Дигестивниот систем има клучна улога за вашето здравје. Доколку немате никакви потешкотии, не ни помислувате на начинот на кој функционира дигестивниот систем. Во продолжение прочитајте неколку интересни факти за работата на системот за варење:
Желудочната киселина е толку силна што може да ја изгори кожата
Сигурно се прашувате зошто тогаш не го оштетува и желудникот? Желудникот е обложен со дебел слој на слуз (слузокожа) која го заштитува. Во случај кога желудочната киселина се враќа низ хранопроводот се јавува чувство на печење и жарење зад градната коска. Медикаменти од групата инхибитори на протонската пумпа може да ви помогнат во намалување на лачењето на желудочната киселина и со тоа да ги намалите симптомите и да го заштитите хранопроводот.
Одредени лекови и бактерии може да предизвикаат чир
Долготрајното пиење одредени лекови (нестероидни антиинфламаторни лекови, како аспирин, ибупрофен …). Од бактерии, докажано е дека присуството на хеликобактер пилори може да предизвика чир на желудникот. Чирот или раната на желудникот настанува кога желудочната киселина поради одредени причини преминува преку дебелиот слој на слуз и прави рани на желудочниот ѕид. Оваа состојба е потребно да се следи бидејќи во услови на прскање на чирот може да дојде до внатрешно крвавење, кое е животнозагрозувачко.
Намалена е појавата на канцер на желудник
Една од причините за намалена појава на канцер на желудник споредбено со минатите децении е фактот што е зголемена свесноста на населението за здрава исхрана и избегнување на пушењето. Од друга страна, раната дијагноза и третман на хеликобактер пилори е уште еден факт кој влијае во превенција на канцерот на желудник.
Голем број на луѓе кои имаат интолеранција на глутен немаат целијакија
Целијакија е болест кога протеинот глутен предизвикува вашиот имун систем да го оштети тенкото црево. Симптомите вклучуваат болки и надуеност на стомакот, дијареа и замор. Одреден тип луѓе кои веруваат дека се интолерантни на глутен, не се дијагностицирани, но се чувствуваат подобро кога го избегнуваат глутенот во исхраната.
Жолчните киселини имаат улога на „детергенти“ на цревата.
Без нив не може да се вари храната и да се апсорбираат мастите. Нивната улога е слична на детергентите, прават мастите да се измешаат со водата и на тој начин ензимите за варење на храната ги разградуваат мастите кои потоа навлегуваат во крвниот систем.
Холестеролот и мастите се комплетно различни
Црниот дроб користи холестерол за да создаде жолчни киселини и жолчката е единствен начин организмот да се ослободи од вишокот холестерол. Вашето тело користи холестерол за создавање на половите хормони, како тестостерон и естроген. Ако имате проблеми со функцијата на црниот дроб, тогаш ќе ви биде нарушена апсорпцијата на масти во организмот, како и хормонални нарушувања. Мастите, пак, имаат различен хемиски состав од холестеролот, телото согорува масти за да добие енергија.