Ендометриозата е дефинирана како нормална ендометријална лигавица неприродно имплантирана во секоја друга локација освен во празнинатa на матката. Со други зборови, се работи за болест кога слузницата на матката се појавува, расте и функционира надвор од телото на матката. Вака раселената и вгнездена слузница поминува низ сите фази на еден менструален циклус, исто како и ендометријалната слузница во матката. Д-р Јосиф Ѓорески, гинеколог акушер, вели дека ендометриозата може да ги зафати јајчниците, јајцеводот, надворешниот дел на матката, дебелото црево и други внатрешни регии.
ЕДНА ОД ТРИ ЖЕНИ СО ЕНДОМЕТРИОЗА Е БЕЗ СИМПТОМИ
Ендометриозата има многу клинички манифестации и што е најважно, болеста има крајно непредвидлив тек. Да нагласиме дека една третина од жените немаат симптоми, но кога тие ќе се појават настануваат типични рефлектирани знаци од областа и органот што е зафатен од ендометриозата како: дисменореја (болна менструација), тешки и нерегуларни крвавења, пелвична болка, ниска болка во стомакот или грбот, диспареунија (неподносливи сексуални односи), болна дефекација придружена или со дијареја (проливи) или со опстипација (тврда столица), надуеност во стомакот, гадење, повраќање, препонски болки, болка при мокрење и болка при вежбање.
КОИ СЕ ПРИЧИНИТЕ ЗА ОВА ЗАБОЛУВАЊЕ?
Причината за растење на ендометриското ткиво надвор од матката не е позната, но постојат неколку теории за тоа. Ендометриозата може да биде и вродена, така што некои ендометриски клетки можат да се најдат уште од самото раѓање. Друга теорија, пак, е дека ендометријалните клетки, кои се исфрлаат со менструалната крв, наместо да излезат целосно надвор, се враќаат назад низ јајцеводите до пелвичната празнина. Овие клетки имаат способност да се лепат на органите и да растат и крвават во одредени периоди во зависност од менструалниот циклус. Ова се само две од многуте теории за појавата на ендометриоза.
ДИЈАГНОЗА
Од неинвазивните дијагностички постапки, наједноставна постапка е ултразвук, неприкосновен за гениталната дијагностика. Ретко употребуваме MRI (магнетна резонанца), особено кога има сомнеж за друга локализација, екстрагенитално. Од инвазивните постапки се применува лапароскопија, процедура со многу висока сензитивност од 97%, но со пониска специфичност од 77%, која не е само дијагностичка туку и тераписка постапка кога е проследена со одредени оперативни постапки. Најзафатени органи по следниов редослед се: • јајчниците
• задутериниот простор (cavum Douglasi)
• утеросакралниот лигамент
• ректосигмоидалниот дел од дебелото црево
• мочниот меур
• долниот крај на уретрата (долниот мочен канал).
ТРЕТМАН
Двете примарни цели во лекувањето на ендометриозата се намалување на болката и справување со стерилитетот. Симптомите кај ендометриозата зависат од цикличната продукција на хормоните во еден менструален циклус. Од таму произлегува и терапијата на ендометриозата. Најцелисходен природен метод за лекување на ендометриозата е бременоста. Но, мора да нагласиме дека 30-40% од жените со ендометриоза имаат намалена способност за забременување, па дури се и стерилни.
„Медикаментозната терапија обично ги потиснува симптомите и спречува прогресија на ендометриозата, но не обезбедува долготрајно лекување на болеста. Стапката на повторување кај жените што првично имале минимална болест е приближно 35%, додека кај оние жени кај кои била тешка стапката на почетната болест е приближно 75%. Иако постојат неколку медикаментозни терапии за ендометриоза, ФДА ги има одобрено само даназол, GnRH-агонисти и елаголикс, антагонист на GnRH. Други терапии вклучуваат традиционални орални контрацептиви (OCs), нови прогестогени како што се гестринон и диеногест, орален антагонист на GnRH, levonorgestrel-releasing intrauterine system (IUS), инхибитор на ароматаза летрозол и одредени селективни модулатори на прогестеронските рецептори“, објаснува д-р Ѓорески.
Хируршката терапија може да послужи како дополнителна или алтернатива на медикаментозната терапија и може да помогне да се спречи или одложи понатамошната прогресија на болеста. Главната улога на хируршката терапија во справувањето со ендометриозата е да обезбеди симптоматско олеснување и да ја подобри плодноста. Хируршката терапија може да биде конзервативна, кога го сочувуваме репродуктивниот потенцијал кај пациентката. Најчесто се употребува лапароскопска цистектомија со дренажа (кога имаме оваријална ендометриоза). Но, може да се употреби и аблација, пресакрална невректомија и лапароскопска утерина нервна аблација (LUNA). Потоа имаме семиконзервативна хируршка терапија – кога репродуктивните можности се смалуваат или се елиминираат, но се сочувува функцијата на јајчниците. Овие методи се употребуваат кај пациентки со решена репродуктивна функција, а се многу млади за да навлезат во хируршка менопауза, па се прави хистеректомија и циторедукција на пелвичната ендометриоза. Постои и радикална терапија, кога матката со јајчниците се отстрануваат. Тоа најчесто опфаќа тотална абдоминална хистеректомија со билатерална аднексектомија и циторедукција на визуелните жаришта на ендометриозата, како и адхезиолиза за обновување на нормална интрапелвична топографија и функција.