ГЛАВОБОЛКАТА ЗБОРУВА, ДАЛИ ЈА СЛУШАМЕ?

ГЛАВОБОЛКАТА – ТИВОК СИГНАЛ ШТО НЕ ТРЕБА ДА СЕ ИГНОРИРА

Главоболката е состојба што речиси сите ја доживуваме, често ја прифаќаме како нормален дел од секојдневјето и ретко ѝ посветуваме поголемо внимание. Брзиот ритам на живот, стресот, недоволниот сон и долгото време поминато пред екраните ја прават сè почеста појава, особено кај работоспособната популација. Иако во најголем број случаи станува збор за минлива и безопасна состојба, проф. д-р Татјана Чепреганова-Чангова, специјалист по неврологија, предупредува дека главоболката понекогаш може да биде важен показател за нарушување на здравјето.

КОГА БОЛКАТА СТАНУВА СЕКОЈДНЕВЈЕ

Посебно внимание заслужуваат лицата што се соочуваат со главоболка речиси секој ден. Кога болката се јавува најмалку 15 дена во текот на еден месец, се говори за хронична дневна главоболка – состојба што значително го нарушува квалитетот на животот. Таа може да биде како мигрена, тензична или кластер главоболка, а често е придружена со замор, раздразливост и намалена концентрација. Според искуствата на лекарите, кај овие пациенти честопати се присутни и психолошки фактори – хроничен стрес, анксиозност или депресивни состојби, кои дополнително ја засилуваат болката. Токму затоа, современиот пристап кон лекувањето не се базира само врз аналгетици, туку врз целосна проценка на физичкото и менталното здравје.

СОВРЕМЕН ТРЕТМАН – ПОВЕЌЕ ОД ЛЕК ПРОТИВ БОЛКА

Во последните години, третманот на главоболките доживува значаен напредок. Покрај класичната терапија, сè почесто се применуваат нови, таргетирани методи што даваат добри резултати кај пациентите со хронични тегоби. Биолошката терапија за мигрена, која делува врз специфични рецептори одговорни за болката, кај многу луѓе значително ја намалува зачестеноста на нападите. Кај одредени форми на хронична мигрена, позитивни ефекти покажува и терапијата со ботулински токсин, додека физиотерапијата и мануелните техники се особено корисни кај главоболки поврзани со вратниот ’рбет. Сè поголем акцент се става и на немедикаментозните методи – техники за релаксација, контролирано дишење, мајндфулнес и психотерапија, кои имаат докажано влијание врз намалување на интензитетот и зачестеноста на болката.

АЛАРМАНТНИ СИМПТОМИ ШТО БАРААТ ИТНА РЕАКЦИЈА

Иако повеќето главоболки не се опасни, постојат ситуации кога болката во главата не смее да се игнорира. Нагла, силна и невообичаена главоболка, особено ако е проследена со други симптоми, бара итна лекарска помош. Вкочанет врат, покачена температура, нарушен говор, губење на рамнотежа, слабост на едната страна од телото, проблеми со видот или слухот, како и главоболка по повреда на главата, се знаци што укажуваат на можни сериозни состојби.

ЗАД ГЛАВОБОЛКАТА МОЖЕ ДА СЕ КРИЕ МНОГУ ПОВЕЌЕ

Главоболката може да биде поврзана со заболувања на очите, ушите, синусите, забите, со проблеми со крвниот притисок, крвните садови или вратниот дел од ’рбетот. Во поретки, но сериозни случаи, таа може да биде симптом и на воспалителни или туморски процеси. Затоа, упорната или повторлива главоболка секогаш треба да биде причина за консултација со лекар.

СЛУШАЈТЕ ГИ СИГНАЛИТЕ НА ТЕЛОТО

Иако често ја доживуваме како нешто минливо, главоболката е порака од телото што не треба да се занемари. Навремената дијагноза, современиот пристап кон третманот и промените во животниот стил можат значително да го намалат нејзиното влијание и да го подобрат секојдневното функционирање.

И ДЕЦАТА МОЖАТ ДА ИМАА ГЛАВОБОЛКИ

И децата можат да имаат главоболка и тоа е почеста појава отколку што се мисли. Причините можат да бидат: замор, стрес, дехидратација, настинка, долго гледање во екран или недостаток на сон. Во повеќето случаи главоболките се безопасни и минливи, но ако се чести, силни или придружени со други симптоми, важно е да се побара совет од лекар.

ЦЕНТАР ЗА ТРЕТМАН НА ГЛАВОБОЛКИ

Во Клиничката болница „Аџибадем Систина“, во рамки на Центарот за болки, наскоро ќе биде отворен напреден центар за третман на главоболки, кој ќе им нуди на пациентите целосна грижа – од прецизна дијагностика до персонализиран план за терапија. Новиот центар ќе работи со мултидисциплинарен тим од специјалисти и најсовремена опрема, сѐ со цел подобро ослободување од болката и подобрување на квалитетот на животот на пациентите.

Сподели:

  • Добивај известувања за новости!