Д-р Јованова: Како да препознаете разлика меѓу вируснитe инфекции и коронавирусот кај децата

Респираторните вирусни инфекции се сезонски инфекции кај возрасните и почесто кај децата поради незрелоста на нивниот имунолошки систем. Овие инфекции може да се јават во текот на целата година, но почести се во есенскиот и зимскиот период, вели д-р Тања Јованова, педијатар пулмоалерголог во Клиничката болница „Аџибадем Систина“. Овие инфекции се пренесуваат многу брзо, а можностите за лекување и превенција се ограничени, бидејќи антибиотската терапија не е ефикасна кога станува збор за вируси. Токму вирусите се најчести причинители за респираторно заболување кај детската популација. Постојат повеќе од 200 различни видови вируси што предизвикуваат респираторни инфекции кај децата (риновируси, коронавируси, аденовируси, респираторен синцисијаленвирус, инфлуенца, параинфлуенца). Овие симптоми се заеднички за многу болести во детската возраст, па ние како педијатари имаме првенствено задача да процениме дали станува збор за вирусна, бактериска инфекција или алергија“, вели д-р Тања Јованова, педијатар пулмолерголог.

Респираторните вирусни инфекциите се пренесуваат по капков пат, односно со вдишување на респираторните капки од воздухот што го содржат вирусот (продуцирани од заразена личност при кивање, кашлање, зборување), потоа со директен контакт на здрава со заразена личност или со допир на контаминирани предмети. Според локализацијата, респираторните инфекциите се поделени на инфекции на горниот и долниот дел од респираторниот систем. Течењето од нос, солзење на очите, кивавица, болно грло, лесно покачена температура, се типични знаци на инфекција на горниот респираторен систем. Оттука, оние кои киваат или шмркаат најверојатно имаат обична настинка. Кашлица при настинка се јавува по неколку дена од почетокот на симптомите. Грипот пак е потешка инфекција, со изразени знаци и симптоми на инфективен синдром. Пациентот има висока температура, треска, изнемоштеност, главоболка, болки во мускули и сува кашлица која се јавува уште на почеток на инфекцијата.

НОВИОТ КОРОНАВИРУС НЕ ГИ ПОШТЕДУВА И ДЕЦАТА

Недостиг на покачена температура не исклучува Ковид-19. Дури 40 отсто од децата не се фебрилни! Третирајќи ги вообичаените сезонски вирусни инфекции кај пациентите, годинава сме соочени со нов предизвик, а тоа е „новиот коронавирус“ таканаречен Ковид-19 (SARS-CoV2) поради чија агресивна прогресија е прогласена пандемија на глобално ниво. Оваа вирусна инфекција се пренесува како што се пренесуваат и сите останати респираторни инфекции. Инкубацијата на инфекцијата (од моментот на заразата до појавата на симптомите) е 1 до 14 дена, но симптомите најчесто болеста се јавуваат 3 до 7 дена по контактот. Новата болест предизвикана од коронавирусот (Covid-19) не ги поштеди и најмалите пациенти. Во споредба со клиничките карактеристики кај возрасните пациенти, болеста кај децата е поблага, а закрепнувањето има побрз тек и болеста има подобра прогноза. За среќа, најчесто децата со актуелна инфекција со Ковид-19 се асимптоматски или имаат благи симптоми кои вклучуваат покачена температура, сува кашлица и замор. Некои имаат симптоми во горниот респираторен тракт, како затнат или растечен нос и болка во грло, додека друг дел од нив има гастроинтестинални симптоми, како болки во стомакот, мачнина, повраќање и/или пролив (што е забележано повеќе отколку кај возрасните пациенти), вели д-р Јованова. Децата генерално потполно закрепнуваат за една до две недели, но има и такви каде болеста може да прогредира во долните дишни патишта и да предизвика пневмонијa.

Лекувањето на овие инфекции треба да биде насочено како и кај сите други вирусни инфекции – симптоматски: лекови за поддршка или олеснување на симптомите во деновите до завршување на инфекцијата. Со антибиотици се лекува дете со клинички и лабораториски знаци на бактериска инфекција, потенцира д-р Јованова. Таа вели дека податоците за етиолошкото лечење на Ковид-19 кај децата се оскудни и без дефинитивен заклучок за ефикасноста на терапијата. Затоа е потребно доследно да се применуваат соодветните мерки за превенција и контрола на инфекцијата.

МУЛТИСИСТЕМСКИ ИНФЛАМАТОРЕН СИНДРОМ (MIS-C) – РЕТКА НО ТЕШКА БОЛЕСТ ПОВРЗАНА СО КОВИД-19 КАЈ ДЕЦАТА

MIS-C е редок, но сериозен синдром кој може да се манифестира неколку дена, па дури и неколку недели по изложувањето на детето на коронавирус. Станува збор за редок синдром налик на синдромот на Kawasaki. Сликата на овој редок MIS-C синдром се карактеризира со долготрајна висока температура, а меѓу симптомите се вбројуваат болка во стомак, пролив, отечени жлезди на вратот, осип по кожата, отечени крајници, испукани усници, конјунктивитис без секрет. Можни се долнореспираторни проблеми, некогаш и симптоми од кардиоваскуларниот систем, но сепак најбројни се симптомите од системот за варење на храната (кај 80-90 отсто од пациентите). Децата што ќе развијат ваков синдром можат да паднат и во шокова состојба, односно да им откаже функцијата на некои органи, а крвните анализи покажуваат високи вредности на инфламаторни маркери. Повеќето деца имаат потреба од болничко лекување. Според научниците, остануваат многу прашања неодговорени во врска со оваа атипична клиничка слика, која одговара на постинфективен синдром на Ковид-19. Сепак, овие случаи се ретки во педијатриската популација.

Сподели:

Останати написи

  • Добивај известувања за новости!