КАКО ДА СЕ НАДМИНАТ СТРАВОВИТЕ ВО МОДЕРНОТО ЖИВЕЕЊЕ?

Стравот е примарна и еволуциски најстара емоција во развојот на човекот, вели д-р Камелија Симеонова, семеен советник, специјализант по детска и адолесцентна психијатрија во Клиничката болница „Аџибадем Систина“. Таа појаснува дека стравот е најчесто одговор на реална опасност што се заканува проследена со непријатност, вознемиреност и напнатост. Но, нагласува дека треба да се разграничи стравот од реална опасност од страв кој „не е реален“. Модерното живеење, како што додава, носи предизвици и можности во кои секојдневно сме преплавени со информации од секаков карактер, пласирани преку медиумите. Насловите од типот „се сруши авион со 176 патника; се случи терористички напад, жртви се случајни минувачи; автобус со 40 патника излета од патот; земјотрес однесе многу невини животи…“ „Секако ќе слушнеме и дека има нов лек за одредена болест. Создаден е автомобил на струја, телефон кој се отклучува на нашиот лик. Бомбардирани со информации, одиме дома и треба да резервираме авионски билет по веста дека се срушил авионот или сопругата патува на семинар на местото каде што се случи терористичкиот напад, можеби нашите роднини и сакани се на местото на земјотресот. Па навистина не е чудно што информацијата за новиот лек или автомобилот на струја или, пак, новиот начин на отклучување на паметните телефони воопшто не допрела до нас“, вели д-р Симеонова.

КАКО ЕВОЛУЦИСКИОТ РАЗВОЈ ВЛИЈАЕЛ НА СТРАВОТ КАЈ ЧОВЕКОТ?

Благодарение на нашиот еволуциски развој, сè уште имаме сочувано механизми да одговориме кога би нè нападнал тигар во шумата. Навистина, може звучи апсурдно, но е вистина, вели д-р Симеонова. Човекот од сè што ќе препознае како опасност е подготвен или да бега или да се соочи, но и да се замрзне доколку процени дека не е подготвен за првите две работи. Ако тигарот е далеку, примитивниот човек ќе проба да избега, доколку тигарот е блиску, тој ќе се замрзне и ќе глуми дека е мртов, или доколку има оружје со себе, ќе се пресмета со животното и, доколку го победи, несомнено подоцна ќе се наслади со него. „Се сеќавате кога бевте на училиште и кога ‘строгата’ професорка од која ‘се плашите’ ќе ви поставеше прашање? Се парализиравте и одговорот ви доаѓаше на ум откако ќе завршеше часот. Ќе се сетите и како ви се потеа рацете кога требаше да презентирате пред вашите претпоставени, како го чувствувавте ритамот на срцето дека во секој миг ќе го пробие градниот кош, ви се сушеше устата како да ќе го загубите гласот. Сето тоа му го должиме на човекот кој се бореше во дивината. Замислете, сето ова го поседува модерниот човек кој не треба да лови за да преживее и навистина не го бркаат диви животни. Несомнено секој од нас се соочил со трауматско искуство. Тоа е нашиот тигар – модерниот тигар. Тие коишто биле изложени на фаталниот земјотрес во Скопје добро знаат како се чувствуваат кога минуваат низ подземни канали, кога ќе слушнат на вести дека нов земјотрес погоди одредено подрачје со таков и таков интензитет… ‘тигарот‘ е тука. Стравот го достигнува пикот и се доживува повторно тој непријатен стресоген настан следен со силна невровегетативна манифестација. Додека ние седиме во нашиот топол дом, со топол пијалак во нашите раце, опкружени со саканите. Размислете колку е тој страв реален – знаете дека не е. Ние сме дома, земјотресот е на километри од нас, а ние сепак сме преплавени со чувство на напнатост, вознемиреност и непријатност“, појаснува д-р Симеонова. Најдобриот начин да се преброди стравот, како што потенцира д-р Камелија Симеонова, е истиот да биде препознаен. Стравот, како што појаснува, значајно се намалува откако ќе се сочиме со него. Така на пример, доколку имаме страв од патување со авион, страв од височина, страв од јавен настап и слично, д-р Симеонова советува да изведуваме вежби со кои експериментално ќе се соочиме со стресорот. „Нереалните стравови е потребно да се надминат. Тоа не значи дека нема никогаш да не се плашиме, бидејќи конструктивниот ‘реалниот’ страв е тој што нè заштитува. Таков пример е кога ги учиме нашите деца да се плашат од непознати луѓе, од оган или студ, со што ги заштитуваме од опасност. Но науката докажала дека руминирачкиот страв ги попречува интелектуалните вештини. Односно функционираме со пониски интелектуални капацитети од оние кои што ги поседуваме“, предупредува таа.

ДОКОЛКУ НЕ СЕ ТРЕТИРА, СТРАВОТ МОЖЕ ДА ПРЕРАСНЕ ВО АНКСИОЗНОСТ

Стравот кој не е третиран, како што појаснува д-р Симеонова, најчесто преминува во анксиозност и фобии од најразличен карактер – агорафобија, клаустрофобија, оксифобија, а во последниот период актуелен е и стравот од светската пандемија со Ковид-19, кој во психијатријата е наречен коронафобија. Студиите, како што потенцира, покажуваат дека најчесто размислување за стравот е „колку повеќе се грижиме толку поверојатно ќе умееме да се справиме со неповолниот исход”, го прифаќаат стравот таков каков што е да биде дел од секојдневното живеење па често се сочуваме со болести кои се психосоматски (на пример, неплодност, иако докторот ни вели дека испитувањата ни се во ред и не е докажано органско страдање, мигрена, иако невролошкиот статус е уреден, гастрит, иако пројдовме добро на гастроскопија). „Одговорот кога да се побара стручна помош е многу едноставен – тогаш кога сметаме дека нашето функционирање е нарушено, односно кога со истиот труд постигнуваме послаби резултати поради постојаната потреба да стравуваме за нешто“, смета д-р Симеонова. Психотерапијата нуди алатки со кои се овозможува растоварување од вознемирувачките мисли, намалување на катастрофирачкото размислување. Бројни техники за релаксација и подобрување на дишењето во моменти на соочување со стресорот. „Американскиот психијатар Арон Бек вели дека изложувајќи се на тоа што нè плаши, наспроти бегство од истото, се намалува анксиозноста и во секоја наредна експозиција стравот се намалува. Доколку се практикува ‘моделот на бегство’, односно секојдневно избегнување на тоа што нè плаши, секој пат кога ќе се сретнеме со истото, непријатното доживување е идентично како првпат да се соочуваме со стресорот“, посочува д-р Симеонова и додава дека каде што завршува стравот, таму започнува животот.

Сподели:

  • Добивај известувања за новости!