Препуциумот, во секојдневниот говор познат како „кожичка“, претставува кожа што го покрива и заштитува глансот на пенисот. Тој е составен од два слоја: надворешен кожен лист, сличен на кожата на останатиот дел од пенисот и внатрешен мукозен лист, кој е во директен контакт со глансот.
НОРМАЛЕН РАЗВОЈ НА ПРЕПУЦИУМОТ
Недоволното познавање на нормалниот раст и развој на препуциумот е една од главните причини за многубројните заблуди поврзани со негата на необрежаното машко дете. Во секојдневната клиничка практика, д-р Златко Алексовски, детски хирург, објаснува дека често се среќава со несоодветни совети за хигиена, непотребни манипулации и голем број неоправдани циркумцизии.
Кај новородените машки деца, препуциумот физиолошки е долг и тесен, а неговиот внатрешен лист е природно слепен за глансот. Поради тоа, ретракцијата на препуциумот кај новороденче не е можна, а студиите покажуваат дека тоа не е возможно ниту кај околу 96% од децата во првата година од животот.
Во текот на растот, врвот на препуциумот постепено станува поширок, додека глансот и пенисот растат. Истовремено, природно исчезнуваат атхезиите помеѓу внатрешниот лист и глансот, со што постепено настанува спонтано одлепување и ретракција на препуциумот. Овој процес може да трае со години и значително варира од дете до дете, често продолжувајќи и во пубертетот. Затоа, неможноста за ретракција кај мало дете претставува нормална развојна состојба, а не патолошка промена.
ФОРСИРАНА РЕТРАКЦИЈА – ЧЕСТ И ШТЕТЕН ПРИСТАП
Секое насилно или форсирано повлекување на препуциумот со цел „отворање“ или чистење на глансот се смета за форсирана ретракција и не треба да се практикува.
„За жал, токму овие манипулации често се препорачуваат уште во најрана возраст, па дури и од медицински персонал. Форсираните ретракции можат да предизвикаат микротрауми и расцепи кои зараснуваат со лузни, создавајќи фиброзен, нееластичен прстен и вистинска фимоза. Современите препораки на детските хирурзи укажуваат дека единственото лице кое треба да прави ретракција на препуциумот е самото дете, кога тоа природно ќе стане возможно и безболно“, објаснува д-р Алексовски, детски хирург.
ШТО Е ВИСТИНСКА ФИМОЗА?
Фимозата претставува отежнато или целосно оневозможено повлекување на кожичката преку глансот на пенисот. Оваа состојба може да биде вродена или стекната и често ги загрижува родителите околу тоа како треба да се грижат и кога да побараат стручна помош. Неможноста за ретракција на препуциумот настанува поради постоење на фиброзен, лузнест прстен на неговиот врв. Оваа состојба се нарекува и цикатрицијална фимоза.
Најчести причини за појава на лузнеста фимоза во детската возраст се:
- повторувачки инфекции (баланит и баланопостит),
- форсирани и повторувани ретракции.
Особено е важно да се нагласи дека физиолошката неретрактилност сама по себе не е причина за инфекции. Напротив, залепениот препуциум во периодот кога детето носи пелени претставува природна заштитна бариера за глансот и уретрата.
Цикатрицијалната фимоза претставува главна медицинска индикација за циркумцизија.
Балонирање при мокрење
Кај дел од децата родителите забележуваат балонирање на препуциумот при мокрење. Оваа појава настанува поради притисокот на урината и најчесто се јавува во период кога препуциумот постепено се одлепува од глансот. Според достапните студии, балонирањето не го попречува мокрењето, не е опасно и не претставува индикација за хируршки третман.
ИНФЕКЦИЈА ИЛИ НОРМАЛНА ПОЈАВА
Белите грутчиња што понекогаш се забележуваат под препуциумот се нарекуваат смегма перли. Тие се состојат од нормално одлепени клетки од глансот и претставуваат дел од природниот процес на сепарација на препуциумот. Смегма перлите не се инфекција и не претставуваат причина за загриженост.
ПРАВИЛНА НЕГА НА НЕОБРЕЖАНО МАШКО ДЕТЕ
Негата на гениталната регија кај бебињата и малите деца треба да биде едноставна и нежна, без посебни манипулации. Гениталиите се мијат како и останатите делови од телото.
Кај постарите деца, кога ретракцијата станува природно возможна, препуциумот треба нежно да се повлече онолку колку што дозволува, без болка и форсирање, да се измие видливиот дел од глансот и потоа препуциумот повторно да се врати во својата нормална позиција.
Современиот пристап кон препуциумот кај децата подразбира почитување на природниот развој, избегнување непотребни интервенции и едукација на родителите и здравствените работници.
50% ПРОМОТИВЕН ПОПУСТ ЗА ЦИРКУМЦИЗИЈА
Клиничката болница „Аџибадем Систина“ нуди промотивен попуст од 50% за интервенцијата циркумцизија (обрежување), наменет исклучиво за деца на возраст од 6 месеци до 15 години. Интервенцијата ја изведуваат искусните детски хирурзи доц. д-р Ристо Симеонов и д-р Златко Алексовски, кои зад себе имаат голем број успешно изведени интервенции од оваа област.
За повеќе информации, обратете се во контакт-центарот на телефон 02 30 99 500.



