Остеопорозата е заболување на коските кое ја намалува густината и квалитетот на коскеното ткиво. Скршениците на коските кај овие луѓе можат да се случат и при најмала траума или оптоварување. Најчесто скршениците се случуваат на прешлените на ’рбетниот столб, бутната коска или рачниот зглоб.

Ризик фактори

Најчести ризик фактори за појава на остеопорозата се

– возраста – над 30 години коскената маса почнува да се намалува

– пол – жените се 4 пати повеќе подложни на остеопороза од мажите, особено под ризик се жените над 50 години и оние во менопауза

– семејна историја – доколку некој од вашите предци имал остеопороза или скршеница тогаш и вие сте под ризик

– физичка неактивност, мала телесна тежина, лоша исхрана, други заболувања

За здрави и цврсти коски

Редовната физичка активност и здравата исхрана можат да ви помогнат да го намалите ризикот од појава на остеопороза. Со консумирање многу овошје и зеленчук кои изобилуваат со витамини можете да го спречите губењето на коскената маса. На пример, калциумот и витаминот Д играат главна улога во здравјето на коските. Битно е овие важни состојки да ги внесувате преку исхраната. Исто така важно е изложување на сончева светлина по 20 минути на ден.

Пред и по кршење на коска

Многу често луѓето не се ни свесни дека имаат остеопороза сè дури не се појави првата скршеница. Симптомите на оваа болест се многу незабележителни, најчесто може да почувствувате болки во грбот или намалување на висината – свиеност на `рбетот кон напред. За да се превенирате од скршеници внимавајте на падовите, носете удобни чевли и движете се во осветлени простори. Истите совети важат и откако ќе  ви заздрави скршената коска.

Дијагностицирање со DEXA scan

Првиот чекор за испитување на коскената густина е DEXA scan снимањето. Ова софистицирано снимање овозможува точност и прецизност на снимањето на коскеното ткиво. Скенирањето е безболно и трае 10-20 минути. Бидејќи коскената густина кај жените се намалува по менопаузата, се препорачува овој преглед да се прави еднаш на две години, додека мажите не треба да го прават овој преглед многу често, но никако не смеат да го заборават. Клиничката болница „Аџибадем Систина“ располага со најсовремениот DEXA scan.

Третман

Дури и ако веќе имате дијагностицирана остеопороза, можете повторно да ја вратите густината на коските. Вежбањето само по себе ќе го направи тоа, внесот на калциум и витаминот Д исто така. Најдобар начин да го решите овој проблем е преку комбинација на спорт, витамини и исхрана. Во зависност од состојбата, лекарот може да препише и медикаментозна терапија (бисфосфонатна), физикална терапија, како и употреба на ортози за фиксација на `рбетниот столб.

Во хируршкиот третман при појава на скршеници се употребуваат кифопластика и вертебропластика како минимално инвазивни постапки.

Сподели:

  • Добивај известувања за новости!