Неконтролираната астма во периодот на бременост може да доведе до намалување на протокот на кислород до плодот, ризик од раѓање бебе со мала телесна тежина и забавен раст. Кај мајката може да доведе до прееклампсија, проблеми со плацентата и покачен крвен притисок. Астмата е проблем со кој се среќава голем број од популацијата, вклучувајќи ги и трудниците.
Тешко е да се предвиди како бременоста ќе влијае врз астмата бидејќи секоја трудница различно реагира. Околу 1/3 од нив имаат подобрување на симптомите, кај исто толку нема промена или, пак, се соочуваат со влошување на симптомите. Најбитно е дека астмата мора да се контролира за да не ги доведе во опасност мајката и бебето. Д-р Камелија Бушљетиќ, пулмоалерголог во Клиничката болница „Аџибадем Систина“, препорачува секоја трудница која има астма еднаш месечно да го посети својот лекар.
Симптоми
Симптомите на астма не се исти кај сите трудници. Може да имате само еден симптом, додека некој друг да ги има сите други симптоми. Најчестите симптоми вклучуваат:
- Кашлање, особено навечер
- Губење здив
- Отежнато дишење
- Стегање во градите, болка или притисок
- Свирење во градите
Пулмоалерголозите велат дека доколку имате повеќе од два бронхитиса во една година, или настинките траат подолго од вообичаено и се проследени со свиреж во градите и/или чувство на тежина или стегање или ако кашлицата трае повеќе од 8 недели, тогаш задолжително посетете го вашиот лекар. Тој прво ќе тре ба да ја прегледа вашата медицинска историја, семејната историја и симптомите. Докторот може да препорача тестови за дишење, алергиски тестови, анализа на крвта и рендген на градите. Доколку овие тестови го зголемат сомнежот за астма ќе треба да се направат и дополнителни испитувања за нејзино потврдување или исклучување.
Терапија со лекови
Често трудниците со астма грешат кога избегнуваат да ја примаат редовната терапија со страв дека ќе му наштетат на бебето. За среќа, голем број од лековите кои се користат не се штетни за време на бременоста. Астмата треба да биде контролирана уште пред самата бременост, што дава можност без проблем да се помине периодот на бременост.
Семејна историја
Кога некој од родителите има алергија, постои голема веројатност таа да се појави и кај детето. Шансите двојно се зголемуваат ако и двата родители се алергични. Ако вие имате ас тма, можно е и вашето дете во текот на животот да добие астма. Болеста ќе се појави кај околу 30 отсто од децата. Голем дел од луѓето кои има астма, исто така, имаат и алергии. Лекарите оваа појава ја нарекуваат „алергиска астма“.
Телесна тежина
Внимание треба да обрнете и на наглото зголемување на телесната тежина бидејќи тоа може да биде причина за зголемен ризик од појава на астма кај бебето, а и кај мајката. Зголемената телесна тежина е причина за помал одговор на дадената терапија. Во периодот на бременоста се забранува пушење бидејќи тоа го зголемува ризикот за појава на астма до трето колено, како и склоност кон алергии и други заболувања на современиот свет.