Динамична, комуникативна, секогаш насмеана, д-р Маја Стојчевска-Чапова вели дека изборот да стане доктор и да им помага на пациентите е она што ја прави среќна. Успешните приказни, особено кога ќе успее да ја добие животната битка со пациентите, се она што ја мотивира и ѝ дава поттик постојано да оди напред. Иако не потекнува од докторска фамилија, медицината е нејзина животна определба уште од мали нозе. Сите нејзини чекори што ги правела понатаму во животот, целото свое образование и концептот како тоа да тече било со цел еден ден да стане лекар. Дипломирала на Медицинскиот факултет во Скопје во 1995 година во рекорден рок со висок просек. За време на студиските денови, покрај наставата на Универзитетот во Скопје престојувала во медицински центри во Германија и генерално сите нејзини доедукации и усовршувања во медицината се одвивале во земјите со германско јазично подрачје. Стручни усовршувања има и во реномирани медицински центри во Америка.
ПОКРАЈ МЕДИЦИНАТА, ДРУГА ГОЛЕМА ЉУБОВ Ѝ СЕ ЈАЗИЦИТЕ
Паралелно со основното училиште, а потоа и студиите, д-р Маја Стојчевска-Чапова се посветила на изучување странски јазици, па таа сега ги владее англискиот, германскиот и францускиот јазик. Тоа ѝ помага и во работата со пациентите бидејќи често се случува во текот на денот да комуницира на повеќе странски јазици со различни пациенти.
РАДИОЛОГИЈАТА НАЈМНОГУ ОДГОВАРА НА НЕЈЗИНИОТ КАРАКТЕР
Иако радиологијата не била популарна во времето кога д-р Чапова ги завршила студиите, таа вели дека ова е професијата во која целосно се пронаоѓа.
„Мислам дека радиологијата најмногу одговараше на мојот карактер затоа што е една исклучително динамична професија, професија што во секој момент носи нешто ново и она што е најинтересно и што мене најмногу ме исполнува е дека ве одржува во постојан контакт со сите други гранки од медицината. Не заглавувате само на едно подрачје и по 20 години работа туку постојаниот контакт со колеги од најразлични медицински профили ве тера да размислувате, да истражувате, да читате и да се едуцирате во различни области. Се среќавате со различни типови пациенти, секојдневно мора да бидете со максимална концентрација бргу да преминете од една тематика на друга, а истовремено да имате добра комуникација со колегите, за да тече сѐ непреченo,“ вели д-р Чапова.
Д-Р ЧАПОВА ВОВЕДЕ НОВИ МЕТОДИ ВО РАДИОЛОГИЈАТА НА ДОЈКА
Две и пол години волонтирала во Клиничкиот центар во Скопје, на Институтот за радиологија каде што потоа и специјализирала. Во тој период на Одделот за радиологија на дојки имало недостиг од персонал, па оттаму започнува и предизвикот на д-р Чапова да воведе нови процедури и да ја развие оваа област. Во периодот кога д-р Чапова се насочила кон дијагностика на дојки, се работеле само две методи – ехосонографија и мамографија на дојка.
„Сакав да направам промени, да воведам нови методи, да бидам добра во тоа што ќе го работам, сѐ со крајна цел да им помогнам на пaциентите. Почнав да истражувам и да барам стручни курсеви за да видам каде можам да одам на доедукација. Тогаш имав многу голема поддршка и од моите родители и од мојот сопруг. Имавме консензус дека моето образование мора да тече и дека дел од нашите приходи ќе бидат посветени за моето образование. Периодот на доедукација бараше голем влог, но свесна бев дека го прaвам најдоброто за мојот развој како радиолог. Кога решив дека ќе се посветам на радиологијата, си ставив пред себе предизвик дека морам да ја доведам на ниво како што се работи нaсекаде во светот. Започнав со воведување на сите видови биопсии со акцент на core-биопсија, маркирања со жици, ја воведов магнетната резонанца на дојка и таа сега веќе се работи како стандардна процедура. Ги имплементирав во секојдневната работа сите овие процедури, вршев едукација на колегите затоа што имаат потреба од нив, односно дека прави разлика во она што било досега во дијагностиката. Инсистирав и успеав да го стандардизираме и пишувањето на извештаите и да се применува BI-RADS класификацијата. Во 2018 година завршив и докторски студии од областа на радиологија на дојка“, објаснува д-р Чапова.
ПОЧНАВМЕ ДА РАБОТИМЕ ВИСТИНСКА РАДИОЛОГИЈА НА ДОЈКА
Предизвикот беше голем бидејќи имате чувство дека создавате нешто ново и затоа потенцирам дека целиот тој процес, воведувањето нови методи, јас го чувствувам како мое трето дете. Кариерата и развојот на имиџинг-делот во радиологијата ги сметам за свој најголем успех, најголем проект и го сакам буквално како свое трето дете.
