Најпрво, навистина е значајно да се зборува за најраното детство кое е предвесник на бунтовничкото однесување на школските деца и адолесцентите.
Со раѓањето на детето, родителите се првото социјално опкружување за нивните деца, домот е првата социјална единица каде што детето го спознава светот и ја акомодира и асимилира шемата на идното однесување.
Сѐ што зборувате, секое ваше дејствување во детските очи изгледа совршено. Малите деца поради нецелосно созревање на мозокот сѐ уште немаат развиено способност да препознаат добро од лошо, исправно од погрешно.
Не е тајна дека децата го спознаваат надворешниот свет од вашиот начин на сакање и од начинот на тоа како вие одговарате на нивните потреби кога се најмали и беспомошни.
Но како да не погрешите во воспитувањето?
Да ве охрабрам, не постои родителство кое е безгрешно, како што не постои дете кое нема да прави грешки. Нема ништо страшно да се погреши, но има страшно во непрепознавањето на грешките и продолжување со постапувањето несоодветно.
Како да ја поправиме грешката?
Едноставно преку позитивното родителство:
– не заборавајте да му зборувате афирмативно на вашето дете, пофалете го кога постапува конструктивно.Родителите често многу подобро го забележуваат пркосењето на своите деца од однесувањето што им се допаѓа
– поставувајте јасни граници и бидете доследни на нив (мајка што е постојано на компјутер и телефон нема простор да постави правило нејзиното дете да не користи долго електронски уред), ние сме ролмоделот на нашите деца, тие се нашата реплика
– поминувајте квалитетно време заедно, во модерното време навистина ни останува малку време, но да нѐ бидеме спречени и тоа што го имаме да биде сведено на отсуство во комуникација со нашите најмали (10 мин. зборување со вашето дете е поквалитетно време од седење 1 час заедно и гледање филм)
– бидете активен слушач на вашето дете. Никогаш не прекинувајте го кога ви зборува, сигурно има нешто значајно да ви каже,
– создадете средина каде што вашето дете ќе се чувствува безбедно да зборува на секоја тема, на начин на кој ќе ги прифатите и негативните емоции, без дополнително да го осудувате за тоа. Логично е дека и ние како возрасни би се чувствувале посигурно доколку некој разбира кога не е нашиот најдобар ден
– имајте предвидлив ден со вашите деца. Деца што имаат јасни правила и очекување за тоа што ќе се случува утре се однесуваат протективно и превенираат развој на анксиозни нарушувања.
Во прилог е светската статистика која ни кажува дека 50% од навредуваните деца развиваат себеповредувачко однесување; 30% се развиваат во насилници.
Родители, ние сме тие што ја креираме иднината на нашите деца.
Да си помогнеме да бидеме подобри. Доколку сметате дека го правите најдоброто, а проблемот опстојува, не обесхрабрувајте се да побарате помош од стручно лице.