Атријален септален дефект (ASD) и перзистентен форамен овале (PFO) се структурни срцеви дефекти, кои се карактеризираат со комуникација помеѓу срцевите преткомори на ниво на ѕидот (септум) што ги одвојува. Во основа, десната преткомора прима (темна) крв осиромашена со кислород, додека левата преткомора прима (црвена) крв богата со кислород од белите дробови. Поради постоење на отвор на ниво на ѕидот се јавува абнормален проток на крвта меѓу срцевите преткомори.
АТРИЈАЛЕН СЕПТАЛЕН ДЕФЕКТ (АSD)
Атријалниот септален дефект (ASD) е еден од најчестите типови вродени срцеви дефекти, кој се јавува кај 1 од 10 000 новороденчиња. Д-р Златана Петковска, специјалист по кардиологија, вели дека оваа срцева мана се јавува поради изостанување на нормалниот развој на септалното ткиво помеѓу левата и десна преткомора.
„Kaj ASD, отворот на септумот e поголем поради што овозможува крвта да минува од лева кон десна преткомора, односно да се враќа назад во десносрцевата циркулација. Оваа хронична состојба предизвикува проширување на десносрцеви шуплини (десна преткомора и десна комора) и иако се поднесува добро, без значителни симптоми, со текот на времето може да предизвика оштетување на десното срце, белите дробови, како и појава на симптоми како замор, тешко дишење или аритмија (нарушување на срцевиот ритам)“, објаснува д-р Петковска.
ПЕРЗИСТЕНТЕН ФОРАМЕН ОВАЛЕ (PFO)
Перзистентен форамен овале (PFO) е отвор што постои во срцето на секое бебе во развој. Обично, штом бебето ќе се роди и ќе го земе првиот здив, тој се затвора. Меѓутоа, кај околу една четвртина од луѓето, PFO не се затвора и опстојува во зрелоста што обично води до шантирање/премин од десно кон лево на деоксигенирана крв, во одредени околности. Според д-р Петковска, поголемиот дел од пациентите со PFO се асимптоматски и воопшто не бараат специфична терапија, па сепак кај некои пациенти со PFO може да пројават сериозни компликации како исхемичен мозочен удар – криптоген мозочен удар кај пациенти без дополнителни потенцијални причини за емболичен настан, транзиторна исхемична атака на кој било од виталните органи (мозок, екстремитет, бубрези, црево итн.) и поретки клинички манифестации, кои вклучуваат парадоксална емболија, акутен миокарден инфаркт, системска емболија, диспнеа во мирување…
Симптоми што пациентите најчесто ги наведуваат се: тешкотии во зборувањето или разбирањето, вртоглавица или губење рамнотежа, вкочанетост или слабост во лицето, раката или ногата, проблеми со гледање на едното око или двете очи, како и главоболка со карактеристики налик на мигрена.
ПОСТАВУВАЊЕ НА ДИЈАГНОЗА ЗА ASD/PFO
За да се дијагностицираат овие структурни срцеви дефекти, може да се употребат повеќе методи како:
• трансторакален ехокардиограм (TTE) – неинвазивна ултразвучна метода за проценка на структурата и функцијата на срцето. Оваа стандардна дијагностичка метода овозможува приказ на срцето однадвор. Со помош на колор-доплер, се прикажуваат брзината и насоката на протокот на крв во срцето. Доколку е присутен ASD или PFO, овој тип ехокардиограм обично открива шант, односно движење на крвта помеѓу левата и десната преткомора
• контрастна „bubble” – студија со микромеурчиња. За време на стандарден (ТТЕ) ехокардиограм, интравенски се инјектира стерилен солен раствор (физиолошки раствор). Меурчињата патуваат до десносрцевите комори и тие нормално можат да се визуализираат на ехокардиограмот. Ако меурчињата преминуваат и во левите комори на срцето (патолошки наод), тоа е знак што укажува на постоење на PFO, токму поради преминувањето на крвта преку овој отвор, во тек на мирување или при Валсалва маневар
• транскранијален доплер (TCD) и контрасна „bubble“ – студија со микромеурчиња – за да се дијагностицира абнормален проток на крв во мозокот и потенцијалниот ризик за ТИА, односно мозочен инфаркт поради PFO
• трансезофагеален ехокардиограм (ТЕЕ) – најсензитивен метод во поставување на дијагноза за ASD/PFO. Со него се прават слики на срцето од внатрешноста на телото, односно се обезбедува попрецизна визуализација на срцето. Трансезофагеален ехокардиограм се прави со вметнување на флексибилна сонда во хранопроводот. Ова обезбедува појасна слика на срцето, бидејќи хранопроводникот и срцето се веднаш еден до друг.


