Спондилолистезата е резултат на слизнување на еден прешлен кон напред во однос на соседниот прешлен. Најчесто се случува во лумбалниот дел на ’рбетот.

СИМПТОМИ

Спондилолистезата најчесто се јавува кај децата и адолесцентите и во некои случаи може да предизвика болка. Доколку е присутна, најчесто е резултат на механички проблеми (одредени активности, движења или положби на телото кои ја предизвикуваат). Исто така, болката може да биде резултат на притискање или иритирање на нервите во ’рбетот. Може да се почувствува вкочанетост во стапалото и слабост во мускулите кои ги зафаќа притиснатиот нерв.

ПРИЧИНИ ЗА ПОЈАВА НА СПОНДИЛОЛИСТЕЗА

Спондилолистезата може да биде резултат на дегенеративен процес, траума или вроден дефект и најчесто се формира во најдолниот дел на ’рбетот, поточно во коската во вид на прстен која ги заштитува ’рбетниот мозок и нервите во ’рбетот. Коската е најосетлива во пределот наречен „pars interarticularis“, кој ги сврзува горните и долните зглобови. Дефектите и скршениците на оваа коска се нарекуваат спондилолизи и најчесто се резултат на постојано „трошење“ и оштетување на коската. Во секој случај, доколку постојаните оштетувања на коската се случуваат побрзо отколку што телото може да одговори, најверојатно, ќе дојде до фрактура на коската (спондилолиза).

Спондилолистезата се случува кога прешленот се помрднува како резултат на проширување на скршеницата, односно кога мускулите и лигаментите не се во состојба да го издржат товарот на прешлените. Во тој случај доаѓа до слизнување на еден од прешлените кон напред, во однос на соседните прешлени. Ова „слизнување“ на прешленот може да го намали спиналниот канал оставајќи мал простор за нервните корени со што може да дојде до притиснување на некој од нервите. Исто така, оваа состојба може да го зафати и цервикалниот дел на ’рбетот и најчесто е резултат на повреда на вратот и ревматоиден артритис. Цервикалните спондилолистези предизвикуваат болка во вратот и вкочанетост.

ДИЈАГНОЗА

Дијагнозата на оваа состојба опфаќа преглед, како и целосна анамнеза на пациентот. По прегледот, зависно од состојбата лекарот ќе ве препрати на рендген, апарат кој најчесто целосно го лоцира проблемот. Доколку е потребна дополнителна дијагноза, тогаш се користи КТ Скен.

ТРЕТМАН

Третманот на спондилолистеза е сличен со оној на другите механички и компресивни болки во грбот. Со цел да се ублажат симптомите, за време на акутната фаза се препорачува одмор кој вклучува избегнување на какви било спортски активности. Покрај тоа, во некои случаи се препорачуваат разни корсети кои помагаат во процесот на заздравување на фрактурата и намалување на болката. Во зависност од состојбата, докторот може да предложи и  физикална терапија во комбинација со лекови за ублажување на болката. Постојат разни специфични вежби кои се прават за време на рехабилитацијата и помогнуваат за побрзо враќање на спортските активности.

Како и кај сите состојби, доколку конзервативниот третман не помогне, можно е да биде потребна хируршка интервенција. Резултатот од операцијата треба да биде целосно отстранување на механичката и компресивната болка, како и отстранување на притисокот од нервите во ’рбетот. Оваа хируршка процедура се нарекува декомпресивна ламинектомија на лумбалниот ’рбет.

Покрај ова, потребно е да се направи стабилизација на сегментот со фузија и  дополнителна фиксација доколку има потреба.

Сподели:

  • Добивај известувања за новости!