ЗДРАВИТЕ ЖИВОТНИ НАВИКИ ГИ ЗГОЛЕМУВААТ ШАНСИТЕ ЗА БРЕМЕНОСТ И ЗДРАВО ПОТОМСТВО

Неплодноста е проблем кој мачи од 10 до 15 отсто од брачните парови, а за појавата влијаат многу фактори – меѓу кои се возраста, исхраната, телесната тежина, физичката активност, стресот, но и фактори од животната и работната околина. Мр. д-р Клементина Кузеска, специјалист по гинекологија и акушерство, вели дека секој поединец со своето однесување има лична одговорност кон сопственото здравје. Така, за разлика од многу аспекти на животот кои не трпат промени, животниот стил може да се модифицира и на тој начин да се контролира фертилниот потенцијал. Со воведување здрави животни навики се зголемуваат шансите за бременост и здраво потомство. Но какво е влијанието на групата фактори кои можат да предизвикаат неплодност? Возраста се смета за значаен фактор кој ја засега плодноста – пикот на фертилноста се случува во дваесеттите години, но од триесеттите почнува да опаѓа. Сега во време кога луѓето се посветуваат повеќе и на кариерата, на сопствената едукација, подоцна се одлучуваат за деца. Д-р Кузеска вели дека кај мажите семените карактеристики постепено ослабуваат по 35. година, ама сепак клучна за оплодувањето е возраста на жената. „Жената се раѓа со дефиниран број на јајни клетки кои постепено се трошат низ годините. Со намалување на оваријалната резерва во доцните триесетти години се скратува менструалниот циклус, фертилноста опаѓа и се јавуваат хормонски нерегуларности. Над 35 години се зголемува и процентот на анеуплоидија, која резултира со грешки во оплодувањето, проблем во имплантацијата и спонтани абортуси“, вели м-р. д-р Клементина Кузеска, специјалист по гинекологија и акушерство.

Фактор на кој доста може и да се влијае е исхраната па медицината советува дека одредени продукти се посоодветни за оплодувањето. Диеталниот внес кај мажите, според д-р Кузеска, треба да се заснова на храна богата со јаглехидрати, овошје и зеленчук како извор на растителни влакна, витамини и минерални неопходни за подобрување на квалитетот на спермалниот примерок. „Позитивното влијание на антиоксидантите во елиминација на слободните радикали и другите токсични производи од метаболизмот игра значајна улога во сперматогенезата. Оксидативниот стрес доведува до промени во градбата и функцијата на сперматозоидите предизвикувајќи оштетувања на ниво на нивната DNA. Витамините Ц, Е, селенот, бета-каротенот и други антиоксиданси се значајни додатоци во исхраната кои имаат докажан позитивен ефект врз сперматогенезата во подобрување на квалитетот и подвижноста на сперматозоидите. Диеталниот внес кај жената се одразува врз овулаторната функција. Доколку јаглехидратите се заменат со риба и растителни протеини, транс-мастите со незаситени масла, позитивното влијание врз овулаторната функција е евидентно. Употребата на мултивитамини и суплементи влијае позитивно врз фертилноста со регулација овулаторната функција“, вели д-р Кузеска.

