СКРИНИНГ-ТЕСТОВИ ЗА КАРЦИНОМ НА БЕЛИ ДРОБОВИ

Карциномот на белите дробови е втор по застапеност и кај машката популација (по карциномот на простатата) и кај женската популација (по карциномот на дојка). Особена тежина на оваа болест ѝ дава фактот дека предизвикува највисока стапка на смртност кај малигните  заболувања. За илустрација, во САД 1 од 5 починати од сите малигни заболувања се заболени од карцином на белите дробови. Д-р Оливер Јовковски, специјалист по пулмологија, вели дека оваа болест најчесто се јавува кај лица постари од 65 години, која долго време може да се крие зад воспаленијата или кашлиците на кои не им се придава големо значење. Само навременото дијагностицирање дава можност за излекување од оваа болест, која најчесто се открива во IIIа или IIIб стадиум, што оневозможува успешно хируршко лекување.

КОЈ ТРЕБА ДА НАПРАВИ СКРИНИНГ?

Активните пушачи, но и луѓето што се откажале од оваа навика, а биле подолго време пушачи, се со зголемен ризик за појава на карцином на бели дробови. Истражувањата покажуваат дека КТ-снимањето на бели дробови за луѓето што се во ризични групи може да ги намали шансите за смртност за 20%.

„Токму затоа оваа група луѓе треба навремено да направи скрининг-тестови, бидејќи ризикот кај нив се зголемува со бројот на испушени цигари и годините на активно пушење. Овој вид карцином почнува тивко и без предупредувања, па ако се открие доцна, можноста за излекување се намалува. Сепак, битката и лекувањето на оваа болест не се залудни ако таа се открие навреме“, вели д-р Јовковски.

Најважни методи за навремено дијагностицирање се компјутерската томографија и бронхоскопијата. Карциномот на белите дробови може да се открие многу рано со помош на компјутерска томографија која би се направила околу 50. година од животот. Рендгенската снимка не е доволна за поставување за сомневање дека кај одреден пациент може да започнува малигно заболување на белите дробови. За конечна дијагностика е неопходно да се направи бронхоскопија или биопсија водена под КТ со кои би се одредил и стадиумот на болеста, а со тоа и начинот на лекување на карциномот. Болницата „Аџибадем Систина“ располага со најсовремениот апарат за компјутерска томографија, Revolution Apex 512 од производителот GE, кој овозможува најбрза, најпрецизна и најточна дијагностика.

„Бронхоскопијата е ендоскопска метода, при што со помош на специјално и многу тенко цевче се стигнува директно до белите дробови, се зема примерок од сомнителното ткиво, а потоа лесно, со помош на посебни анализи, се утврдува за какво заболување станува збор“, објаснува д-р Јовковски.

Во одредени земји се прават бесплатни годишни скрининзи за карцином на белите дробови кај луѓето на возраст од 50 до 80 години, кои пушат подолг период – 20 години.

КАЖЕТЕ СТОП НА ПУШЕЊЕТО!

Според д-р Јовковски, најдоброто нешто што може да го направи секое лице за себе и своето здравје е да се откаже од пушењето. Тој вели дека оние лица што се долгогодишни пушачи треба да се свесни дека токму тоа е главната причина за ова опасно заболување. Цигарите се преполни со хемиски супстанции и покрај тоа што предизвикуваат карцином, го оштетуваат и одбранбениот систем на белите дробови.

„Дишните патишта се обложени со мали ситни влакненца кои нѐ штитат од токсини, бактерии и вируси. Чадот од цигарите ги оштетува влакненцата и тие не ја вршат својата работа. Карциномот почнува тивко, без одредени предупредувачки симптоми. Како што напредува стадиумот на болеста, така се појавуваат и симптомите на долги и хронични кашлици, болки во градите, особено за време на вдишувањето, искашлување крв и замор“, објаснува д-р Јовковски.

ТРЕТМАН

Општо познат метод за третман на карциномот на белите дробови во неговите рани стадиуми е хируршката интервенција. Кога е дијагностициран во третиот или четвртиот стадиум, обично се применува радиотерапија, хемотерапија или комбинирана терапија. Хирургот може да отстрани дел од белите дробови, кои имаат тумор или ако е потребно, и целото белодробно крило. Кај некои пациенти по терапија со зрачење или хемотерапија, по хируршкиот зафат може да се уништат преостанатите канцерогени клетки. Кога карциномот на белите дробови се шири премногу бргу, постојат третмани што можат да им помогнат на пациентите да живеат подолго и да имаат подобар квалитет на живот.

Одделот за пулмологија и алергологија во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ ги применува најсовремените методи во дијагностиката и третманот на белодробните заболувања. На овој оддел се третираат алергии, астма, ХОББ (рана дијагноза и третман), хронична кашлица, дијагностика и третман на туморите на белите дробови и медијастинум. Мултидисциплинарниот пристап и тимот од искусни пулмолози, рендгенолози и торакални хирурзи овозможуваат во најкраток временски период да се постават точна дијагноза и третман и на најкомплексните белодробни заболувања.

Сподели:

Останати написи

  • Добивај известувања за новости!