Вируси, бактерии – често нашиот организам е нападнат, а најмногу страдаат лицата кои имаат послаб имунитет. Затоа, пак, често се зборува за начините како да се зголеми нашата отпорност на вирусите. Колку ќе успееме во тоа, зависи од многу фактори, најмногу нивото на стрес, животниот стил, злоупотребата на цигари и алкохол. Важно е и дали сме физички активни и дали имаме доволно сон, но секако и од начинот на кој се храниме. Нутриционист Ана Антовска вели дека сите треба да се фокусираме на тоа да се храниме здраво, колку што можеме повеќе. Секако во текот на целата година. Свежата храна е богата со потребните витамини и минерали. „Токму тие се чувар на нашиот имунитет, а меѓу нив најмногу цитрусното овошје, брокулата, пробиотските јогурти, зелката, дренките, шампињоните, тиквата, спанаќот, јаткастите плодови, бобинките, лубеницата, слаткиот компир – го зајакнуваат имунитетот“, вели Антовска. А едни од најдобрите имаат одлични карактеристики. Еве некои од нив, какви се нивните својства, како ни помагаат?
МАТИЧНИОТ МЛЕЧ е особено значаен во состојби на исцрпеност на организмот и оскудна психофизичка виталност на истиот. Тој претставува природен стимулатор затоа што содржи витамини, минерали и антиоксиданти. Ги обновува енергетските залихи во организмот, го нормализира метаболизмот. Тој содржи протеини, масти и јаглехидрати, но и сите есенцијални аминокиселини, незаситени масни киселини заради кои има антимикробно дејство. Поседува богат минерален состав во кој се вклучени сите важни макро и олигоелементи, потоа витамини од Б комплексот, а се застапени и витамините А, Д, Е и К. Матичниот млеч содржи биостимулатори, како ензими, коензими и други. Најдобро е да се користи наутро пред појадок, а не треба да го користат оние кои имаат бронхијална астма, бидејќи е астригент и може да доведе до бронхоконстрикција, потоа оние кои имаат проблем со тироидната и надбубрежните жлезди, не се препорачува кај акутни заразни болести и кај алергија или интолеранција на матичен млеч.
ЛУКОТ е одлична намирница за зајакнување на имунитетот. Тоа својство најмногу му доаѓа од алицинот што го содржи, супстанција која е важна во борбата против многу инфекции и патогени. Содржи голем процент на антиоксиданси и неприкосновен е кога станува збор за грипот. Добро е да се користи при лечење на воспалителни процеси во грлото, ушите. Го намалува крвниот притисок и поволно влијае кај кардиоваскуларните болести. Лукот треба да биде застапен во сечија исхрана, доколку не прави проблеми при дигестија. И тоа само едно чешне дневно е доволно за да се постигне превентивниот ефект. Подобрувањето на имуинтетот не значи само внесување на намирниците кои имаат таква улога, туку здрав начин на исхрана кој вклучува редовни оброци во кои ќе бидат вклучени овошјето, зеленчукот, рибатата, водата, јатките.
ЃУМБИРОТ содржи гингерол, супстанција која му дава специфична арома и луткаст вкус. Помага во зајакнување на имунитетот па затоа се препорачува да се внесува редовно поради превентива. Особено помага кај болки во грлото, кашлица и мачнина, но се препорачува да не го земаат бремени жени бидејќи може да предизвика контракции.
Грижете за вашето здравје, организмот ќе ви се оддолжи за тоа!