. На 9 месеци:

 • не седи дури и со помош, не вокализира „баба“ или „мама“ и не игра игри („куку ѕе“);

• не го препознава и не реагира на сопственото име;

 • не ги препознава домашните и не може да префрли играчка од едната во другата рака. На 12 месеци:

• не лази и не стои со придржување;

• не кажува никакви зборови, дури и наједноставни како „мама“;

• не покажува интерес да научи некое движење како мавтање или покажување и

 • не покажува кон предметите или не гледа во покажаните предмети.

Најсензитивен период за развојна проценка е втората година од животот. Токму затоа педијатар треба да се консултира доколку во втората година од животот детето не ја разбира вербалната и невербалната комуникација, и тоа:

• до 16 месеци нема ниту еден свесно изговорен збор;

 • до 24 месеци не користи фрази од два збора – „сака млеко”, „оди надвор”, „земи мене“…

• нема контакт со очи – особено за време на хранење или пресоблекување;

• не користи гестови – посебно покажување и мавкање;

 • не реагира на сопственото име. Педијатар треба да се консултира и доколку во втората година од животот детето нема интерес за интеракција со околината:

• не е свесно за околината, игра само, не сака деца и не знае како да им пристапи на децата

не споделува интерес и емоции со други луѓе, дури ниту со членовите на семејството;

• манифестира одреден степен на автоагресивност или агресивност кон другите луѓе како и доколку во втората година од животот, детето не може да се адаптира на промени во околината:

• има фиксација за рутина и за одредени предмети од околината – најчесто некои играчки;

 • ги реди играчките постојано на ист начин и ги набљудува од одредени специфични агли;

• има повторувачки движења – стереотипии и

• манифестира пречувствителност на некои сензорни дразби – допир, силна светлина, невообичаен вкус, мирис или звук со одредена јачина.

СОВЕТИ ЗА РОДИТЕЛИТЕ

Сето слободно време поминувајте го со своето дете. Посветете му ги сета потребна нега, љубов и внимание, бидејќи деца без адекватна стимулација од околината, особено од семејството, сериозно ќе уназадуваат во однос на своите врсници. Учете го детето на комуникација со луѓе, а не со електронски уреди. Ограничете ја употребата на сите видови мобилни телефони, таблети, телевизори и компјутери – уреди преку кои детето живее во виртуелен, а не во реален свет. Следете го однесувањето на вашето дете и доколку имате сомнеж, не занемарувајте го.

Консултирајте стручно лице околу потребата за развојна проценка. Развојната проценка, иако започнува со педијатарот, сепак бара тимски пристап, во кој најчесто се вклучени и други профили на медицински супспецијалности, но и специјални едукатори што се носители на раниот третман. Целта е рана дијагноза поради ран третман за да се минимизираат последиците врз понатамошното однесување на детето.

Сподели:

Останати написи

  • Добивај известувања за новости!