„При хипертиреоза тироидната жлезда создава повеќе хормони од што му се потребни на организмот, а при хипотиреоза – не создава доволно хормони. Симптомите се спротивни – кај хипертиреоза постои слабеење, течни столици, потење, срцебиење, тресење на телото, опаѓање на косата, а кај хипотиреоза се јавува зголемување на тежината, тврда или нередовна столица, чувство на студ, сува кожа со кршливост на косата и ноктите“, вели Д-р. Билјана Црцарева за CRNOBELO.com.
Д-р. Билјана Црцарева (47) е магистер по медицински науки, специјалист по нуклеарна медицина/тироидолог вработена во Клиничката Болница „Аџибадем Систина“.
Со нејзиното долгогодишно искуство, таа им дава поддршка на многу пациенти од земјава кои се соочиваат со некои од болестите поврзани со тироидната жлезда и автоимуните заболувања.
Во разговор за CRNOBELO.com, таа одговори на неколку прашања поврзани со сиптомите и проблемите побрзани со тироидната жлезда, ни откри и која е разликата помеѓу хипертиреоза и хипотиреоза, но и зошто Хашимотото се нарекува „епидемија на 21-иот век“.
Прочитајте го интервјуто:
Кај нас постои верување дека од тироидеа заболуваат само жени. Дали е вистина и колку се мажите подложни на ова заболување?
Не, ова не е вистина. Состојбите/заболувањата на тироидната жлезда се јавуваат и кај мажите и кај жените, но разликата е во тоа што кај жените зачестеноста е поголема.
Последните податоци укажуваат дека соодносот маж наспроти жена во однос на овие проблеми е 1:10, односно еден маж наспроти десет жени.
Нема никаква разлика во однос на манифестирањето, односно симптомите се исти и кај жените и кај мажите.

А кои се симптомите што укажуваат на заболување на тироидната жлезда, кои пациентот може да ги забележи сам и пред да дојде кај вас на преглед?
Најчести и првични симптоми што се појавуваат и кои пациентите сами ги забележуваат се изразено слабеење, кое се јавува кај хипертиреозите (заболување каде што тироидната жлезда создава повеќе хормони), потоа течни столици, срцебиење, потење, тресење на рацете.
Спротивно на овие симптоми, кои исто така се забележуваат од страна на пациентите, е зголемување на тежината, кое се јавува кај хипотиреозите (заболување каде што тироидната жлезда не создава доволно хормони), тврда и нередовна столица, побавна работа на срцето, нерасположение.
Тироидеата често ја нарекуваат второто срце на жените. Зошто?
Морам да признам дека овој израз првпат го слушам од вас. Најчесто ја нарекуваат „диригент“ во телото бидејќи без нејзина нормална работа, ниту еден орган не може да функционира како што треба.
Но, има логика да се нарекува и „второ срце“, со оглед на тоа дека емотивната страна и тоа како е засегната кога таа не функционира добро, па можеби оттаму е и оваа споредба.
Знаете ли колку пациенти во Македонија имаат заболувања поврзани со тироидеата? Постојат ли податоци колку е овој број зголемен во изминативе години? И на што се должи ова?
Официјалните бројки за тоа колку пациенти имаат проблем со тироидната жлезда можат да се побараат од страна на Министерството за здравство каде што се води статистика за овие заболувања, како и од Институтот за патофизиологија и нуклеарна медицина каде што се лекуваат најголем број од овие пациенти.
Бројката на годишно ниво се зголемува и тоа не е само тренд кај нас (иако во нашата земја заболувањата се од ендемски карактер), па последните официјални информации кои ги даде Интернационалната федерација за тироидни заболувања во септември оваа година е дека секој шести граѓанин во светот има некаков проблем со тироидната жлезда, или околу 60% од вкупната популација се соочува со некаков проблем на тироидната жлезда, а тоа најчесто е најмалку еден нодус на тироидната жлезда.
Доколку ги бараме причините за оваа состојба, ќе наидеме на повеќе: од фамилијарната предиспозиција, преку стресот во секојдневјето, до хормоналниот дисбаланс кај жените, автоимуните заболувања…
Кои се најчести заболувања на тироидната жлезда со кои се соочувате во вашата практика?
Најчести заболувања на тироидната жлезда се појава на тироидни нодуси (или познато кај општата популација како јазли на тироидната жлезда) кои спаѓаат во морфолошки или структурни заболувања, како и хипотиреозите, односно намалената функција на тироидната жлезда.
