Да се биде аутистичен носи и придобивки и предизвици. Всушност, едно од најчестите прашања што се поставуваат кога се зборува на оваа тема е: ако аутизмот носи толку многу придобивки, зошто како родители вложуваме толку многу напори во растењето на нашите аутистични деца? Ова е добро прашање и вреди да се разгледа.
,,Нашето искуство ни покажува дека негувателите се соочуваат со бројни и разновидни предизвици при одгледување на дете со аутизам. Во процесот на нивното растење и воспитување, тие често се изложени на негативни последици кои можат да се одразат врз нивното физичко здравје, менталната благосостојба, социјалниот живот, како и врз финансиската состојба”, вели м-р Бољетин Зенуни, дефектолог.
Кои се предизвиците при одгледување на аутистично дете?
,,Често знаеме да кажеме шега во разговорите со родителите на деца со аутизам, дека аутизмот е наследен, односно дека го добивате од вашите деца. Во оваа шега има зрнце вистина, во смисла дека кога одгледувате дете со аутизам, целото семејство мора да се приспособи на аутизмот, создавајќи дом што е пријателски за аутизмот или дури и усвојувајќи некои од карактеристиките на аутизмот. Иако сите овие приспособувања се многу корисни за детето со аутизам, остатокот од семејството може да почне да се чувствува социјално изолирано, а животот да изгледа како да е „омекнат“ и како да ги изгубил својата боја и возбуда”, објаснува дефектологот Зенуни.

Аутизмот често е придружен и со други состојби како што се: АДХД, анксиозни нарушувања, депресија. Честите кризи, кои понекогаш вклучуваат и вербална и физичка агресија, се исклучително тешки за семејствата. Дете што доживува кратки, но интензивни „напади“ на депресија, што има суицидални мисли и/или самоповредувачко однесување, може да претставува огромен емотивен товар за родителот – при што изреката „ти си онолку среќен колку што е среќно и твоето дете“ станува реалност за многу родители.
Типичната родителска практика не функционира кај едно аутистично дете како кај дете со типичен развој, што доведува до можни дебати меѓу родителите за начините на воспитување и дисциплинирање на своето дете, како и конфузија околу алтернативните стратегии што би можеле да функционираат. Пронаоѓањето професионалци кои се вешти и искусни во областа на аутизмот е сè уште многу тешко во многу делови од светот. Браќата и сестрите не го разбираат аутизмот и можат да бидат лути и збунети зошто нивниот брат или сестра се третирани поинаку и како за нив да има различни правила.
Една од главните карактеристики на аутизмот е тешкотијата на „теоријата на умот“, односно тешкотија да се разбере туѓата перспектива. Проблемите со ,,теоријата на умот” на аутистичните деца се појавуваат во сите нивни социјални односи, а најмногу се изразени дома со родителите, браќата и сестрите.
,,За многу аутистични деца, приврзаноста и изразувањето љубов, како што е една прегратка, не се утешни, бидејќи прегратката тие ја разбираат како стегање и зошто некој би те стискал кога си тажен или вознемирен? Како резултат на ова, детето може да ја одбива љубовта на родителите, правејќи го родителот да се чувствува тажно што не може да го утеши своето дете и да ја почувствува физичката поврзаност со него. Изразувањето љубов преку вербална комуникација, како што е употребата на комплименти и изрази на нежност, исто така може да биде отфрлено од страна на аутистичното дете. Родителите може да почнат да се прашуваат дали нивното аутистично дете ги сака и исто така, дали тоа може да ја почувствува нивната љубов. Немајќи ја можноста да бидат родители какви што посакувале и се надевале дека ќе бидат, тие може да почнат да се чувствуваат депресивно. Како резултат на недостаток на разбирање од страна на другите членови на фамилијата, пријателите и општеството, како и зголеменото социјално повлекување, фамилиите што имаат аутистично дете почнуваат да се чувствуваат социјално изолирано и да се срамат и да се обвинуваат себеси”, додава дефектологот Зенуни.
Да се биде родител на дете со аутизам, истовремено е и прекрасно и страшно, некогаш и повеќе од тоа што можеме да замислиме. Предизвиците прифатете ги како чудо и направете го првиот чекор денес кон грижата за себе. Запомнете, ако ви снема сила од премореност, тогаш тешко можете да бидете потпора на оние што најмногу ги сакате. Грижата за себе не е себичност, тоа е неопходност. Побарајте поддршка. Прифатете помош. Не сте сами.