Респираторните симптоми доминираат во клиничката слика кај децатa заболени од Ковид-19. Д-р Катерина Обочки, педијатар пулмолог од Клиничката болница „Аџибадем Систина“, вели дека врз основа на досега објавените студии инциденцата на Ковид-19 кај деца под 18 години е 2,1 проценти, а стапката на смртност кај истата возрасна група е 0,2 проценти. Клиничкиот спектар на Ковид-19 е широк и, како што појаснува докторката, варира од целосно асимптоматски форми до оние што се карактеризираат со тежок респираторен дистрес. Инкубација кај децата може да трае од 1 до 15 дена, или во просек од 3-7 дена. „Најчестите симптоми на Ковид-19 се треска, кашлица, воспалено грло, главоболка, изнемоштеност, болка во мускулите, диареја и повраќање. Диарејата и повраќањето се многу почести кај децата отколку кај возрасните. Олфакторните аномалии кои се карактеристика за возрасната популација се ретки кај децата, но не се исклучени кај адолесцентната возраст“, нагласува д-р Обочки. Ковид-19 е помалку сериозна инфекција кај децата во споредба со возрасните, но не се исклучува и тешка клиничка слика и критична состојба и кај децата, кај кои може да се јави повеќеоргански инфламаторен синдром. За асимптоматски деца се сметаат сите кои добиле позитивен PCR-тест или позитивна серологија, а кај кои отсуствуваат симптоми и болест.
ДЕЦАТА НАЈЧЕСТИ ВЕКТОРИ НА КОВИД-19
Вирусот SARS-CoV-2, како што појаснува д-р Обочки, се пренесува преку флугеовите капки и преку директен или индиректен контакт со заразени предмети. Времето за кое вирусот останува активен на површините е 48-72 часа на пластика и челик, и 4-8 часа на бакар и картон. „Назаштитениот контакт во затворен простор со симптоматски или асимптоматски пациенти е главниот извор на зараза кај педијатриска популација, но со оглед на фактот дека децата сè повеќе имаат само неколку симптоми, тие најверојатно ќе бидат чест вектор на инфекција кај возрасни и постари лица. PCR тест за SARS-CoV-2 кој се прави преку столицата кај доенчиња и деца од неколку недели, дури и по негативен назофарингеално брис, може да укаже дека столицата може да претставува дополнително средство за пренесување на вирусот. Но не е докажан пораст на вирусот во фекална култура, а со тоа и неговата одржливост во изметот, што бара дополнителни истражувања за да се дефинира можната фекално-оралнатрансмисија на вирусот. Слично на тоа и мајчино-феталната трансмисија е ниска, но е можна“, појаснува д-р Обочки.
КЛИНИЧКА СЛИКА КАЈ ДЕЦАТА ИНФИЦИРАНИ СО SARS-COV-2
Лабораториските тестови покажаа дека крвните биохемиски параметри, како што се Ц-реактивните протеини, се во нормален опсег или се малку зголемени кај заразени деца. Различни студии покажаа дека вкупниот број на бели крвни клетки во раната фаза на болеста е нормален или намален, или бројот на лимфоцити е намален кај заразени деца. Радиолошкиот белодробен наод кај децата со Kовид-19 ретко покажува слика на млечно стакло, што е карактеристика кај возрасните. Педијатриските ковид-пациенти врз основа на нивните карактеристики може да се поделат во пет групи, а доколку инфекцијата е без клинички симптоми, тогаш се нарекува латентна инфекција. Едноставна инфекција: болеста се манифестира како треска, кашлица, воспалено грло, назална конгестија, замор, главоболка, мијалгија или непријатност, без сепса или отежнато дишење. Лесна пневмонија: се манифестира како треска и кашлица. Радиографиите на градите покажуваат промени и воспаление на белите дробови, без сериозна пневмонија, како што се диспнеа и отежнато дишење. Тешка пневмонија: треска, кашлица, придружена со отежнато дишење. Тешка респираторна инсуфициенција како отежнато дишење, тежок знак на респираторен триент, тешкотии при хранење и конвулзии. Од 0 до 2 месеци: дишење ≥60 вдишувања / минута Од 2 до 12 месеци: дишење ≥50 вдишувања / минута; Од 1 до 5 години: дишење ≥40 пати / минута) Синдром на акутен респираторен дистреc (ARDS): постојните клинички симптоми се манифестираат во рок од 1 недела, респираторните симптоми се влошуваат, белите дробови покажуваат стаклести сенки, налик на млечно стакло. Степенот на ARDS се проценува според индексот на оксигенација. Септичен шок: анемија, промени во свеста, брадикардија или тахикардија или проширени крвни садови со слаб пулс; отежнато дишење; дамки на кожата, осип со пурпура или ехимоза, покачен лактат во крвта, олигурија, хипертермија или хипотермија.