Во последниве години во оваа група најчести заболувања е и Хашимотовиот тироидит, кој пак спаѓа во групата автоимуни заболувања.
Што е хипер, а што е хипотироидизам? Која е разликата?
Хипертиреоза е состојба при која тироидната жлезда создава повеќе хормони отколку што му се потребни на организмот, а хипотиреоза е состојба при која тиродната жлезда не создава доволно хормони.
Симптомите се спротивни кај едната и кај другата група, па кај хипертиреозите се јавува слабеење, течни столици, потење, срцебиење, тресење на телото, особено рацете, вознемиреност со нервоза, промена на менструалните циклуси кај жената, како и опаѓање на косата.
Кај хипотиреозите се јавува зголемување на тежината, тврда или нередовна столица, забавена работа на срцето, чувство на студ, сува кожа со кршливост на косата и ноктите, како и повторно засегање на менструалните циклуси кај жените.
Една од автоимуните болести за која во последниве години се зборува е Хашимотовиот тироидит. Што значи оваа автоимуна болест?
Да, сосема сте во право, во последниве години Хашимотовиот тироидит е нешто што го гледаме многу почесто, па пред извесно време на една од конференциите посветени на заболувањата на тироидната жлезда се кажа дека Хашимотото е „епидемија на 21 век“.
Влегува во групата автоимуни заболувања каде што тироидната жлезда организмот ја препознава како туѓо тело, па ја напаѓа.

Таа се брани и сѐ додека е успешна во својата одбрана, хормоните се уредни, но во моментот кога таа станува сѐ послаба, започнуваат да се јавуваат заболувањата во насока на хипотиреоза (почесто), како и хипертиреоза.
А што е Базедова болест?
И Грејвс-Базедовата болест е од автоимуна природа, но таа секогаш е со симптоми на хипертиреоза и карактеристичниот очен феномен на појава на егзофталм, односно испакнување на очните јаболка кон надвор.
Како се третираат автоимуните болести? Постои ли конкретен лек, а ако не, каква терапија препорачувате најчесто?
Секое автоимуно заболување се лекува различно, во зависност од тоа кој орган е засегнат.
Конкретно за тироидната жлезда, сѐ додека само тироидните антитела се покачени (aTPO, aTG), а хормоните (FT3, FT4, TSH) се сосема уредни, не се дава специфична терапија туку само суплементација со витамини и минерали (најчесто Д3, селен, цинк).
Во моментот кога започнува манифестацијата на болеста и доаѓа до нарушување на хормоните, во зависност дали е хипо или хипертиреоза, се даваат одредени лекови.
Колку исхраната и начинот на живот влијаат врз појавата на овие заболувања? Дали глутенската исхрана е фактор што влијае врз проблемите со тироидната жлезда?
Начинот на живот, како и исхраната, имаат влијание во третманот на овие состојби, но за тоа дека исхраната ги поттикнува, не би можела да се согласам (освен кога се внесува јод во големи количини).
Глутенот има влијание кај речиси сите автоимуни заболувања, па често знаеме да дадеме предлог дека доколку пациентите имаат мака кога ја консумираат оваа храна (подуеност во стомакот), да се обидат да го намалат внесот на глутен.
Дали постои одреден тип храна или пијалаци што се препорачуваат за консумирање или кои треба да се избегнуваат поради проблеми со тироидната жлезда?
Веќе напоменав дека може да се намали внесот на глутен или да се исклучи доколку сериозно пречи.
Исто така, даваме силна препорака да не се внесуваат „ликери со млади ореви“ и да не се јаде „мед со млади ореви“.
И да, најбитното, да се користи јодирана сол!
Дали некои од овие заболувања се наследни?
Голем дел од заболувањата на тироидната жлезда се наследни (хипо и хипертиреоза, нодозно изменета тироидна жлезда, Хашимотов тироидит).
Но тоа не значи дека кај сите членови во фамилијата ќе се јават, ниту пак смееме да живееме со стравот дека некогаш ќе ги добиеме.
Може ли да се дејствува превентивно?
Редовни годишни систематски прегледи, кои вклучуваат и преглед на тироидната жлезда со нејзините хормони, практикување на спорт и здрав животен стил, пред сѐ здрава исхрана, неконзумирање алкохол и цигари се само дел од превентивните мерки за здрава тироидна жлезда.
Извор – црно бело



