Радиотерапијата е метод кој се применува кај приближно три од четири случаи на карцином. Денес радиотерапијата во рамките на принципите за мултидисциплинарен третман се користи обично пред и по операцијата самостојно како третман за лекување (терапевтски) или во комбинација со хемотерапија/системски третман. Станува збор за метод кој исто така помага во намалување на симптомите од болеста.
Што е радиотерапија?
Третманот со зрачење, наречен уште и радиотерапија, се користи за уништување на канцерогените клетки и уништување на туморите со високо енергетски рендгенски зраци, електронски зраци и радиоактивни изотопи.
Како влијае?
Третманот со зрачење штити од раст и проширување на клетките во пределот кој се третира со тоа што се уништува генетскиот материјал на клетките. Зрачењето ги убива канцерогените клетки со јонизација. Некои клетки умираат веднаш по зрачењето поради директниот ефект. Зрачењето предизвикува штета во дел од нивната ДНК и хромозомите, па тие ја губат својата способност да се шират и умираат. Иако третманот со зрачење покрај канцерогените клетки ги оштетува нормалните клетки, сепак, нормалните ткива заздравуваат и повторно ја извршуваат својата функција.
Дали постојат различни методи на радиотерапија?
Кај успешните третмани, со примена на соодветна и ефективна доза на зрачење врз карциномот, околното нормално ткиво со сигурност е изложено на најниска можна доза. Постојат неколку методи за да се изведе ова. Најчесто употребуваниот метод е оној при кој зракот кој се нарекува надворешна радиотерапија се насочува кон карциномот директно од апаратот. Постои и метод наречен брахитерапија. Интракавитарната радиотерапија, која е еден од методите на брахитерапија, се изведува на тој начин што се поставува апликатор кој содржи радијација врз органот како на пример матката, белите дробови или хранопроводот.
Надворешната радиотерапија е најчесто преферираниот метод при третман на карцином на дојката. Сепак, во посебни услови може да се применат методите на бранхитерапијата во зависност од проценката на докторот.
Како се планира третманот?
Кај пациенти кај кои постои дијагноза на карцином или, пак, постои сомнеж од негово постоење, најпрво се прави план за лекување со помош на испитувања и онколошки проценки, па се определуваат и закажуваат радиотерапиите. Сите третмани со зрачење се закажуваат од страна на специјалист (онколог-радиотерапевт) обучен за тоа. За време на примената на радиотерапијата, специјалист по медицинска физика и радиотерапевти работат заедно со онкологот-радиотерапевт.
Кога се применува?
Во третманот на карцином на дојка, радиотерапијата обично доаѓа по операцијата и зависи од методот кој е применет за операција. Доколку хируршката техника е со зачувување на дојката, речиси кај сите пациенти за да се намали можноста од повторно појавување на карцином се применува радиотерапија. Кај пациенти на кои им било направена операција со зачувување на дојката, во зависност од возраста на пациентот, големината на карциномот, карактеристиките на карциномот, може да бидат третирани со единечна доза на радиотерапија во текот на операцијата. Доколку на пациентот му била направена мастектомија, во зависност од големината на карциномот, и на други фактори, како и зафатеноста на лимфните јазли, може да се примени и радиотерапија на ѕидот на градниот кош.
Во случај на зафатеност и на аксиларните лимфни јазли, во зависност од раширеноста на болеста и локализацијата на туморот, може да се примени радиотерапија на различни лимфни јазли.
Радиотерапијата игра многу важна улога како помошна терапија во намалувањето на симптомите на пациенти кои се во напреден стадиум, доколку се откријат метастази во коските, мозокот и меките ткива.
Колку долго трае третманот?
Радиотерапијата се спроведува еднаш дневно, пет дена во неделата меѓу понеделник и петок. Времетраењето на зрачењето е 3-4 минути во зависност од направениот план и пределот кој се третира. Сепак, додека се подготви пациентот на апаратот за третман и се направи прилагодување на пределот кој ќе се третира, времето на третман се движи од 20-30 минути. Радиоонкологот одлучува колку денови ќе го продолжи третманот. Пациентите треба да одат редовно на третман.
Кои се несаканите ефекти?
Понекогаш за време на радиотерапија на дојка може да се појави осип на кожата, првут, умор, изнемоштеност или мачнини. Овие несакани ефекти се намалуваат, а при крајот на терапијата и исчезнуваат. Нема штета од топла бања додека се на радиотерапија, но, сепак, триење со груба ракавица или сунѓер на пределот кој бил изложен на радиотерапија може да ги зголеми реакциите на кожата.
Исто така, нормално е пациентот да почувствува тврдост или болка во ткивото на дојката како последица на операцијата и долгорочна радиотерапија, но оваа состојба се подобрува во период од 6 месеци до 1 година, понекогаш и малку подолго. Темната боја на кожата на дојката исчезнува со тек на време. Многу ретко, можно е да пукнат мали крвни садови како последица од радиотерапијата и како резултат на ова се јавуваат мали црвени точки. Сепак, ова многу ретко се случува. Понекогаш, во зависност од пределот кој се третира, може да се забележат и други несакани ефекти од долгорочна радиотерапија. Најчесто станува збор за посебни причини кои зависат од пациентот. Докторот ги објаснува ризиците од несаканите ефекти во зависност од пределот кој се зрачи.