Што да очекувате по коронарно стентирање?

Стентирањето на коронарните артерии претставува модерен начин на решавање на недоволното крвоснабдување на срцевиот мускул, а кое најчесто е последица на атеросклеротични промени на артериите. Коронарната артериска болест, а особено напреднатиот стадиум на атеросклероза се рефлектира на целокупното здравје на организмот.

Кога е потребно да се направи стентирање?

Д-р Жарко Христовски, кардиолог, вели дека врз основа на клиничката слика, резултатите од неинванзивните иследувања (ехокардиографија, коронарен стрес тест…) се поставува индикација за изведување коронарографија. Врз основа на наодот од коронарографија, а имајќи ги предвид и наодите од неинванзивните испитувања, се поставува индикација за коронарно стентирање. Тоа е вметнување мала ендоваскуларна протеза, која го поддржува постигнатиот резултат од ширењето на стеснетиот сегмент на артериите со поставување на балон на местото на стеснувањето. Завршува со финална ангиографија, која покажува дека имаме постигнато задоволителна морфологија на артериите и соодветен проток на крвта.

Зошто кај овие пациенти се потребни контроли?

Успешното стентирање не е причина да заборавите дека сте биле на кардиолог. Бидејќи главната причина за стентирањето е присуство на артеросклероза, која е прогресивна болест, се препорачува контрола кај сите пациенти со поставен стент. Главната цел на контролните прегледи е да се утврди дали има евентуална прогресија на атеросклерозата. За време на стентирањето се проценува само морфологијата на крвните садови (дали се доволно раширени и дали постои стеснување), но не се проценува функцијата на артериите. Токму затоа е потребно да се направат контролни тестови, како што е ехокардиографија, стрес-тест и сл. за да се процени дали артериите ја вршат нивната функција – дали доволно го снабдуваат срцето со кислород.

Контрола на ризик факторите, како што е контрола на крвниот притисок, нивото на холестерол во крвта и другите ризик фактори, треба да доведат до забавување на атеросклерозата, како генерален проблем на организмот.

Кои видови контролни прегледи се препорачани?

Освен биохемиските анализи на крв, потребно е периодично, според динамика која ја одредува кардиолог да се изведува:

  • ехокардиографија со следење на прогресија на атеросклерозата и кај периферните и каротидните артерии (многу често паралелно егзистираат), а со цел градење соодветна стратегија за третман
  • функционални тестови – коронарен стрес-тест, стрес-ехокардиографија или миокардна и перфузиона сцнтиграфија со цел проценка на функционалните карактеристики на срцевиот мускул и неговата исхрана, како и проценка на ритмичката стабилност на срцето.
  • Ова ни помага во давање соодветни назнаки околу типот и интензитетот на физичка активност која ја препорачуваме на пациентот.

Контролните прегледи може да го спасат вашиот живот

Според д-р Христовски, статистиките велат дека, за жал, има сè повеќе пациенти кај кои стентирањето се изведува како итна постапка бидејќи во прашање е доведен нивниот живот. Од таа причина, препорачува пациентите да прават редовни прегледи и контроли со цел да се следи состојбата на артериите и да се дејствува навреме кога има најмалку трајни последици по здравјето и функционалните капацитети на пациентот. „Ова придонесува да бидеме конструктивни во препораките, а ограничувањата кои ги даваме кон пациентот да не бидат преголеми и да бидат базирани на објективни параметри“, вели д-р Христовски.

Сподели:

  • Добивај известувања за новости!