Епилепсијата е едно од најчестите хронични невролошки заболувања во светот. Се проценува дека повеќе од 50 милиони луѓе живеат со оваа состојба, но и покрај нејзината распространетост, сè уште постојат бројни предрасуди, заблуди и стравови поврзани со неа. Благодарение на современата медицина, денес епилепсијата во најголем број случаи може успешно да се контролира, овозможувајќи им на пациентите да водат активен и исполнет живот.
Епилепсијата не е една болест, туку група состојби кои имаат заедничка карактеристика – повторувачки епилептични напади.
„Важно е пациентите и нивните семејства да знаат дека со навремена дијагноза и правилен третман, кај најголем дел од луѓето нападите можат успешно да се стават под контрола“, објаснува виш научен соработник д-р Бојан Бошковски, невролог. Мозокот функционира преку сложена мрежа на нервни клетки кои меѓусебно комуницираат со електрични сигнали. Кога одредена група клетки ненадејно и неконтролирано ќе создаде прекумерно електрично празнење, настанува епилептичен напад. Начинот на кој ќе изгледа нападот зависи од делот на мозокот што е зафатен. Кај некои пациенти се јавуваат грчеви на целото тело и губење на свеста, додека кај други нападот може да се манифестира како краткотрајно отсуство, необично чувство, чуден мирис или неконтролирани движења на одреден дел од телото. Сепак, еден напад не значи секогаш дека лицето има епилепсија.
„Постојат состојби кои можат привремено да предизвикаат напад без да станува збор за епилепсија. Такви примери се високата температура кај малите деца, значително намалено ниво на шеќер во крвта, нарушувања на електролитната рамнотежа, акутни повреди на мозокот или апстиненција од алкохол. Затоа е исклучително важно секој пациент да биде темелно проценет од невролог“, вели д-р Бошковски.
Според местото на настанување во мозокот, нападите најчесто се поделени на жаришни (фокални) и генерализирани. Жаришните започнуваат во ограничен дел од мозокот и можат да се манифестираат со различни сетилни или моторни симптоми, додека генерализираните од самиот почеток ги зафаќаат двете мозочни хемисфери. Во оваа група спаѓаат добро познатите тонично-клонични напади со губење на свеста и грчеви, но и пократки форми како апсансите кај децата или миоклоничните напади.
ПРИЧИНИ ЗА ПОЈАВА НА ЕПИЛЕПСИЈА
Причините за појава на епилепсија се различни. Кај некои пациенти постои генетска предиспозиција, додека кај други состојбата е последица на структурни промени во мозокот, како мозочен удар, повреда, тумор или лузна. Во одредени случаи причината останува непозната и покрај деталните испитувања. Дијагнозата се поставува врз основа на внимателно земена анамнеза и детална анализа на самиот настан. Особено значајни се информациите од сведоци кои присуствувале на нападот. „Денес мобилните телефони често ни помагаат во дијагностичкиот процес. Видеоснимка од нападот може да обезбеди исклучително вредни информации и да помогне во прецизното утврдување на видот на нападот“, нагласува д-р Бошковски.
ДИЈАГНОСТИКА И ТРЕТМАН
Покрај клиничкиот преглед, во дијагностиката се користат и електроенцефалографија (ЕЕГ), која ја регистрира електричната активност на мозокот, магнетна резонанца за откривање евентуални структурни промени и лабораториски анализи за исклучување други причини. Кај одредени пациенти е потребно и продолжено видео-ЕЕГ мониторирање. Современите можности за лекување овозможуваат одлична контрола на болеста кај најголем број пациенти. Основата на терапијата се антиепилептичните лекови, кои ја намалуваат склоноста на мозокот кон создавање напади.
„Околу две третини од пациентите со правилно избрана терапија можат целосно да останат без напади. Најважно е лековите да се земаат редовно и да не се прекинуваат на своја рака, бидејќи тоа може да доведе до повторна појава на напади“, објаснува д-р Бошковски.
Кај пациентите кај кои нападите не се контролираат со медикаментозна терапија, постојат и други современи методи на лекување, меѓу кои хируршки третман на епилептогениот фокус, стимулација на вагусниот нерв и кетогена диета, особено кај децата. И покрај дијагнозата, повеќето лица со епилепсија можат да водат нормален живот, да се образуваат, да работат и да формираат семејства. Потребна е само поголема претпазливост при одредени активности, како пливање, работа на височина или управување со моторни возила, согласно законските прописи и препораките на лекарот.
ПОДДРШКА ОД ОКОЛИНАТА
Д-р Бошковски потсетува дека подеднакво важна е и поддршката од околината: „На пациентите со епилепсија најмногу им помага информираноста. Кога луѓето ќе разберат што претставува болеста и како треба да се реагира при напад, стравот и стигмата значително се намалуваат.“ Доколку сте сведок на епилептичен напад со грчеви, останете смирени, заштитете ја главата на лицето од повреда, поставете го во странична положба и измерете го времетраењето на нападот. Не ставајте предмети во устата и не обидувајте се насилно да ги запрете грчевите. Ако нападот трае подолго од пет минути или ако нападите се повторуваат без целосно закрепнување помеѓу нив, неопходно е веднаш да се побара итна медицинска помош.



