„Во борба со времето за секој човечки живот“
Доц. д-р Менка Лазареска е еден од водечките експерти и пионери во областа на интервентната неврорадиологија во нашата земја. Израсната во лекарско семејство, нејзиниот професионален пат е природна последователност на желбата што ја има уште од детството, да им помага на луѓето.
Иако нејзината првична желба за време на студиите била хирургијата, кариерниот пат ја води кон радиологијата, наука која преку брзиот технолошки развој овозможи директно лекување и ендоваскуларни интервенции без класичен хируршки рез. Д-р Лазареска е дел од тимот кој во 2018 година ја изведе првата механичка тромбектомија кај пациент со акутен мозочен удар во Македонија. Денес, по долгогодишно искуство во јавното здравство, таа е дел од тимот на Клиничката болница „Аџибадем Систина“, каде што продолжува да ги воведува најсовремените методи во третманот на васкуларните заболувања на мозокот.
Потекнувате од лекарско семејство. Дали тоа беше пресудно за изборот на медицината и како стигнавте до неврорадиологијата?
Растев во семејство на лекари и мојата куќа секогаш наликуваше на ординација каде што се бараше совет и помош. Уште од раното детство знаев дека сакам медицина и работа со пациенти. На почетокот посакував хирургија, но по дипломирањето добив можност на Институтот за радиологија. Брзо сфатив дека без правилна дијагноза нема соодветен третман. Неуронауката отсекогаш ми била најинтересна. Сè што е поврзано со мозокот ми било фасцинантно – тоа е орган кој сè уште не е целосно истражен, а контролира практично сè во нашиот организам и нè издвојува од сите други живи суштества на планетата. Со развојот на минимално инвазивните техники, споив сè што сакам: дијагностичката радиологија ја обожувам, а во интервентната неврорадиологија сум вљубена.
Кои беа најголемите предизвици во Вашата кариера и изградбата како специјалист? Најголем предизвик ми беше периодот околу 2010 година, кога започнавме скоро самостојно да развиваме и воведуваме нови ендоваскуларни техники за третман на комплексни аневризми и исхемичен мозочен удар. Тоа бараше постојана борба за апаратура, материјали, формирање тим и воспоставување протоколи. На мојот пат огромен белег оставија професорите д-р Миодраг Врчаковски и д-р Ѓорѓи Дамјаноски од домашните колеги, како и бројни светски стручњаци за време на престоите во странство.
„Мозокот е време. Кога работиме со пациент со мозочен удар, секоја минута е драгоцена. Крајната цел е комплетна реканализација на артериите и спасување на животот. Притоа, секогаш мора да имаме на ум: третираме пациент, а не само патологија.“
Со кои патологии најчесто се соочувате и колку е клучна брзината при акутен мозочен удар?
Најчесто третираме аневризми (крваречки и некрваречки), исхемични мозочни удари, васкуларни малформации и тумори. Кај мозочниот удар, времето е сè. Најдобри резултати и комплетно повлекување на невролошкиот дефицит се постигнуваат доколку се направи комплетна реканализација на оклудираната артерија во првите 3 до 6 часа од појавата на симптомите. Во нашата болница постојат патеки за брз проток, но за жал, најголем дел од пациентите во државата сè уште стигнуваат со задоцнување (по 5 до 8 часа), кога се употребуваат напредни МР техники, перфузија. Потребна е поголема национална стратегија и едукација на населението за рано препознавање на симптомите.
Колку напредокот на технологијата го промени третманот на мозочните аневризми?
Напредокот во материјалите и апаратурата овозможува ендоваскуларен третман на мозочни аневризми од сите типови, дури и на локации кои се хируршки недостапни. Со употреба на нови импланти, пренасочувачи и дисруптори на проток се врши ремоделирање на артериите, што обезбедува долгорочна успешност и спречува повторно крварење.
Што се промени во неврорадиологијата од Вашите почетоци до денес и каде ја гледате оваа гранка во иднина?
Се случи рапиден развој. Напредните MRI техники денес овозможуваат детекција на промени на молекуларно ниво, а во невроинтервенциите се развија атрауматски материјали за пристап до најмалите крвни садови. Очекувам во следните 5-10 години неврорадиологијата, неврохирургијата, неврологијата, па дури и невроонкологијата да се спојат во една целина – специјалност која ќе дијагностицира и третира сè повеќе состојби и заболувања со минимално инвазивни техники. Вештачката интелигенција веќе игра огромна улога во прецизноста и планирањето, а веќе се применуваат и роботи за далечински навигирани невроинтервенции.
За да работите интервентна радиологија, мора одлично да ги познавате и владеете сите дијагностички методи за да направите детална и соодветна стратегија за пристап, план, техника и материјал што ќе ги примените на индивидуално ниво кај секој пациент.
АЏИБАДЕМ СИСТИНА“ НУДИ МОЖНОСТИ ЗА РАЗВОЈ НА НЕВРОРАДИОЛОГИЈАТА
Главниот мотив за мојата одлука да станам дел од тимот на Клиничката болница „Аџибадем Систина“ произлегува од можноста да се работи во еден современ, сеопфатен медицински центар. Ова е болница која ги обединува сите медицински специјалности и најсовремената дијагностичка и терапевтска опрема на едно место, што овозможува вистински, бескомпромисен мултидисциплинарен пристап кон секој пациент. За неврорадиологот, но и за целиот тим кој се соочува со најтешките и најитните состојби – како што се мозочните удари и аневризмите – стандардите, прецизноста и брзината се од животно значење. „Аџибадем Систина“ е докажана и акредитирана болница со строго дефинирани меѓународни протоколи и правила за грижа на пациентите, но истовремено обезбедува и врвни, современи услови за работа на медицинскиот персонал. Она што посебно ме привлече е фактот што ова е институција која постојано расте, се развива и нуди непречени можности за професионално усовршување. Тука постои реална и силна поддршка за воведување нови, иновативни и минимално инвазивни методи базирани на медицина на докази (evidence-based medicine), што за пионерските процедури во невроинтервентната радиологија е од клучно значење. Кога ги имате сите тие ресурси, опрема и врвен тим зад себе, можете да го дадете својот максимум за спасување човечки животи.


