Сигурни сме дека последната работа која ќе ви дојде на памет е да купите милениче кога очекувате бебе. Но, замислете дека токму тоа може да го заштити вашето бебе од алергиите.
Колку и да ви звучи чудно, доколку чувате домашно милениче додека вашите деца се мали, тоа може да ги заштити и да ги направи поимуни од алергии од кучиња и мачки во подоцнежните години.
Истражувањата покажаа дека бебињата под 1 година кои се во близина на домашно милениче се помалку подложни на алергии. И уште поинтересно, играњето и трчањето околу миленичето ви ги заменува потребните вежби од 30 минути, кои ви се препорачани од докторот.
Што ако вашето дете е веќе алергично?
Доколку вашето малечко е алергично на домашните миленици, во тој случај повеќе од сигурно е дека веднаш ќе го отстраните миленичето од домот. Втора опција е одвојувањето на домашниот миленик од бебето во друга просторија и користење на освежувачи на воздухот или, пак, често капење на миленичето.
За третман неопходно е да се консултирате со педијатар –пулмоалерголог кој ќе ви препише терапија за контролирање на симптомите на носот и очите, како и имунотерапија доколку е потребно.
Кои се симптомите од овие алергии?
Благите реакции се манифестираат преку симптоми кои зафаќаат посебна регија на телото, од типот на осип, чешање, насолзени или крвави очи или, пак, течење на носот. Овие реакции не се шират кон другите делови од телото.
Умерените реакции се манифестираат преку симптомите кои се шират и на другите делови од телото. Симптомите може да вклучат чешање, осип, оток и проблеми со дишењето.
Сериозните реакции, попознати под името „anaphylaxis” се доста ретки и опасни по живот. Реакцијата е многу брза и може веднаш да го зафати целото тело. Првите симптоми на анафиликсот се чешање на очите и лицето. По неколку минути се појавуваат посериозни симптоми, меѓу кои отекување на грлото, што може да предизвика проблеми со дишењето и голтањето, болка во стомакот, грчеви, повраќање, дијареа, чешање и отекување.
Доколку сметате дека вие или вашето дете има алергија на домашното милениче, не чекајте, веднаш посетете доктор. Доколку симптомите траат една недела или две, тогаш консултирајте се со специјалист алерголог или имунолог.