ТРЕТМАН НА ПАЦИЕНТИ СО АТРИЈАЛЕН СЕПТАЛЕН ДЕФЕКТ (АSD)
Сите пациенти со поставена индикација за постоење на ASD треба да се подложат на ТЕЕ (трансезофагеална ехокардиографија), со цел прецизирање на дијагнозата (типот на ASD, одредување на големината и позицијата на дефектот и корелација со околните срцеви структури).
Д-р мед. науки Жарко Христовски, интервентен кардиолог со повеќе од 30 години искуство, вели дека кај најголем процент на дијагностицирани случаи се поставува индикација за затворање на дефектот со интервентна процедура – минимално инвазивна техника со поставување на оклудер (чадорче) на местото на дефектот и во некои случаи со хируршка интервенција, односно затворање на дефектот со операција на отворено срце.
„Интервентната процедура се изведува во катетеризациска лабораторија со пристап преку феморалната вена (препонска) со радиографска и ултразвучна контрола. Се изведува со локална анестезија и евентуална блага седација. Преку катетер што се води низ крвните садови, се вметнува мал уред (оклудер) кој се поставува на местото на отворот (дупка во ѕидот помеѓу преткоморите на срцето). Тој оклудер се шири и целосно го затвора дефектот. Оваа интервенција трае околу 30-90 минути, а по интервенцијата пациентите за кратко време се мобилизираат и најголем дел од нив ја напуштаат болницата следниот ден“, објаснува д-р мед. науки Жарко Христовски.

ТРЕТМАН НА ПАЦИЕНТИ СО ПЕРЗИСТЕНТЕН ФОРАМЕН ОВАЛЕ (PFO)
Според д-р мед. науки Жарко Христовски, за разлика од пациентите со ASD, кај пациентите со PFO потребни се дополнителни критериуми при поставување на индикација за затворање на дефектот, и тоа се:
• пациенти со прележан мозочен инфаркт (криптоген) и секундарна превенција од нов парадоксален мозочен удар
• нуркачи со ризик од болест на декомперсија
• пациенти со различни форми на синдроми на хипоксија/ хипоксемија. Во Клиничката болница
„Аџибадем Систина“ се применува мултидисциплинарен пристап во третманот на пациентите. За поставување на индикација за затворање на PFO, често е потребна консултација со невролог. Дополнително, за прецизна дијагноза, кај многу пациенти се изведува и магнетна резонанца на мозокот.
„Затворањето на PFO е интервентна процедура, која ја изведува специјалист интервентен кардиолог во катетеризациска лабораторија. Интервенцијата трае околу 30-60 минути. Се користи локална анестезија и евентуално лесна седација – што значи дека пациентите се будни, но се дадени лекови за да бидат смирени. Постапката започнува со воведување на долг, тенок катетер преку феморалната вена до срцето низ кој се поставува оклудерот (чадорче) за затворање на дефектот. Типот на оклудер го избира интервентниот кардиолог според димензиите и типот на дефектот. За оваа процедура, покрај радиолошката снимка и употребата на контрастни средства, потребно е дополнително водство од TEE и ТТЕ“, објаснува д-р Христовски.
По направената интервенција пациентот најчесто останува 24 часа во болница. Контролен ехокардиограм се прави на денот на испис и по 30 дена до шест месеци по процедурата. „Повеќето пациенти се враќаат на своите вообичаени активности во рок од 2-5 дена. Оклудерот (чадорче) за затворање на ASD/PFO останува трајно во срцето. Со текот на времето, срцевото ткиво го покрива оклудерот и веќе не се однесува како туѓо тело. Не може да предизвикува какви било проблеми и не претставува ограничувачки фактор за какви било активности или иследувања. Исто така, не ограничува примена на дијагностички методи како компјутерска томографија или магнетна резонанца. Извесен период овие пациенти примаат минимална кардиолошка терапија по интервенцијата и имаат потреба од ретки кардиолошки контроли“, вели д-р Христовски.

Благодарение на искусниот мултидисциплинарен тим составен од кардиолози, кардиохирурзи, анестезиолози, на Одделот за интервентна кардиологија во „Аџибадем Систина“ се решаваат голем број комплексни вродени и стекнати срцеви дефекти со интервентни процедури, при што се постигнува максимален успех со минимизирање на ризикот. Во нашата болница овие процедури за граѓаните на Македонија финансиски се покриени од страна на ФЗОРСМ.