ТЕЛЕСНАТА ТЕЖИНА РИЗИК-ФАКТОР

Здравите навики и степенот на физичка активност секако се поврзани со нормалната телесна тежина, која, пак, исто така е исклучително значајна за репродукцијата. Д-р Кузеска вели дека сите луѓе кои имаат вредност на Body mass index (BMI) kg/m2 под 18.5 се неухранети, a над 25 се луѓе со зголемена тежина, односно над 30 се угоени. Телесната тежина влијае значајно врз здравјето на луѓето доведувајќи до кардиоваскулани заболувања, дијабетес и неплодност. Пандемијата на коронавирусот покажа дека Ковид-19 е значајно потешка за подебелите луѓе, но угоеноста е ризик и за оплодувањето. Моментно има и епидемија на угоеност, која е застапена кај дури 35 отсто од возрасната популација во индустриските земји. „Кај угоените мажи три пати почесто се среќава послаб квалитет на спермата со намалување на бројот на сперматозоиди, нивната подвижност и зголемување на степенот на нивно оштетување. Кај нив постои и еректилна дисфункција, која е хормонски условена поради количината на масно ткиво каде андрогените се конвертираат во естрогени. Кај угоените жени постои овулаторна дисфункција која резултира со потешко зачнување и тие често страдаат од рана фетална загуба како резултат на лоша имплатанција. Со спроведување на диетален режим и намалување на ТТ за само 10 килограми овулаторната функција најчесто се воспоставува и оваа состојба е реверзибилна“, вели докторот. Но од неплодност страдаат и мажите и жените кои спаѓаат во категоријата потхранети, односно кај мажите ова состојба се рефлектира во намалување на бројот на сперматозоиди во спермалниот примерок, а кај жените со оваријална дисфункција и неплодност. Докторката е категорична дека кај умерено физички активните луѓе самата активност има позитивен ефект кај фертилноста.

ПСИХОЛОШКИ ВЛИЈАНИЈА И УПОТРЕБА НА АЛКОХОЛ, ДРОГА

Д-р Кузеска вели дека има различни ставови за тоа што е причина, а што последица помеѓу стресот и неплодноста. Но е децидна дека стресот се зголемува со поставување на дијагнозата на неплодност. „Тука е социјалниот притисок кој треба да се понесе, а следат и бројните процедури на иследувања и третман кои треба се спроведат. Сето тоа е оптоварено со големи очекувања, но и големи финансиски трошоци. Доколку само 10 отсто од пациентите страдат од анксиозност и блага депресија на почеток на иследувањата, истиот процент низ времето се зголемува“, вели докторката. Физичкиот стрес влијае врз фертилноста. Кај пациентките со продолжено работно време потребно е повеќе време да реализираат бременост. Стресот доведува до зголемување на нивото на стрес хормоните (кортизол и адреналин) кои влијаат негативно на фертилноста. Психолошкиот стрес е одлика на 30 отсто од пациентките со неплодност. Доколку кај нив се спроведе некаков облик на психолошка поддршка, се подобруваат и резултатите на третман на неплодноста и се зголемуваат шансите за бременост. Д-р Кузеска вели дека веќе е докажано штетното влијание на пушењето, дрогата и другите наркотични супстанци врз репродукцијата. Кај мажите пушачи има намалена фертилна моќ, исто и кај жените кои пушат се јавува неплодност. Кај оние жени кои пушат повеќе од 10 цигари на ден е нарушен и процесот на имплатација со директно штетно делување на утерусот, што е утврдено при оплодување со донорски ооцити. Марихуаната, пак, доведува до намалување на нивото на тестостеронот кај мажите, а жените кои користат марихуана почесто страдаат од примарна неплодност. Кај бремените жени се одразува на функцијата на постелката и феталниот развој со што може да доведе до фетална загуба. Лоши се влијанијата и на кокаинот и опијатите хероини и метадон. Д-р Кузеска вели дека и некои медикаменти може да имаат негативно влијание врз фертилноста, но исто така и алкохолот. Кофеинот од кафето и од пијалаците кои содржат кофеин се одразуваат негативно на зачнувањето. Утврдено е дека доколку кофеинот се внесува во количина поголема од 500 милиграми на ден доведува до пролонгирање на периодот потребен за зачнување. Оние трудници кои консумираат над 4 кафиња на ден за 100 отсто ги зголемуваат шансите за рана фетална загуба и мртвородено. Има и други фактори кои имаат негативно влијание на репродукцијата и на плодноста, а тоа се аерозагадувањето, зрачењето, односно радијацијата.

Сподели: