Мајка ми беше спремна и срцето да ми го даде, а не, пак, бубрег – вели Дарко од Кавадарци, кому мајка му донираше бубрег

Дарко Митков од Кавадарци, 19-годишно момче, кое цели 18 години се соочуваше со тешката бубрежна болест, од шести март го започна новото поглавје во својот живот.
Неговата мајка Јанка му донираше бубрег на клиниката „Аџибадем Атакен“ во Турција, по што тој ќе може да продолжи со нормален живот, без редовната дијализа, без секојдневните грижи и ограничувања поради дијагнозата со која го поминал речиси целиот живот.

Храброто момче по операцијата заедно со неговата мајка се врати во Македонија, а за ,,Фокус” емотивно ја раскажува својата животна приказна.

-Цели осумнаесет години се борев со болеста, дијагнозата ми беше валвула на задна уретра. Со тек на време ми откажаа бубрезите и последните две и пол години одев на дијализа. Тие коишто одат на дијализа знаат какво е чувството, тие апарати ти го земаат половина живот… Решението беше да се оди на операција, на трансплантација на бубрег.

Мајка ми Јанка во ниту еден момент не се двоумеше таа да биде донатор. Па таа и срцето ако треба би го дала за мене, а не, пак, бубрег.

Почна да се разгледува како би течела процедурата, односно се утврди дека операцијата која се изведува во Турција ќе изнесува околу 30.000 евра.

„Со помош на донации се собраа средствата и многу сум благодарен на сите кои помогнаа. Морам да ги спомнам градоначалникот на Кавадарци – Митко Јанчев, хуманистот од Неготино Димитар Аврамов, ВВ ‘Тиквеш’, навивачката група ‘Лозари Исток’ и многу други кои несебично помогнаа. Многу благодарен сум му и на д-р Ристо Симеонов од Клиничката болница ‘Аџибадем Систина’, преку кого заминав на операција во Турција“,  раскажува Дарко.

Вели дека во Турција пристигнале на 19 февруари, а операцијата се случила на шести март. Никогаш нема да ги заборави моментите пред да бидат внесени со неговата мајка во салите каде што се извршувале операциите.

-Дојде докторот Симеонов и нè праша со мајка ми дали сме спремни. Се погледнавме со солзи радосници во очите. Ова беше нешто што го чекавме долг период, помешани чувства, страв, радост што лошото искуство со болеста ќе биде зад нас, вербата во Господ дека сè ќе заврши како што треба и над сè, силната мајчина љубов која не знае за никакви граници. Спремни сме, рековме, и се разделивме во надеж дека сè ќе биде добро – раскажува момчето.

Ги оперирале два тима на лекари, д-р Симеонов го оперирал Дарко, а, пак, Јанка ја оперирале хирурзи од Турција. Се виделе дури наредниот ден по операцијата, повторно со солзи радосници.

-Јас бев на интензивна нега, ден по операцијата се видовме со мајка ми. Реакциите, секако емотивни, со солзи радосници што сè помина во ред, што пред мене ќе можам да гледам во една нова, подобра иднина, благодарение на мајка ми, на татко ми и брат ми, кои цело време беа покрај мене – се присетува младиот кавадарчанец.

За неговата мајка, вели дека не може да најде зборови кои ќе ја опишат нејзината големина. Имала 46 години, била работничка во германската фабрика „Дрекслмајер“ во Кавадарци. Целиот живот го посветила на семејството, на грижата околу него. Сега, и двајцата се чувствувале добро, благодарни што процедурата поминала во ред, во очекување на убави нешта во иднина.

-Сакам да им порачам на сите кои се наоѓаат во состојба каква што бев јас до неодамна, со дијализа и неизвесност, да имаат верба во Господ. Им посакувам да се спасат од тие апарати, да имаат добар живот и многу здравје. Никогаш да не губат надеж. За во иднина, посакувам само добро да ме служи здравјето, сè друго ќе си дојде само по себе – порача Дарко.

 

 

извор – Фокус 

Сподели:

  • Добивај известувања за новости!