Не можете да забремените? – Проверете ја тироидната жлезда

Оваа жлезда со изглед на пеперутка сместена на предната страна на вратот е одговорна за лачење хормони кои го регулираат метаболизмот. Нивното оптимално ниво влијае на функцијата на кардиоваскуларниот, респираторниот и нервниот систем, на системот на органите за варење, но има и големо значење за правилно функционирање на репродуктивниот ситем т. е. на половите хормони. Токму поради ова влијание, проблемите со функцијата на тироидната жлезда може да претставуваат една од потенцијалните причини за стерилитет. Поради тоа неможноста за забременување е еден од сигналите за посета на лекар и за проверка на функцијата на тироидната жлезда.

Врската меѓу стерилитетот и неправилната функција на тироидната жлезда

Д-р Лилјана Муратовска, специјалист по нуклеарна медицина, објаснува дека во тироидната жлезда се создаваат два важни хормони, тријодотиронин (Т3) и тироксин (Т4). Нивната работа ја регулира трет хормон кој се лачи во хипофизата во мозокот и се вика тиреостимулирачни хормон (ТСХ). Во нормални состојби лачењето на хормоните е добро регулирано, а проблеми се јавуваат кога жлездата создава помалку или повеќе тироидни хормони. На тој начин се нарушува нејзиното функционирање, односно настануваат нарушувања како хипотироидизам и хипертироидизам, а согласно на тоа доаѓа до забавување или до забрзување на метаболизмот.

Ненавремено дијагностицирани и нелекувани нарушувања на тироидната жлезда може да имаат негативни последици на плодноста и кај мажите и кај жените. За нормално функционирање на тестисите и јајчниците, неопходно е и правилно функционирање на тироидната жлезда. „Се проценува дека неправилностите во функцијата на тироидната жлезда се едни од најчестите ендокринолошки нарушувања, а податоците покажуваат дека жените заболуваат дури за 5 до 10 пати почесто од мажите“, вели проф. д-р Чедомир Димитровски, ендокринолог.

Нередовни циклуси и нарушена овулација

Кога тироидната жлезда лачи помалку хормони настанува состојбата на хипотироидизам. Симптоми кои ја следат се губиток на апетит, а зголемување на телесната тежина, замор, поспаност, безволност, депресија, болки во мускулите, сува кожа и коса, тврда столица, отоци по телото. Освен ова, кај жените предизвикува и нерегуларни менструални циклуси (слаби менструални крвавења и понекогаш дури изостанок на циклусот, или, пак, појава на обилни менструални крвавења). Дури и ако менструалните циклуси се регуларни, постои можност за нарушување на фертилноста поради нарушена овулација. Она што е карактеристично кај хипотиреозата е често зголемено ниво на пролактин, хормонот кој стимулира создавање мајчино млеко.

Исто така може да се јават и неправилности во лутеинската фаза од менструалниот циклус, т. е. во периодот кој трае од овулацијата до почетокот на менструацијата. Оваа фаза нормално трае од 12 до 16 дена во тек на која доаѓа до зголемување на нивото на естроген и прогестерон. Но кај жените со хипотиреоза оваа фаза трае пократко од 10 дена, што директно ја нарушува овулацијата и на тој начин негативно влијае на плодноста. Доколку дојде до забременување, може да се појават компликации и зголемен ризик од загуба на плодот. „Тоа настанува бидејќи во тек на бременоста се забрзува метаболизмот, а тироидната жлезда со намалена функција не може да ги следи метаболните промени, поради што доаѓа до потенцијални проблеми со бременоста. Освен тоа, хипотиреозата може да предизвика и долгорочни проблеми со тироидната жлезда на мајката, а бидејќи тироидните хормони се важни за развојот на нервниот систем кај бебето, потребно е нивно редовно контролирање во тек на бременоста и навремено реагирање во случај на нивно нарушување“, вели д-р Муратовска.

Кај зголеменото лачење тироидни хормони или кај хипертироидизмот покрај симптомите како неправилна и забрзана срцева работа, треперење, замор и изнемоштеност, дијареа, зголемена нервоза и промени во расположението, често настануваат и пореметувања во овулацијата. Тие се манифестираат како нередовен, најчесто продолжен менструален циклус, што води до неможност за забременување. Ако, пак, се реализира бременост, се јавува зголемен ризик од спонтан абортус.

Проблеми и кај мажите

Тироидните нарушувања, иако поретко, се јавуваат и кај мажите и може да бидат причина за машка неплодност. Влијаат на намалено либидо, на потенцијата, на еректилна дисфункција и нарушена морфологија на сперматозоидите. Се јавуваат речиси истите симптоми како кај жените. Хипертиреозата кај мажите се манифестира и со нарушување на нивото на тестостерон и на естроген, а како последица на тоа се јавува гинекомастија, т. е. зголемување на дојките. Кај хипотиреозата може да дојде до снижување на нивото на тестостерон, а зголемување на нивото на пролактин, што влијае на намалување на сексуалната желба и потенцијата кај мажите.

Дијагноза и терапија

Една од причините зошто е важно редовно контролирање на функцијата на тироидната жлезда е тоа што зависно од сериозноста на хормоналниот дисбаланс, симптомите може да бидат благи и самото нарушување на функцијата на тироидната жлезда може да остане неоткриено со години. Дури и благи форми на тироидни болести може да бидат причина за неможност за забременување. Поставување соодветна дијагноза е со добар клинички преглед, проверка на нивото на ТСХ, Т3 (или ФТ3) и Т4 (или ФТ4) хормоните во крвта и ултразвучен преглед на вратот. Во зависност од дијагнозата се одредува и соодветна терапија.

За забременување е важно да се одреди и нивото на антитироидни антитела (аТПО и аТГ) бидејќи е докажано дека спонтани абортуси се јавуваат двапати почесто кај жени кои ги имаат овие антитела. Тироидните антитела од крвта на мајката поминуваат низ постелката и може да влијаат негативно на плодот и да доведат до негово губење. Поради ова мерење на нивото на тироидните хормони и тироидните антитела треба да бидат во пакетот на тестови за неплодност.

Прв сигнал за тревога е нарушување на менструалниот циклус и сите жени кои имаат вакви проблеми треба на време да бидат тестирани за функцијата на тироидната жлезда. Ризични групи се идни мајки кои веќе имале спонтани абортуси, имаат зголемено ниво на шеќер во крвта или имаат фамилијарна предиспозиција за тироидни болести.

„Кај голем број парови кои се обратиле за помош поради неможност за постигнување бременост како една од причините за стерилитет била неправилната функција на тироидната жлезда кај еден од партнерите“, вели д-р Слободан Лазаревски, шеф на Центарот за ИВФ во „Аџибадем Систина“.

Сподели:

  • Добивај известувања за новости!