Леукемија е вид карцином на крвта како резултат на абнормално, несопирливо и инванзивно размножување на малигни ќелии од хематопоетско потекло кои ја инфилтрираат коскената срцевина, периферната крв и други органи и ткива. Симптомите може да се појават нагло или постепено во зависност од тоа дали се работи за акутни или хронични леукемии. Еволуцијата на симптомите може да трае неколку денови, недели или повеќе месеци. На почетокот симптомите можат да бидат неспецифични и да имитираат други немалигни состојби. Раното препознавање на симптомите има значење за успешен одговор на дадената терапија.
Точкести крвавења и поголеми крвни подливи на кожата и видливите слузници
Овие црвено-виолетови промени најчесто се јавуваат на градите, грбот, лицето и рацете. Тие се последица на намалениот број на тромбоцитите (тромбоцитопенија). При изразена тромбоцитопенија честа е појавата на крвавење од носот или епитакса.
Болка во коските и зглобовите
Коскени болки може да бидат присутни како резултат на промени во нив, но не секогаш. Се јавуваат како остри или поблаги болки во зависност од локализацијата. Најчесто се јавуваат на долгите коски на нозете и рацете.
Зголемени лимфни јазли или лимфаденопатија
Кај пациент со акутна или хронична лимфатична леукемија, појавата на зголемени лимфни јазли е честа, но не е секогаш присутна. Зголемени лимфни јазли најчесто се јавуваат на вратот, во пазувите и препоните.
Слабост и изнемоштеност
Еден од симптомите што се резултат на инфилтрација на органите со малигни ќелии е анемијата, постепена на почетокот на болеста и придружена со слабост, изнемоштеност, замор, поспаност, срцебиење. Појава на симптоми како глад за воздух, страв и немир сигнализираат акутно крвавење.
Болки и надуеност во стомакот
Инфилтрацијата на црниот дроб и слезината со малигни бластни ќелии доведува до нивно зголемување или хепатоспленомегалија, што често се манифестира со тежина, болка и чувство на исполнетост под ребрата. Кај некои луѓе се манифестира како болка во долниот дел од грбот. Гадење, повраќање и губење на апетитот се често присутни.
Појава на чести температури и инфекции
Температурата е неспецифичен симптом кој најчесто е поврзан со присуство на инфекција, кои многу често се резултат на намален број бели крвни клетки кои го штитат организмот од инфекции.
Необјаснето губење на тежина
Намален или изгубен апетит е честа појава која доведува до губење на телесната тежина. Ова може да биде придружено со голем замор и слабост.