Остеоартритисот е најчеста форма на артритис што ги напаѓа зглобовите на целото тело, но најголема предиспонираност имаат зглобовите на рацете, колената, колковите и ’рбетот. Настанува како последица на стареење на зглобовите при што се јавува дегенерација и оштетување на ’рскавично ткиво кое се наоѓа на зглобните површини. Со текот на времето болеста напредува и не е можно потполно излекување. Со поставување одредени животни навики и со дополнителни третмани може да се помогне во намалување на болката, забавување на прогресијата на болеста и подобрување на функцијата на зглобовите.
Ризик фактори
Фактори што може да го зголемат ризикот од остеоартритис се:
- Возраст – со годините се зголемува ризикот од остеоартритис
- Пол – жените се поподложни на остеоартритис за разлика од мажите
- Зголемена телесна тежина – на неколку начини го зголемува ризикот од остеоартритис. Прекумерната телесна тежина создава дополнителен притисок и стрес на зглобовите. Исто така, масното ткиво може да продуцира протеини кои предизвикуваат воспаление околу зглобовите.
- Повреди на зглобовите – особено повторувачките спортски трауми врз одреден зглоб може да придонесат за развој на остеоартритис.
- Генетска предиспозиција – кај некои луѓе постои генетска предиспозиција за развој на остеоартритис
- Деформитети на коските – постоењето на вродени деформитети на коскено – зглобниот систем го зголемува ризикот од развој на остеоартритис. Други болести и состојби – дијабетес и други ревматски болести како ревматоиден артритис може да го зголемат ризи- кот од остеоартритис.
Компликации
Остеоартритисот е дегенеративна болест која со текот на времето се влошува. Болките во зглобовите и ограничувањето во подвижноста ги отежнуваат секојдневните ак- тивности на овие пациенти.
Дијагноза
За време на физикалниот преглед, докторот ги прегледува погодените зглобови и го одредува постоењето на оток, болка при допир, црвенило, како и опсегот на движење. Исто така, може да бидат препорачани одредени снимања и лабораториски анализи.
Симптоми
Симптомите на остеоартритисот се развиваат бавно, постепено и се влошуваат со текот на времето. Тука спаѓаат:
- Болка – најнапред болката се јавува во текот на подолго движење, за подоцна да е присутна и по помало оптоварување па дури и во мирување
- Чувствителност – зглобовите се чувствителни на допир
- Вкочанетост – карактеристична е утринската вкочанетост, која по кратко раздвижување се намалува
- Флексибилност – се намалува опсегот на движење и мобилноста на зглобовите
- Крепитации во зглобовите – во текот на движењето се слушаат крепитации (крцкање) во зглобовите.
Дијагностички постапки
Рендген – На рендген зраци не се гледа ’рскавичното ткиво, но може да се претстави стеснувањето на зглобниот простор, што укажува на ’рскавично оштетување.
Магнетна резонанца – се користи за добивање комплетна визуелизација на коскеното, ’рскавичното и другите мекоткивни структури во зглобот и нивниот степен на оштетување. Лабораториски анализи – може да помогнат за да се утврдат други причини за болка во зглобовите како ревма- тоиден артритис, гихт и други.
Третман
Не постои лек за остеоартритис, но аналгетската медикаментозна терапија, која се состои од нестероидни антиинфламаторни лекови (НСАИЛ) или ибупрофен, може да ја намали болката и да го олесни движењето. Одржување на соодветна телесна тежина е еден од најважните чекори за намалување на тегобите. Исто така, може да помогне и:
Физикална терапија – Преку одредени физикални процедури кои имаат аналгетско и антиинфламаторно дејство, како и при изготвување на индивидуална програма за вежбање, се зајакнуваат одредени групи мускули со што зголемува опсегот на движење и се намалува болката. При тоа терапевтот врши обука во однос на тоа како поедноставно да се извршуваат секојдневните активности.
Стегачи и ортози – Одредени ортопедски помагала може да помогнат за да се намали болката додека се движите. Овие ортози го намалуваат притисокот врз зглобот кој е погоден од остеоартритис.