Трчам значи постојам – д-р Клементина Кузеска

Спортската активност за подобро здравје, дружењето со позитивните тркачи и атмосферата на Скопски маратон се главните виновници што денес д-р Клементина Кузеска, гинеколог-акушер, е дел од  сите трки во градот. Со својот ентузијазам, спортски дух и позитивна енергија таа е и еден од главните промотори на трчањето меѓу тимот тркачи на „Аџибадем Систина“, кој секоја година станува сè поголем. На 6 мај ги повикува сите скопјани да излезат на улиците и да придонесат за уште еден незаборавен Скопски маратон.

Од кога почна љубовта кон трчањето?

Со трчање почнав пред две години кога одлучив да престанам да пушам. Требаше да ѝ се даде нова димензија на одлуката за здрав начин на живот. Идејата за учество на Скопски маратон беше одлична можност за тоа. Требаше да се почне со некаква подготовка бидејќи не може човек туку-така одеднаш да појде и да истрча 5 км. Почнав постапно да претрчувам сè поголема дистанца и да стекнувам тркачка кондиција. Се заразив.

Зошто се одлучивте за овој спорт?

Со трчањето ми одговараше можноста, во време кое ми е најпогодно, без обврски кон никого, без потреба од простор и помагало, да можам направам нешто добро за моето здравје. Воспоставив ред на неделна активност која ја зададов пред себе како обврска. Единствено на тој начин можете да се придвижите во денови кога сте мрзливи, бавни, уморени. Да се разбереме, не е лесно да се трча еднолично и долго. Трчањето подолго од 30 минути дури знае да биде исклучително досадно. Меѓутоа, следи чувство на добро завршена работа и телесно задоволство кое нема цена.

 Дали спортувате и нешто друго?

Скијањето е мојата најстара спортска пасија и тоа ми овозможува чувство на целосна слобода и ми ги задоволува сите сетила до максимум. Кај скијањето постои сезонско ограничување кое кај трчањето не е случај бидејќи е спорт за сите годишни времиња.

Која беше првата трка и колку беше долга?

Мојата промоција во светот на трчањето беше Скопскиот маратон 2016 во трка на 5 км. Атмосферата што владее за време на маратонот по скопските улици во друштво на тркачи и навивачи е волшебна. Најтопло ја препорачувам и секој треба да ја искуси. Тоа дополнително ме мотивираше да продолжам на трасата на трчање како вистински спортски предизвик и избор.

На кои спортски трки досега сте учествувале?

Учествувам редовно на сите трки во градот. Тоа е одличен начин човек повремено да си зададе цел и можност да се одржи во постојан тонус и кондиција. Се среќавам најчесто со истите насмеани, ведри, позитивни ликови кои го практикуваат овој спорт. Тоа е за мене нова димензија на дружба со луѓе со здрави животни навики.

Често трчате и на хуманитарни трки, што дава дополнителна тежина на вашиот спортски дух.

Хуманитарните трки се зачинети со посебно задоволство дека дополнително правите нешто корисно, хумано за група луѓе на кои тоа понекогаш им е животно неопходно. Хуманоста е моето животно мото и најважен дел од мојата животна определба како доктор.

Колку често и каде најчесто трчате рекреативно?

Најчесто трчам покрај Вардар и по кејот на Охридското Езеро, барем двапати неделно. Додека трчам размислувам, заклучувам, одлучувам, медитирам. Трчајќи се ослободувам од насобраната негативна енергија и напнатост што ми ја кумулира животот и работата. Затоа велам трчам значи постојам, трчам за да преживеам. Трчањето прерасна во мој modus vivendi.

Колку професијата доктор влијаe на вашиот избор за здрав живот?

Здравиот начин на живот е важен во превенцијата на многу болести со кои се соочувам секојдневно како доктор и потенцијален пациент. Возраста ми налага потреба од дополнителна свесност за неопходноста од воведување на спортска активност за зачувување на сопственото здравје. Токму затоа и презедов чекор кон спортско чекорење низ животот.

Трчањето е еден од најстарите спортови, од времето на прачовекот. Човекот трчал да се прехрани, трчал да преживее. Човечкото тело е конструирано за трка. Трката овозможува сеопфатно активирање на целото тело и нуди најдобра телесна вежба. Способноста за трчање е повеќе прашање на ментална одлука. Интересно е колку и во тој дел се чувствува доминацијата на мозокот врз телесната издржливост. Секогаш одново се одушевувам и се прашувам каде е максимумот на тоа колку долго и колку интензивно може да изработи телесната машина.

Наскоро се случува Скопски маратон, колку години учествувате, кој е вашиот предизвик и очекување на маратонот?

Ова ќе биде мој трет Скопски маратон во трката на 21 км (полумаратон) и оваа година очекувам да постигнам подобар временски резултат.

Упатувам препорака кон моите сограѓани од сите возрасти: „Излезете на скопските улици да ги поздравите учесниците. Атмосферата е прекрасна. Доколку цените дека можете, пријавете се за почеток во трката на 5 км. Верувајте дека ќе се препородите. Започнете да трчате. Трчајте полека, трчајте брзо, трчајте на ваш начин. Цел свет трча, трчајте и вие. Ќе ги почувствувате бенефитите многу брзо. Ќе направите значаен исчекор за вашето здравје и убавина.”

Сподели:

  • Добивај известувања за новости!