Без разлика дали забите сте ги загубиле поради дентални инфекции, кариес, несреќа или повреда, имплантите се револуција во стоматологијата, идеално и долготрајно решение кое се користи кога треба да се надомести eден или повеќе заби. Тие се биокомпатибилни, ја подобруваат функцијата и естетиката, и што е најбитно ќе ги чувствувате како вашите заби. На овој начин повторно ќе си ја вратите вашата насмевка.
Кој може да биде кандидат за поставување имплант?
Кандидат за оваа постапка може да биде секој човек на кој му недостига заб (заби) и му е нарушена можноста за џвакање, естетскиот изглед или говор. Имплантите може да бидат решение и за отежнатото или невозможното носење на забни протези. Одредени системски заболувања кои се контролираат со разни лекарства можат да бидат релативна контраиндикација за поставување имплант. Вашиот стоматолог најпрво ќе ви направи 3D панорамска снимка на забите, план за лекување и ќе ви го објасни целиот процес на поставување на имплантот. Со анализа на 3D снимката може да се процени коскената густина и состојбата на непцето. Доколку кандидатот за оваа интервенција е пушач, консумира алкохол, има бруксизам (чкрипи со забите ) не значи дека веднаш треба да се откаже од идејата за поставување импланти. Едноставно прво треба да го реши проблемот со овие штетни навики па потоа да продолжи со постапката.
Кога не се поставува имплант?
Имплантот не се поставува кај млади пациенти кај кои сè уште целосно не се развиле вилиците (девојчиња под 16 години и машки под 18 години), кај трудници во првиот триместар, луѓе кои консумираат алкохол, пушачите, пациенти кои се под зрачна(радијациона) терапија на карцином во пределот на главата и вратот или примаат бифосфонатна терапија. Луѓето, пак, кои имаат проблеми со нерегулираниот крвен притисок, дијабетес, различни типови хемофилија или остеопороза се потенцијални кандидати, но најпрво треба да го регулираат основното заболување.
Тек на изведување на постапката
Постапката се изведува со локална анестезија, најпрво се прави лежиште за имплантот и потоа истиот се поставува во вилицата на местото на загубениот заб, без да се оштетат соседните заби. Имплантот се поставува во коската на горната или долната вилицата, со специјални сврдла(борери) и е изработен од висококвалитетен титаниум. Игра улога на корен на забот и најчесто се врзува со вилицата преку т.н.цврста (анкилотична) врска што го прави поцврст од природните заби. Денталните импланти спаѓаат меѓу револуционерните процедури во стоматологија, тие ја враќаат функцијата и естетскиот изглед, ја зачуваат симетријата на лицето и го спречуваат процесот на губење на вилична коска.
По поставување на имплантот…
По поставувањето на имплантот, за да се регулира болката, доколку ја има, се препорачува консумирање аналгетици, а за да се спречи можноста од појава на инфекции се дава 7-дневна антибиотска терапија, како и ладни облоги за да се редуцира отокот. Битно е да ги следите советите од вашиот стоматолог и да одржувате редовна дентална хиена , исто како што правите и со другите заби. Редовно миење на забите т.е. протетската конструкција, чистење со забен конец и антисептички раствори за заби во домашни услови се налага како императив. Добрата страна е тоа што имплантот не може да се расипе како природниот заб, но доколку не водите грижа за него постои опасност од развој на инфекција околу него позната како периимплантитис. Бидејќи имплантите се изработени од биокомпактибилни материјали, организмот одлично ги прифаќа. Стоматолозите препорачуваат по поставување на имплантот да се прават редовни посети кај стоматологот со што ќе се следи процесот на врзување со коската, ќе се исчисти забниот плак и ќе се следи состојбата на меките ткива околу имплантот. Стручно поставениот имплант, следејќи ги протоколите за изведување на оваа интервенција ќе ви овозможи протетско решение кое ќе ви гарантира подобрување на квалитетот на животот.