Одредување pH вредност на вагина

Мерење на pH на вагина во бременост е една од актуелните препораки на Светската асоцијација за перинатална медицина за превенција на прематуритетот. Како скрининг е воведена во повеќе од дваесет земји и се смета како единствен знак во дијагностичкиот процес за навремено откривање на прекурсорите, наспроти детекција на веќе постоечката инфекција. Редовно следење овозможува значителна редукција на прематуритетот.

Мерење на pH на вагина во бременост е една од актуелните препораки на Светската асоцијација за перинатална медицина за превенција на прематуритетот. Како скрининг е воведена во повеќе од дваесет земји и се смета како единствен знак во дијагностичкиот процес за навремено откривање на прекурсорите, наспроти детекција на веќе постоечката инфекција. Редовно следење овозможува значителна редукција на прематуритетот.

Биосистем на вагината

Вагината во репродуктивна возраст поседува биосистем кој под нормални услови обезбедува баланс меѓу лактобацилите и патогената бактериска флора, со што се овозможува добра заштита од ширење на патогени микроорганизми, вклучувајќи и проширување до шуплината на матката. Лактобацилите произведуваат киселини, главно млечна киселина и H2O2, кој ослободува кислород и има дезинфекциски ефект, а преку своите функции, директно и индиректно имаат влијание во спречување на раст и ширење на патогените микроорганизми. Лактобацилите се клучни во одржување на кисела средина во вагината, односно pH вредност помала од 4,5 или 4,2 мерено со pH-метар. Намалување на бројот на лактобацили значи нарушување на вагиналното миље или дисбиоза и резултира со намалување на киселоста, односно зголемување на pH вредноста на вагината. Тоа е состојба на заканувачка инфекција, во која е олеснет растот и инвазијата на патогените микроорганизми. Детекција на оваа состојба подразбира успешен скрининг за заканувачка инфекција. Клучно за добри резултати не е рана детекција на постоечка инфекција, туку детекција на прекурсорите.

Значење на мерењето на pH вредноста на вагината

Мерењето на pH вредноста дава увид во протективниот биосистем на вагината. Постапката е многу едноставна, со користење на стик-хартиена лента или ракавица со индикатор за pH. Индикаторот се допира до ѕидот на вагината и по неколку секунди бојата на индикаторот се споредува со тест скалата, од каде се чита и вредноста на pH. Во деведесеттите години е промовирана т.н. self-care програма, која се базира на активно учество на бремените жени, што е основа и на препораките на Светската асоцијација за перинатална медицина од 2007 година. Според ова, секоја бремена жена, доколку е финансиски можно, дополнително сама врши мерење на pH вредност на вагина, од почеток на бременоста, по можност двапати неделно. Во случај на добивање вредност над 4,4 или присуство на некои симптоми (промени во секретот, печење, црвенило во интимна регија и сл.), пациентката треба да се консултира со својот гинеколог за дополнителни испитувања и третман. 

Зголемена вредност на pH е знак за:

• Нарушување на вагинално миље – дисбиоза – индикатор за нарушување на заштитниот Lactobacillus систем, како прекурсор за инфекција, односно зголемена чувствителност и можност за ширење на инфекција

• Бактериска вагиноза

• Други инфекции кај кои е потребно соодветно испитување и третман

Гениталните инфекции во бременост се една од главните причини за предвремено породување. Навременото дијагностицирање и адекватен третман на инфекциите, особено во раните стадиуми на бременост, води до евидентна редукција, особено на многу раниот прематуритет.

Сподели:

  • Добивај известувања за новости!