Постпородилна депресија е ментално растројство кое се манифестира со емоционални и промени во однесувањето на мајката по породувањето, а се припишува на многу биохемиски и психолошки промени поврзани со породувањето. Д-р Оливера Димова, специјалист по психијатрија, вели дека точната причина за постпородилна депресија не се знае во целост, но голем број истражувања како една од основните причини ги наведуваат наглите хормонски промени во телото на мајката по породувањето. Имено, во текот на бременоста, нивото на естроген и прогестерон е до десетпати поголемо од нормално, за потоа во рок од три дена по породувањето, нивото на овие хормони како и на ендорфините, кортизол и пролактин, да паѓа на нивото од пред бременоста.
„Исцрпеноста по породувањето, стресот, недостаток на сон во првите недели од животот на новороденчето, притисоците и очекувањата од околината, па и од самите себеси, чувство дека не може адекватно да се одговори на новата животна ситуација може да бидат фактори што влијаат врз појавата на ова нарушување“, вели д-р Димова.
ФАКТОРИ НА РИЗИК
Како фактори на ризик за појава на постпородилната депресија се наведуваат: пренатална депресија (депресија во тек на бременоста), пренатална анксиозност, историја на депресија, која не е поврзана со бременост, неодамнешни стресни животни ситуации, несакано мајчинство, трауматично породување, нарушенирелации помеѓу партнерите, незадоволство од таткото на детето, татко што не е присутен, егзистенцијални проблеми, несигурно работно место, друга болест на мајката или другите членови на семејството, недоволна социјална поддршка и други.
Свесноста за постпородилната депресија првпат се јавува во доцните 1980-ти години. Оттогаш се спроведени многу студии за нејзината инциденца, фактори на ризик, како и успешни стапки на третман кај светската популација.
BABY BLUES – НАЈЧЕСТ ОБЛИК НА ПРОМЕНЕТО РАСПОЛОЖЕНИЕ
Постојат три главни вида постпородилна депресија во зависност од интензитетот и времетраењето на самата состојба. Најчест облик на променето расположение по породувањето е таканаречената постпартална тага или „Baby Blues“.
„Ова е состојба која погoдува 80% од жените и се манифестира најчесто со чувство на тегоба, страв, неможност на мајката да се опушти покрај бебето, но и да се одвои од него. Неможност да спие кога бебето спие, загриженост за иднината, загриженост за тоа дали повторно животот ќе ѝ се врати во нормала, дали ќе биде добра мајка, а истовремено дали ќе има време за себе како порано, дали ги прави работите како што треба… Состојбата е проследена со нагли промени во расположението, плачливост без причина, чувство на исцрпеност. Симптомите обично исчезнуваат по неколку дена до најмногу 2 недели и без медицински третман“, објаснува д-р Димова.
ПОСТПОРОДИЛНА ДЕПРЕСИЈА
Постпородилната депресија се разликува по тоа што трае подолго, симптомите се поизразени и според тоа е неопходно да се побара стручна помош. Всушност, станува збор за голема депресивна епизода која го нарушува целокупното психофизичко функционирање на личноста. Симптомите вклучуваат: чувство на тага, безнадежност, празнина. Чести се промените на расположението, иритабилност, беспричинско плачење, претерана грижа, анксиозност. Нарушен е ритамот на спиење неврзано со ритамот на бебето. Присутни се тешкотии во концентрацијата, помнење, губење интерес за социјални активности, изолација, неможност за воспоставување на емоционален однос со бебето, безволност и безизлез до можност за појава на суицидални мисли и идеи.
ПОСТПОРОДИЛНА ПСИХОЗА
„Постпородилната психоза е најсложено и најтешко психичко нарушување кај мајките по породувањето и претставува ургентна психијатриска состојба која најчесто изискува болничко лекување. Се манифестира со појава на нервоза и раздразливост, несоница, хиперактивност, параноидни содржини, халуцинации, налудничавост, наметнувачки опсесивни мисли поврзани со детето со потенцијален ризик да му се направи нешто на бебето или на себе. За среќа, постпарталните психози се многу поретки и се јавуваат кај еден до три од 1000 породувања“, вели д-р Димова.
Најчесто жените со постпородилна психоза имаат претходна анамнеза на постпородилна психоза или биполарно растројство. Всушност, биполарното растројство само по себе е ризик за развој на постпородилна психоза. Постпородилната психоза се одразува врз целокупното семејство, односно врз сите нејзини членови, што може да доведе до обединување, но и до потполна дисфункционалност, особено во односот помеѓу мајката и детето, вклучувајќи и тешкотии во поврзувањето, а потоа и други психички тешкотии.
„Ако навреме не се препознае и соодветно не се лекува, последиците од постпородилната депресија се поизразени. Редуцирана интеракција на мајката со бебето, му обрнува помалку внимание, му дава помалку физички контакт и нежност, помалку го зема во раце, помалку му зборува, помалку го гали. Може да се рефлектира на доцнење во психофизичкиот развој, а во текот на животот може да се манифестира и со емоционални проблеми и проблеми во однесувањето кај детето“, вели д-р Димова.
Во ретки случаи, ППД може да се јави и кај таткото, а се манифестира со истите симптоми и негативно влијае врз семејните односи, поддршката на мајката во грижата за бебето и другите обврски.
ТРЕТМАН
Улогата на родител е нешто најубаво во животот на мајката и се очекува раѓањето на детето да ја исполни со неизмерна радост. Мајката што страда од постпородилна депресија, имајќи ги предвид овие очекувања, се срами да признае дека има проблем да се избори со сите предизвици и барања што се поставуваат пред неа со раѓањетe на бебето, како и со своите чувства.
„Третманот на постпородилната депресија зависи од интензитетот и сериозноста на симптомите и нивното траење. Некогаш се доволни психолошко советување и психотерапија, со цел јакнење на капацитетите на личноста. Во потешки случаи, особено кога постои историја на депресивно или биполарно нарушување, суицидални мисли, мисли за самоповредување или повредување на бебето, неопходна е антидепресивна терапија, а во извесни случаи и болничко лекување. Во секој случај, неопходни се препознавање на состојбата и стручна помош, со цел утврдување на дијагноза и правилен третман“, објаснува д-р Димова.
КАКО МОЖЕ ЛИЦЕТО ШТО СТРАДА ОД ПОСТПОРОДИЛНА ДЕПРЕСИЈА САМОТО ДА СИ ПОМОГНЕ?
- Да не очекува премногу од себе и да не поставува превисоки критериуми.
- Да воспостави социјална поддршка – партнерска поддршка, поддршка од семејството, пријатели.
- Да одржува контакт и да бара помош од најблиските.
- Да негува партнерски однос.
- Да најде време за себе, за сопствените интереси, за одмор, за физичка активност.
КАКО МОЖЕ ОКОЛИНАТА ДА ПОМОГНЕ
- Да разговара и да понуди помош, но истовремено да се запазат границите.
- Да покаже разбирање и да даде поддршка
- без осудување.
- Да помогне околу секојдневните активности.
БЕСПЛАТНА КОНСУЛТАЦИЈА СО ПСИХИЈАТАР
Во текот на бременоста, трудниците се соочуваат со различни чувства. Во еден момент чувствувате возбуда и радост, во друг, пак, доминира загриженост за бременоста и генерално за новата улога. Анксиозноста и депресијата не се табу-тема, отворено разговарајте со стручно лице, кое ќе ви помогне. Во рамки на пакетот ви подаруваме бесплатна консултација со психијатар што ќе биде ваша поддршка.