КАКО ДА ЈА ПРЕПОЗНАЕМЕ И ДА СЕ СПРАВИМЕ СО ДЕТСКАТА ПСИХОЛОШКА ТРАУМА- „МАЛИ СРЦА, ГОЛЕМИ БОЛКИ“

Траумата кај децата се однесува на комплексниот психолошки одговор и реакции на детето од доживување на еден или повеќе стресни настани или искуства, кои се длабоко вознемирувачки, насилни, опасни и емоционално болни и кои го надминуваат детскиот капацитет за справување со ситуацијата. М-р Ивана Хаџиванова, психолог, психотерапевт, објаснува дека стресните трауматски настани или искуства предизвикуваат интензивно чувство на застрашување, загрозеност и небезбедност на физичкиот интегритет на детето и нарушување на психолошкиот и емоционален еквилибриум.

КАКВИ НАСТАНИ И СТРЕСОРИ МОЖАТ ДА ПРЕДИЗВИКААТ ТРАУМАТИЗАЦИЈА КАЈ ДЕЦАТА?

Родителите ја имаат најодговорната задача. И покрај трудот и нивното грижливо родителство со максимална посветеност на заштита на детето, сепак трауматски настани може да се случат во животот на детето. Ова се неколкуте стресогени настани и случувања кои можат да предизвикаат значителен психолошки трауматски стрес и реакции кај децата, а кои бараат навремено препознавање и интервенција:

  • физичка, сексуална и емоционална злоупотреба,
  • занемарување,
  • семејно насилство,
  • губење на родител или блиска личност,
  • природни катастрофи (земјотреси, поплави, пожари),
  • сериозни болести или повреди, y автомобилски несреќи,
  • булинг – врсничко насилство, y киднапирање или заложништво,
  • развод или конфликтни односи меѓу родителите, y воени конфликти или терористички напади,
  • сведочење на криминални дејствија како што се грабеж, напад или друго насилство,
  • сиромаштија и бездомништво, малтретирање или дискриминација (врз основа на етничка, религиозна или друга припадност) итн.

„Ова може да се случи преку директно доживување на настанот, сведочење на настанот што се случува на други, или слушање за трауматски настани што се случиле на блиски членови на семејството или пријатели. Траумата го нарушува чувството на сигурност и доверба кај детето, може да има негативни импликации врз неговиот раст и развој, да предизвика тешкотии во приврзувањето и да доведе до зголемена вулнерабилност на менталното здравје и во иднина. Со оглед на времето на појавување на реакциите и симптомите кај детето, тоа може да биде непосредно и веднаш по трауматското искуство и настан, како акутна стресна реакција, но збирот од мисли, чувства и дејства предизвикани од трауматизацијата може да траат со месеци и подолго, со долготрајни сериозни психосоцијални последици, страдање и реакции при обидот за адаптација, во насока на посттрауматско стресно растројство кај детето“, вели Хаџиванова.

КАКО ДА ПРЕПОЗНАЕМЕ ДЕКА ДЕТЕТО ДОЖИВЕАЛО ТРАУМА?

Детето што преживеало трауматски стрес често покажува различни манифестации, реакции и симптоми со промени во однесувањето, емоциите и физичкото здравје. Овие промени може да бидат суптилни или очигледни, во зависност од природата на траумата и возраста на детето, како и од неговата личност. Реакциите на трауматските настани се сметаат за разбирливи или нормални реакции на абнормални околности.

Емоционалните реакции кај детето може да бидат во насока на анксиозност, вознемиреност и постојана загриженост, со стравови од повторно доживување на трауматскиот настан и појава на стравот од смрт, депресивна реакција со доминација на тага и анхедонија, односно губење на задоволството и интересот за активностите што претходно носеле среќа. Детето може да доживува чести осцилации во расположението, да биде невообичаено тажно и плачливо или да покажува силни емоционални реакции на настани што изгледаат безначајни за другите. Детето може да стане лесно раздразливо или агресивно, а во заднина на бесот да се кријат: стравот, тагата, срамот и грижата.

„Бихејвиоралните промени во однесувањето често се првите индикации за траума кои родителите можат да ги забележат. Детето може да почне да избегнува одредени луѓе, места или активности кои го потсетуваат на трауматскиот настан. Некои деца покажуваат регресија, како што е мокрење во кревет (секундарна енуреза), цицање на палецот, бебешко говорење или негативно привлекување внимание, иако претходно ја надминале развојната фаза за која тоа однесување е очекувано и нормативно. Детето може да стане повлечено, да избегнува социјални контакти или да се однесува поагресивно кон другите и со негативизам. Чести се и тешкотиите со спиењето во насока на кошмарни сонови или страв од заспивање, а може да има и промени во нагонот за исхрана. Некои деца реагираат со опаѓање на енергијата, изгледаат уморни и со помала енергија, а некои стануваат психомоторно пораздвижени и со зголемен активитет“, објаснува Хаџиванова.

