Што е сколиоза?
Сколиозата е странично искривување на ’рбетниот столб, кој создава кривина во облик на буквата С или S. Не секогаш има надворешни видливи знаци на деформитетот, но детето се жали на болка во торакалниот и лумбалниот дел од грбот при подолго стоење. Етиологијата често е непозната (идиопатска), а голем удел имаат секојдневните навики на лошо држење на телото.
Како што болеста напредува, болката во грбот станува поинтензивна. Деформитетот може да врши притисок на некои нерви, на `рбетниот мозок, што може да доведе до слабост, вкочанетост и болка во долните екстремитети. Во ретки случаи може да дојде до деформирање на градниот кош, што резултира со проблеми со дишењето, замор па дури и срцева слабост.
Симптоми кои најчесто се забележуваат:
– Несиметрични рамења и слабински бразди
– Испакнување на едната или двете плешки
– Спуштено рамо и карлица
– Грпка на едната страна на грбот
Третман
Конзервативен
Третманот на сколиозата кај децата во раст зависи од аголот на искривување на ‘рбeтниот столб кој се мери на панорамска рендген снимка. Доколку аголот е до 25 степени, тогаш се применуваат одредени вежби за подобрување на држењето на телото и редовен мониторинг на промените. При агол од 25 – 40 степени се оди кон апликација на еластични појаси или пластични корсети во комбинација со соодветни вежби и при агол поголем од 40 степени деформитетите се лекуваат хируршки.
Хируршки
Во Спиналниот центар се изведуваат најсовремените хируршки техники во лекувањето на потешки случаи на сколиоза и кифоза. Овие интервенции најчесто се јавуваат кај децата (поретко во инфантилна фаза (1-3 години), а почесто во јувенилна и адолесцентна). Деформитетите поретко се јавуваат и кај возрасните како последица на понапреден дегенеративен процес. Клиничката болница „Аџибадем Систина“ има богато искуство во хируршкиот третман на деформитетите на `рбетниот столб во сите возрасти, од најраната (детска возраст) до најстарата популација.
Што е кифоза?
Кифозата или подгрбавеноста е зголемување на кривината во градниот дел од ’рбетниот столб. Посебно е воочлива при седење и ја следи завиеност на обете рамења нанапред. Често е последица на наглото растење на децата, лоша положба при седење и слаба стомачна и грбна мускулатура.
Кифозите во периодот на адолесценција најчесто се појавуваат како резултат на одредени нарушувања во растот. Кај повозрасната популација, најчеста причина за појава на кифоза е остеопорозата. Кифозите може да бидат и вродени, може да се појават како резултат на траума или како последица на хируршка интервенција.
Дијагноза
Најчесто пациентите се јавуваат на лекар откако ќе ја забележат карактеристичната искривеност на грбот. Она што е важно да го знае вашиот лекар е вашата семејна историја на болеста, кога за првпат го забележавте искривувањето, дали имате болка во грбот или некој друг проблем. Од дијагностичките процедури, лекарот ќе побара рендген снимка, магнетна резонанца, компјутерска томографија , за да се видат специфичните кривини на ’рбетот, невролошки испитувања за да се види дали постои притисок на некој од ’рбетните нерви.
Третман
Конзервативен
Првиот чекор вклучува вежби, земање лекови, носење специјални протези со кои се намалува болката, физиотерапија. Доколку причина за кифозата е остеопороза, тогаш треба да се контролира со цел да се забави процесот на искривување на ’рбетот.
Хируршки
Кифозата се третира хируршки доколку болката е силна, а искривувањето на ’рбетот е сè поинтензивно и прави оштетувања на ’рбетниот мозок. Хирургијата е единствена опција за успешна корекција на деформитетот. Доколку кифозата се забележи во периодот на раст, намалување на прогресијата на искривување може да се постигне со протеза.