ТРЕТМАН НА ЈАЗЛИ НА ТИРОИДНА ЖЛЕЗДА

Тироидната жлезда е мала ендокрина жлезда, со тежина од околу 20-30 грама, која е во форма на пеперутка и е сместена во средниот дел од вратот. Во неа се создаваат хормони што влијаат врз целокупниот метаболизам и енергетските процеси во телото. За да се создадат хормоните (Т3 или тријодтиронинот и Т4 или тироксинот), неопходно е во организмот секојдневно да се внесува микроелементот јод преку водата и храната (во нашата држава и преку јодираната сол).

НЕДОСТАТОКОТ НА ЈОД КАКО ПРИЧИНА ЗА БОЛЕСТИ НА ТИРОИДНАТА ЖЛЕЗДА

Болестите на тироидната жлезда се меѓу најчестите заболувања на глобално ниво. Почвата, а со тоа и водата на многу места на планетата Земја се сиромашни со јод, па тоа е и една од причините за појава на овие заболувања. Во нашата земја има недостиг на јод во почвата и водите, па за да се превенира јодниот дефицит, тој се внесува преку јодираната сол. Болестите на тироидната жлезда се почести кај женската популација. Односот маж/жена во појавата на болестите се проценува дека е 1:9. Симптомите се развиваат бавно и постепено, па некогаш може и многу доцна да дојде до точната дијагноза. Д-р Билјана Црцарева, специјалист по нуклеарна медицина, објаснува дека најчестите заболувања на тироидната жлезда се поделени во две големи групи: болести што се јавуваат како последица на нарушена морфологија на тироидната жлезда и болести што се јавуваат како последица на нарушена функција на тироидната жлезда.

ЈАЗЛИ НА ТИРОИДНАТА ЖЛЕЗДА

Кога станува збор за морфолошките заболувања, тука значајно место има појавата на тироидни јазли или нодуси. Тие се среќаваат често и вообичаено се безопасни, па сепак 4-5% од нив може да се и малигни, така што доколку тие се со поголеми димензии или, пак, имаат прогресија при нивното контролирање, може да биде потребно да се направи и нивно скенирање со радиоактивен технециум пертехнетат, како и тенко биопсија водена под ултразвук (кратка и едноставна процедура која трае неколку секунди). Доколку резултатите од биопсијата не покажат постоење на малигни клетки, тогаш тие само се следат (понекогаш може да се препорача и операција доколку се поголеми и прават дискомфор), а доколку имаме појава на малигнитет, тогаш индицирани се хируршко лекување и лекување со радиоактивен јод (во зависност од типот на карциномот).

„Тироидните јазли може да се појават во различен период од животот, кај двата пола и на која било возраст, но кај околу 50% од луѓето се јавуваат на возраст над 40 години и често не претставуваат сериозен здравствен проблем. Не треба веднаш да помислувате на најлошото доколку вашиот лекар ви каже дека имате јазол во тироидната жлезда. За да ја поставиме точната дијагноза кај кое било заболување на тироидната жлезда, потребно е пациентот да се прегледа, да се направи ехосонографски преглед на жлездата, да се изработат тироидните хормони (T3 и Т4, поточно нивните слободни фракции, f T3 и f T4, хормонот TSH кој се излачува од хипофизата и е исклучително битен, а под чија директива функционира тироидната жлезда), како и тироидните антитела (аTPO и аTG), доколку се сомневаме за автоимуна природа на заболувањето“, вели д-р Црцарева.

КОИ ЛИЦА ТРЕБА ДА НАПРАВАТ ПРЕВЕНТИВЕН ПРЕГЛЕД

Редовните превентивни прегледи се исклучително важни за детекција на кое било заболување, па тие се еднакво важни и за рана детекција на болести на тироидната жлезда. Превентивните прегледи се особено важни доколку:

• имате позитивна фамилијарна анамнеза за тироидни заболувања

• сте биле изложени на јонизирачко зрачење

• чувствувате каков било дискомфор во пределот на вратот и градите

• имате видлива промена во предниот дел на вратот.

По поставување на точната дијагноза од страна на доктор, специјалист за нуклеарна медицина/тироидолог, се одлучува за понатамошниот третман на пациентот. Доколку јазлите односно нодусите се големи (најчесто над 2 см) и пречат во секојдневните животни активности, потребно е да се пристапи кон нивно отстранување, кое најчесто е по пат на хируршки третман.

РАДИОФРЕКВЕНТНА АБЛАЦИЈА НА ЈАЗЛИ ВО ТИРОИДНА ЖЛЕЗДА – НОВИНА ВО „АЏИБАДЕМ СИСТИНА“

Микробрановата или радиофреквентна аблација е новина во третманот на јазли на тироидната жлезда во светски рамки, а од неодамна Клиничката болница „Аџибадем Систина“ е пионер во изведувањето. Доц. д-р Александар Ѓорески, интервентен радиолог во „Аџибадем Систина“ објаснува дека за изведување на радиофреквентна аблација на нодуси во тироидната жлезда, мора да постојат строго поставени индикации, а тоа е, пред сѐ, биопсијата што е негативна (иако се започнува да се работи оваа постапка и кај микрокарциноми на тироидната жлезда), потоа големината на јазолот и неговата поставеност, дискомфорот. „Исто така, оваа постапка е погодна и за пациенти кај кои пречи јазолот во смисла на козметички ефект, а подоцна пречи и резот од операцијата, потоа имаат страв од операција и анестезија, а погодна е и во смисла на скратување на болничките денови. Тимот што ја изведува процедурата е составен од специјалисти по нуклеарна медицина, интервентен радиолог и хирург од областа на градната хирургија“, објаснува д-р Ѓорески.

Сподели:

Останати написи

  • Добивај известувања за новости!