Пандемијата на Ковид-19, сите последици од здравствената криза, изгубените животи, преполните болници. Многу лоши моменти, многу историја за малку време. Што ја предизвика? До кога ќе трае? Ако ова е реалноста, што нè чека утре? Д-р Камелија Бушљетиќ, специјалист пулмоалерголог, дава свои одговори на овие клучни прашања. Оваа пандемија ни покажа дека уништувањето на околината е директен пат за пренос на вирусите од животните на човекот, а новите економски и социјални практики ја предизвикаа минатата историја со инфективните заболувања да стане наша сегашност. Бројките се поразителни – биланс од 35,5 милиони заболени и еден милион жртви. Нема кој не е загрижен. Ако пандемијата со Ковид -19 e нашето денес што е тогаш нашето утре? – прашува д-р Бушљетиќ.
КОВИД -19 ЌЕ ТРАЕ ДО 2025 ГОДИНА?
Медицината има различни предвидувања – за вирусот сѐ уште многу малку се знае. Д-р Бушљетиќ вели дека во јуни во Nature било објавено едно од можните сценарија за иднината на вирусот. Според тие сознанија во јуни следната година – 2021 пандемијата се уште би била присутна. Во ова сценарио вирусот се шири како бавно горење. Претпоставка е до тогаш ќе има вакцина, но е неизвесно колкава заштита ќе даде како и дали ќе биде правовремено дистрибуирано. Според ова сценарио се претпоставува дека околу 250 милиони луѓе се инфицирани, а 1,75 милиони се починати Сепак ова е само едно од можните сценарија за идната година. И покрај различните претпоставки епидемиолозите се согласуваат околу две работи – Ковид-19 e тука и ќе остане. Неговата иднина зависи од многу работи, пред сè од тоа дали создадениот имунитет ќе трае, дали годишните времиња ќе влијаат на неговото ширење и најважно каков избор ќе направат владите и секој од нас индивидуално. Д-р Бушљетиќ вели дека ако имунитетот кон вирусот би траел помалку од 1 година, слично како и на хуманите коронавируси, тогаш Ковид -19 ќе трае до 2025 година, а можеби и подолго.
„За сега истражувачите знаат малку за тоа колку трае имунитетот кон SARS-CoV-2. Според некои студии неутрализирачките антитела перзистираат до 40 дена од почетокот на инфекцијата, а според други, нивото на антитела опаѓа во тек на неколку недели, односно месеци. Искуствата со антителата кон SARS покажаа дека тие се високи до 5 месеци, а потоа полека опаѓаат во тек на наредните 2-3 години. Не треба да се заборави дека покрај антителата, односно хуморалниот имунитет, нашата одбрана зависи и од клеточниот имунитет кој исто така е составен дел од нашиот одбранбен систем кон SARS-CoV-2. Дефинитивен одговор немаме па ќе мора да почекаме да се направат студии на поголем број испитаници и да почекаме на резултатите од вакцината против SARS-CoV-2, вели д-р Бушљетиќ.
ТЕШКО ДО КОЛЕКТИВЕН ИМУНИТЕТ?
Д-р Бушљетиќ вели дека тоталната инциденца на Ковид-19 до 2025 година ќе зависи најмногу од должината на имунитетот условен од примената вакцина и прележаната инфекција. Самоелиминирањето на вирусот нема да се случи бидејќи за стекнување на колективен имунитет потребно е над 55 до 80 отсто од населението да биде инфицирано од вирусот. „Но за жал, раните студии засновани на тестирање на антителата сугерираат дека само мал процент од населението било инфицирано со вирусот, што е недоволно за стекнување на колективен имунитет. Она што сигурно го знаеме е дека држењето растојание, носењето маски, честото миење на рацете и социјално дистанцирање се нашето најмоќно оружје кое може да го спречи ширењето на Ковид-19. Оваа промена на нашето однесување е многу важна бидејќи доаѓаат есента и зимата, а со нив доаѓаат и другите респираторни вируси – 200 респираторни вируси, аденовирусите, РС-вирусот, инфлуенцата, параинфлуенцата, и други“, вели д-р Бушљетиќ.
ДАЛИ ВАКЦИНАТА ПРОТИВ ГРИП Е КОРИСНА?
Таа додава дека сувиот зимски воздух ја зголемува стабилноста и трансмисијата на респираторните вируси, а го намалува одбранбениот одговор на дишните патишта. Д-р Бушљетиќ вели дека голем предизвик ќе биде да се направи модел за овие вируси да дејствуваат во меѓусебна интереакција со SARS-CoV-2. Инаку во JAMA во април било објавено дека 1 од 5 дијагностицирани пациенти со Ковид-19 бил коинфициран со некој друг респираторен вирус. Но оваа коинциденција може да биде многу почеста ако двата вирусa силно циркулираат во еден ист регион. Се смета дека исходот од една ваква здружена инфекција би бил полош. „Иако симптомите на грипот, (инфлуенцата) и Ковид-19 се препокриваат многу важно ќе биде да се детектира нивното истовремено присуство кај еден ист пациент. Тоа е најважно за понатамошниот третман. Во моментов имаме на располагање 4 антивирусни лекови одобрени за третман на грипот. Тие можат да го скратат времето на неговото траење и да ја намалат тежината на симптомите ако се дадат во вистинско време. Но она што е најважно е што имаме вакцина против грип. Таа не е идеална и не штити 100 отсто, но и 60 проценти заштита значи полесна форма на болеста и помал број на хоспитализации. Затоа многу е важно да се прима вакцината “, вели д-р Бушљетиќ. Таа пренесува мислење кое се уште е хипотетично, дека будењето на имунитетот, пред сè на клеточниот со еден респираторен вирус може да биде лесно ефективен и против други респираторни вируси.
МОЖЕ ЛИ И ПОЛОШО?
„Но она што не е хипотетично е фактот дека полнењето на болничките капацитети, недостатокот на медицински кадар и финансиското оптоварување се реалност при една епидемија со грип пред сè поради срцеви компликации и пневмонијата. А ако на тоа се додаде и Ковид-19? Постои и друга хипотеза дека курсот на идните епидемии со респираторните вируси може да биде сменет со претходно присуство на друг респираторен вирус, вели докторката. Во 2009 година пандемијата со грип била одложена поради настаните предизвикани од риновирусите, а тоа ја одложило епидемијата и со друг респираторен вирус-аденовирусот. Многу сценарија се можни за крајот на 2020 и 2021 година но, д-р Бушљетиќ вели дека сака да се држи за она што досега е 100 отсто сигурно. Таа, повторува клучно е држење растојание, носењето маски, хигиена на рацете, социјалната дистанца и секако вакцинирањето против грип.