КОВИД-ПОЗИТИВНИТЕ ДЕЦА СО АСТМА И АЛЕРГИСКИ РИНИТИС ДА ПРОДОЛЖАТ СО ТЕРАПИЈАТА
„Повеќето деца со дијагностициран Ковид-19, имаат само неколку симптоми, потребна им е само домашна терапија и изолација во домот. За покачената температура, д-р Обочки предлага да се зема парацетамол или бруфен. „Кај деца кои веќе користат тописки стероиди (на пример за алергиски ринитис или бронхијална астма), задолжително е продолжување на основната терапија. Во случај на потреба од инхалационен третман со стероиди или бронходилататори, во домашни услови е дозволена примена на инхалатори, во амбуланти не – поради можноста за проширување на инфекција преку аеросол-честичките“, потенцира д-р Обочки. Хоспитализацијата е индицирана кога има потреба да се обезбеди супортивна терапија (на пример фармаколошка или респираторна поддршка) или во тешки форми на болеста. Децата со хронични заболувања, нагласува докторката, мора да се следат со поголемо внимание бидејќи присуството на коморбидитети е поврзано со поголем ризик од фатална еволуција. „Постојат малку веродостојни докази за корисноста на лековите за лекување на пневмонија Ковид-19 кај педијатриски популации и сите достапни податоци до денес се базираат на терапијата кај возрасната популација. Поради оваа причина, фармаколошка терапија нема кај поблаги форми Ковид-19, се препорачува само кај потешки форми. Ваквите одлуки секогаш треба да се носат индивидуално“, вели д-р Обочки.
НА ДЕЦАТА СО КОВИД-19 НЕ ТРЕБА ДА ИМ СЕ ДАВААТ АНТИБИОТИЦИ
Ниту еден специфичен лек против SARS-CoV-2 сè уште не е докажан како ефикасен. Според д-р Обочки, антивирусните лекови се ефективни, само ако започнат да се применуваат пред клиничкото влошување. Најчесто се употребува лекот интерферон-алфа со небулизатор, бидејќи покажал ефикасност во намалување на вирусната репликација со последователно подобрување на симптомите и намалување на времетраењето на болеста. Додека вирусните лекови како лопинавир/ ритонавир, рибавирин, ремдезевир и хидроксихлорокин ретко се употребуваат во детска возраст. Според неа, употребата на антибиотиците е неоправдана, освен ако нема знаци на бактериска суперинфекција. „Корисноста на макролидите, особено азитромицинот, и неговите антиинфламаторни својства е исто така сомнителна. Во однос на кортикостероидите сметам дека нивната рутинска употреба не е оправдана, сепак, тие треба да се земат предвид кај тешки форми или при егзацербација на астма (Kовид 19- не е поврзан со акутна егзецербација на астма во детската возраст)“, појаснува д-р Обочки. Таа додава дека гама глобулините се препорачуваат кај деца со тешки форми на пост- ковид состојба (МИС-Ц), како и кај деца со симптоми слични со симптомите на болеста кавасаки. „Тоцилизумаб или анти-ИЛ-6 моноклонално антитело е ефикасно во третманот кај возрасни со обострана масивна пневмонија. Кај деца треба да се користи претпазливо во доза 12 мг / кг кај деца со тежина поголема од 30 кг и 8 мг / кг (максимум: 800 мг) кај деца под 30 килограми и да се повторува еднаш по 12 часа доколку нема подобрување“, потенцира докторката. Иако клиничката слика на Ковид-19 кај деца е помалку сериозна отколку кај возрасните, прогресијата на болеста останува можна и затоа мора да се пресретне со соодветна терапија. Освен тоа, иако кај поголемиот број деца, болеста поминува со полесни симптоми, сепак помладите се важни вектори на болеста.