СЕМЕЈСТВОТО Е МОЈАТА НАЈГОЛЕМА ПОДДРШКА
„Кога имате поддршка од семејството, сѐ се одвива многу природно. Со сопругот Димитар бевме и сме еден тим којшто работи заеднички, честопати и без договор, со оглед дека се разбираме кој која обврска ќе ја преземе. Морам да кажам дека имаше периоди кога имав чувство дека на децата им одземам некој дел од времето што повеќето мајки се во можност да им го дадат. Гледав да скратам од некои други свои ангажмани, за да се посветам на децата, но бев решена дека тргнав по мојот пат, за да ја исполнам својата цел. Сега моите деца се големи и свои и веќе се на добар пат да го исполнат својот сон. Ќерката Калина (22 г.) заврши правен факултет, меѓународно и европско право на Универзитетот во Гронинген во рекорден рок и веќе продолжува на мастер во Мадрид на ИЕ Универзитетот, исто така престижен универзитет каде што ќе студира интелектуално и технолошко право. Синот Витан (20 г.) одбра да студира бизнис менаџмент на Универзитетот Есаде во Барселона, кој исто така е еден од најпрестижните универзитети во Европа. „Не влијаевме врз нивниот избор за професија, но им даваме максимална поддршка и сме секогаш тука за нив“, вели д-р Чапова.
Д-Р ЧАПОВА Е ЕДИНСТВЕНИОТ ЕВРОПСКИ СЕРТИФИЦИРАН ДИЈАГНОСТИЧАР ЗА ДОЈКА ВО ЗЕМЈАВА И ВО РЕГИОНОТ
Во 2013 година во Виена д-р Маја Стојчевска-Чапова го положи испитот на Европското здружение за снимање на дојка (European Society of Breast Imaging – EUSOBI) и се здоби со европски сертификат за радиологија на дојка.
„За да може да се полага испитот, потребно е претходно комисијата да ве оцени како веродостоен кандидат. За таа цел треба да дадете информации за своето формално образование и доедукација, како и пристап до вашата работа и извештаи во рок од 2 или 3 години за да видат колку пациенти имате прегледано, на каков пристап работите и со каква патологија. Испитот се состоеше од три дела и содржеше теоретски и практичен дел. Јас сум првата генерација европски радиолози што го полагаше испитот и го положив со успех“, вели д-р Чапова.
„АЏИБАДЕМ СИСТИНА“ ГО ИМА НАЈДОБРОТО ОДДЕЛЕНИЕ ЗА РАДИОЛОГИЈА НА ДОЈКА ВО ЗЕМЈАВА
Мисијата на д-р Чапова да ја доведе радиологијата на ниво на светските центри се исполни благодарение на поддршката од менаџментот на болницата „Аџибадем Систина“. Таа е основач на Одделението за радиологија на дојка каде што веќе 15 години работи и вели дека со тимот ги имаат почетната енергија и ентузијазам.
„Благодарна сум што наидов на разбирање и што менаџментот на болницата ги препозна моите визии и желби за тоа како да биде поставено одделението. Едноставно бев прашана за сѐ – каква апаратура ми треба, какви услови, па дури и како треба да изгледа мојот работен простор, со цел беспрекорно да се одвива процесот на третман на пациентите. Уште од првиот ден ја имам најдобрата опрема, онаа што е најпотребна, а која секоја година се надградува, со цел постојано да воведуваме нови и нови методи, така што со гордост можам да кажам дека го имаме најдоброто одделение за радиологија на дојка и сме единствени по тоа што од почеток до крај имаме грижа за пациентите што имаат болести на дојка. Тоа значи навремена дијагностика, одлична хирургија со одличен тим хирурзи, одлични патолози што ги прават сите патохистолошки анализи. Тука е и тимот онколози што се едни од најдобрите кај нас. Она што ме воодушевува е тоа што работиме со истата енергија како од првиот ден, секојдневно се консултираме еден со друг во врска со пациентите, работата е мултидисциплинарна и секогаш гледаме да биде завршена и бргу, и ефикасно, и квалитетно..“, вели д-р Чапова.
„Ме прави среќна комуникацијата со пациентите и нивната насмевка. Многу сум среќна кога ќе ми дојде на контрола пациентка што сум ја дијагностицирала и ја водам веќе 20 години, а таа жена е здрава, изгледала семејство, дочекала внучиња и влегува кај мене насмеана. Ме прави среќна кога ќе победиме една тешка епизода со кој било пациент. Пациентка која пред 7 години помина низ пекол на свои 27 години, сега е добра и дојде на контрола со своето бебенце. Тоа не се опишува со зборови. Ме прави исполнета тоа што можам да придонесам во животот на некои луѓе, со тоа што некој тежок период од животот ќе им се смени на позитивно и не сакам да се откажам од тоа. Тоа е мојата енергија, тоа е таа сила што ја црпам секојдневно и ми дава можност да продолжам во тој правец“, вели д-р Чапова.