Наближувањето на летото буди пријатни чувства асоцирани од долгите сончеви денови, релаксираност, море, плажа, пријатни мигови поминати надвор. Сепак, што е со оние семејства што имаат новороденчиња или многу млади доечиња? Дали и колку е безбедно изложување на оваа популација на сонце?
Повеќето педијатри ќе ве советуваат да не ги изложувате вашите новороденчиња на сончевото влијание во текот на летото и тоа би било сосема точно од медицинска гледна точка, но секако не е и многу практично. Затоа ако, сепак, се одлучите да поминете извесен период надвор со вашиот најмлад член на семејството, потребно е да знаете неколку работи поврзани со сончањето, кожата на вашето бебе и нејзината заштита.