Ги послушавте советите на лекарите, ја избегнувате храната која вообичаено ви прави киселини, ја намаливте тежината, спиете со благо поткрената перница и, сепак, имате проблеми со киселини во желудникот. Но, дали ги откажавте цигарите? Новата голема студија покажала дека пушачите имаат поголема шанса за појава на киселини отколку непушачите.
Појава на киселини е всушност појава на враќање на содржината од желудникот во хранопроводот. Ваквата состојба предизвикува чувство на печење и жарење зад градната коска.
Поврзаноста на цигарите и појавата на киселини
Никотинот од цигарите се смета дека го опушта прстенестиот отвор на желудникот кој не дозволува враќање на содржината од желудникот кон хранопроводот. Кога овој отвор не е доволно затворен, желудочната киселината лесно може да се врати назад кон хранопроводот и да предизвика чувство на киселини и жарење.
Цигарите предизвикуваат намалено лачење на плунката, која, пак, има улога во неутрализирање на желудочната киселина. Ова е уште еден факт кој го поврзува пушењето и појавата на киселини. Пушењето честопати оди заедно со други лоши навики, како што е пиење алкохол и кафе, кои исто така може да ја зголемат појавата на киселини.
Уште еден факт кој не оди во прилог на пушачите е кашлањето кое може да го влоши враќањето на киселините бидејќи со кашлањето се зголемува притисокот на стомачната мускулатура.
Добра причина да се откажете од пушење
Откажувањето на цигарите нема со сигурност да ви гарантира дека нема да имате проблем со киселините, но вреди да се обидете. Откажувањето на цигарите, заедно со намалување на тежината и елиминирање на останатите ризик фактори секако дека во голема мера ќе придонесат за олеснување на симптомите.
Резултатите од студијата покажале дека откажувањето на цигарите се покажало поефективно кај луѓето со нормална телесна тежина за разлика од луѓето со прекумерна тежина.