Физичките знаци на доживеан трауматски стресор често се манифестираат со зачестени психосоматски болки и поплаки како главоболки, болки во стомакот или други телесни симптоми, без очигледна медицинска причина. Когнитивните реакции, пак, се манифестирани низ тешкотии со концентрацијата и вниманието, често настанува хипервигилност што влијае врз намалени капацитети за помнење и учење, а тоа носи тешкотија во совладување на училишниот материјал и може да резултира со промена и пад во успехот. Детето може да има и дисоцијативни симптоми, како резултат на траумата и за околината може да изгледа како да е повремено отсутно и „со мислите на друго место“, исклучено од случувањата во околината и со тешкотии да остане фокусирано на задачите.

Социјалните промени може да се изразени со избегнување на пријателите. Тоа може да има тешкотии во односите со врсниците или може да се чувствува отуѓено. Некои деца бараат постојано внимание од возрасните или покажуваат прекумерна приврзаност за родителите и може воопшто да не сакаат да останат сами, така што реагираат бурно и анксиозно на обидот за сепарација, додека други се повлекуваат и изгледаат индиферентно до апатично.

Малите деца до 5 години многу често презентираат игра во која ја повторуваат траумата и цртаат цртежи што имаат индикатори и елементи на траумата што ја доживеале. Кај децата може да се навраќаат наметливи мисли и слики за трауматскиот настан. Училишните деца често презентираат намалена самодоверба и поголема несигурност во училишниот перформанс, но и во целокупното однесување, како реакција на трауматскиот стрес. Неретко е и чувството на вина кај децата, кое е дополнителен емоционален товар во секојдневјето, иако објективно може да нема основа за тоа. Адолесцентите може, дополнително на горенаведените знаци, да имаат реакција и тешкотии со идентитетот и сликата за себе, како и ризично однесување во насока на злоупотреба на психоактивни супстанции и автодеструктивно однесување.

КОИ СЕ ПРЕПОРАКИТЕ ЗА ПОМОШ И ПОДДРШКА НА ДЕТЕ ШТО ПРЕЖИВЕАЛО ТРАУМА?

Детската траума може да има значителни и долгорочни последици врз емоционалниот, когнитивниот, бихејвиоралниот и физичкиот развој на детето. Tокму затоа м-р Ивана Хаџиванова потенцира дека особено е важна раната интервенција од родителите, околината и стручна професионална поддршка.

Слушајте со емпатија и создадете безбедна средина каде што детето може да ги изрази своите чувства. Бидете трпеливи и поддржувачки, валидизирајте ги сите негови емоции.

Одржувајте стабилност во домот и воспоставете предвидливи рутини за да го намалите стресот.

Едуцирајте се и разберете како траумата влијае врз децата и како да реагирате.

Поттикнете го изразувањето емоции и охрабрете го детето да ги сподели своите чувства преку зборување, уметност (цртеж, музика, скулптура, глума) и игра.

Уметноста и играта се одличен и многу ефикасен тераписки медиум за експресија и процесирање на емоциите кај децата.

Побарајте професионална помош од професионалец за ментално здравје, психолог, психотерапевт или психијатар за деца и младинци, за соодветна стручна поддршка. Психотерапевтските правци и техники како терапија низ игра (Play therapy), EMDR (преку движење на очите до десензитизација и репроцесирање), арт-терапија, траума-фокусирана когнитивно-бихејвиорална терапија (TF-CBT) и семејно-системска терапија се мошне ефикасни методи за стручна помош на деца што доживеале траума.

Поттикнете чувство на безбедност и уверете го детето дека е заштитено и дека се грижите за него.

Вклучете ги службите од училиштето и наставниците ако сметате дека треба и може тоа да помогне за дополнителна поддршка.

Изградете позитивна и блиска релација и поминувајте време со детето, поттикнете го на дружење со поддржувачки луѓе.

Поттикнувајте го детето на редовна физичка активност, тоа значајно помага за редукција на ефектите од стресот на телото.

Бидете и самите позитивен пример и покажете здрави начини на справување со стрес и емоции. Со овие препораки и чекори, ќе му овозможите на детето адекватна поддршка во процесот на надминување на трауматското стресно искуство, а раната интервенција и помош се клучни кога се справуваме со траума во детството.

Сподели:

Останати написи

  • Добивај известувања за новости!