Биопсијата на дојка е медицинска процедура што се изведува по индикација од лекар, при што се зема примерок од сомнителна промена во ткивото на дојката за хистолошко испитување. Целта е да се утврди природата на промената, односно дали станува збор за бенигна или малигна промена. Оваа процедура е составен дел од дијагностичкиот процес на болести на дојката, кој се состои од три основни методи: клинички преглед, радиолошки испитувања како што се мамографија и ултразвук и биопсија на дојка. Како што објаснува д-р Драган Смилевски, супспецијалист по градна хирургија, овие три постапки се основа на дијагностиката кај пациентките со промени во дојките. Дополнително, во одредени случаи може да се препорачаат и други дијагностички методи, како магнетна резонанца (MRI), која е задолжителна кај пациенти кај кои веќе е дијагностициран карцином на дојка.
„Биопсијата на дојка е најдобриот метод за дијагностицирање на какви било промени во ткивото на дојката. Целта на биопсијата е да се утврди дали овие промени се бенигни или малигни, што е клучно за понатамошен третман и управување со состојбата на пациентот“, вели д-р Смилевски.
Во процесот на дијагностика и третман на заболувања на дојката, се применува мултидисциплинарен пристап, каде што соработуваат хирурзи, онколози, радиолози и патолози. Сепак, како што потенцира д-р Смилевски изведбата на биопсијата и одредувањето на индикациите за неа се целосно во надлежност на радиологот
„Биопсијата на дојка претставува златен стандард во дијагностиката на абнормалности во ткивото на дојката. Се препорачува секогаш кога се откриваат сомнителни промени, било при преглед, мамографија, ултразвук или магнетна резонанца (MRI). Најчести индикации за биопсија се сомнителна маса или сомнителна група на микрокалцификати. За навигација на сите биопсии се користат сите радиолошки методи, се одбира методата на која промената е видлива (околу 90% од биопсии се работат под контрола на ултразвук). Целта на биопсијата е прецизна проценка на природата на промените дали се бенигни или малигни, што е од суштинско значење за навремен и соодветен третман“, вели д-р мед. науки Маја Стојчевска-Чапова, специјалист по радиодијагностика.
ВИДОВИ БИОПСИЈА И КАКО СЕ ИЗВЕДУВААТ
Биопсијата се изведува на повеќе начини:
ТЕНКОИГЛЕНА БИОПСИЈА (Fine-needle aspiration biopsy FNA-b)
Тенкоиглената биопсија е минимално инвазивна процедура што се изведува со локална анестезија и под контрола на ултразвук. Со употреба на шприц и многу тенка игла, се зема примерок од сомнителната регија на дојката. Примерокот содржи клетки (не цело ткиво) и се испраќа на цитолошка анализа кај патолог. Врз основа на изгледот и диференцираноста на клетките, резултатот се класифицира во пет групи – првата група значи бенигна состојба, додека петтата група зборува за наод со докажан малигнитет. Недостатокот на оваа метода е што кај цврсти ткива може да не обезбеди доволно материјал за релевантна анализа. Главна индикација за оваа метода се комплексни цисти и воспаленија.
КОР БИОПСИЈА (Core needle biopsy)
Овој тип биопсија се изведува, исто така, под локална анестезија, но примерокот што се добива е поголем и содржи дел од ткивото. Ова му овозможува на патологот да направи подетална анализа и да даде увид во хистолошката структура на промената.
ХИРУРШКА ЕКСЦИЗИОНА БИОПСИЈА
Овој тип биопсија се изведува во општа анестезија и во операциона сала. За време на интервенцијата, хирургот целосно ја отстранува сомнителната промена на дојката, а многу често и дел од околното паренхимско ткиво, со цел да се осигури дека лезијата е отстранета во целост. Д-р Смилевски посочува дека особено значајни се биопсиите кај непалпабилни лезии, т.е. промени што не се чувствуваат при допир, но се видливи на радиолошките снимки.
„Речиси секоја медицинска постапка во дијагностика или третман на некоја состојба е тимски процес и кај оваа биопсија тоа е особено изразено. Таа бара вклучување на тим од радиолози, хирурзи во операциона сала и патолог што ја прави финалната анализа“, вели д-р Смилевски.
Оваа биопсија се изведува во неколку чекори. Радиологот најпрво ја детектира сомнителната лезија на направените снимки, најчесто со мамографија, ехо или магнетна резонанца. Следува консултација меѓу радиолог и хирург, на која заеднички се поставува индикацијата за биопсија. Потоа се прави проценка на пациентот и подготовка од страна на анестезиологот.
„На денот на интервенцијата, постапката започнува на Одделот за радиологија. Во локална анестезија и под контрола на некоја радиолошка метода (ехо, мамографија или магнетна резонанца) кај пациентот се поставува специјална жица (маркер), чиј врв завршува точно над сомнителната промена во паренхимот на жлездата. Жицата (маркер) на својот врв има многу мали куки, кои спречуваат нејзино поместување и промена на позицијата. При самото поставување на маркерот присуствува и хирургот, кој ја следи прецизната позиција и го планира најсоодветниот пристап до промената во текот на операцијата“, објаснува д-р Смилевски.
Интервенцијата се изведува во операциона сала, под краткотрајна општа анестезија. За време на операцијата, хирургот со помош на претходно поставениот маркер ја идентификува сомнителната промена во дојката и ја отстранува во целост. Отстранетиот примерок потоа се испраќа на хистолошка анализа, каде што тим од патолози детално го обработува и ја утврдува природата на ткивото.
„Во случаи кога ексцизионата биопсија се прави поради присуство на групирани сомнителни микрокалцификати, постои дополнителна проверка. Отстранетиот примерок, уште додека трае интервенцијата, се носи назад кај радиологот, каде што се прави мамографија на самото ткиво, со цел да се утврди дали во примерокот се опфатени сите калцификати. Кога мамографски ќе биде потврдено дека промената е отстранета во целост, операцијата се завршува“, вели д-р Смилевски.
Закрепнувањето од овој вид биопсии е многу брз, а пациентот ја напушта болницата уште истиот ден по неколку часа од интервенцијата. Според д-р Смилевски, најважниот дел од овој тип биопсија е што овозможува целосен увид во сомнителната лезија. Најчесто тоа се промени не поголеми од неколку милиметри. Ако во примерокот се идентификува малигна промена, тоа значи дека болеста е дијагностицирана во многу рана фаза. Лекувањето на овие пациенти, дијагностицирани во почетна фаза на карцином, е секако полесно.