Ендокардитис е воспаление или инфекција на внатрешната (endokardialna) површина на срцето кое може да вклучува една или повеќе валвули или други структури. Според проф. д-р Салис Таџер, кардиохирург, ендокардитисот често е предизвикан од бактерии кои нормално живеат на кожатa, во внатрешноста на дигестивниот тракт или во уринарниот тракт.
Најчест извор на бактерии се расипаните заби
Најчестиот и најопасен извор се расипани заби. Со секое миење, четкање на забите со тврди четки гингивите се оштетуваат и го зголемуваат бројот на бактерии во крвта. Нормален организам и имунитет самиот може да се избори и не се случува ништо. Ако овие бактерии влезат во крвотокот, тие може да „се налепат”, поточно да се „населат” на којa било оштетена површина во внатрешноста на срцето и да предизвикаат вегетација или апцсес – нов „извор” на инфекција кој не секогаш е достапен на антибиотиците. Населените бактерии–вегетации може да достигнат огромни димензии (сантиметри) и да бидат мобилни. Тогаш постои голема опасност од ослободување или распаѓање на истите. Тоа значи дека фрагментите може да одлетаат низ крвните садови каде било во телото и да предизвикаат во најлош случај мозочен удар, дури и апцсес во мозокот. Оштетувањето на ткивото, а посебно кога се нападнати залистоците, може да им ја наруши нормалната функција и да доведе до валвуларна инсуфициенца која може да доведе до тежок за- стој и слабост на срцето.
Деструкција на ткивата и структурите во срцето
Инфективниот ендокардитис обично почнува како небактериски тромбоцитен ендокардит, кој поради трансиентна бактерија (појава на бактерии во крвта) се колонизира со бактерии, најчесто од фамилијата стрептококус, но во ¼ од случаите со стафилококи. Најчестo се зафатени абнормалните срцеви залистоци, но, исто така, се на удар сите импланти, како на пример вештачките залистоци, електроди од пејсмекери и др. Ендокардитот доведува до деструкција на ткивата и структурите во срцето, а и како емболија може да се рашири и до другите одалечени органи.
Ризични групи за ендокардитис
Инциденцата е различна во разни социоекономско развиени подрачја, но просекот е 5-10 случаи на 100.000 жители. Иако ендокардитисот може да се појави кај секого, сепак, тоа ретко се случува кај луѓе со здрави срца. Како ризични групи за ендокардитисот се:
- Пациенти со вродени срцеви мани, најчесто со валвуларни болести/промени
- Постоење на вештачки залистоци по претходна операција на отворено срце
- Дентална хирургија
- Интравенска употреба на дроги
Симптоми
Симптоми на ендокардитот се температура со треска, ноќно потење, болки во мускулите и зглобовите, отежнато дишење, слабост, блед аспект, губење на тежина. Кај зглобовите може да се појават мали поткожни израстоци и крвавењa под ноктите. Појавата на нов срцев шум ќе му укаже на вашиот лекар да направи сериозни испитувања – крвна слика и крвни култури. Во повеќето случаи, ендокардитисот се лекува со антибиотици подолг период, вообичаено е 4 до 6 недели, и тоа најчесто интравенски. Во потешки случаи кај нетретирани ендокардитиси, а што е сè почесто кога станува збор за резинстентни бактерии, може да има потреба и од валвуларна хирургија, што вклучува и за- мена на залистоците. Хируршка интервенција како поправка или замена на залистокот е потребна во 20-40 % од случаите.
Внимавајте
Бактериите секогаш го напаѓаат болниот залисток. Затоа секоја температура, стоматолошка интервенција, загнојувања мора веднаш да се лекуваат со антибиотици. Доколку се обрне внимание на ова, во голема мера ќе ја намалиме инциденцата на ендокардит на срцевите залистоци.