ЧЕСТА СОСТОЈБА СО ЗНАЧАЈНО ВЛИЈАНИЕ ВРЗ КВАЛИТЕТОТ НА ЖИВОТ
Современата медицина и јавното здравство денес се насочени кон превенција и рано откривање на болестите кај мажите, со цел намалување на ризиците и зачувување на оптималната физиолошка функција на организмот и адекватно и радикално решавање на болестите во ран стадиум. Дополнително во 21 век, сè поголем акцент се става на квалитетот на живот и сè повеќе болести и состојби кои порано се сметаа за табу-теми стануваат актуелни и отворено и активно се зборува за нив. Така е и со појавата на еректилната дисфункција, намаленото либидо и нарушениот квалитет на сексуалниот живот. Проф. д-р Сотир Ставридис, специјалист по урологија, истакнува дека еректилната дисфункција претставува едно од најчестите машки сексуални нарушувања, кое се дефинира како постојана или повторувачка неможност да се постигне или одржи ерекција доволна за задоволителен сексуален однос, во 50 % од обидите во последните 6 месеци.
Современите истражувања укажуваат дека еректилната дисфункција често има мултифакториелна етиологија, вклучувајќи органски, васкуларни, невролошки, ендокрини и психогени компоненти. Дополнително, значајноста на нотирањето на појавата на еректилната дисфункција е уште поголема, со оглед на фактот што еректилната дисфункција може да биде ран индикатор, или прв знак, за постоење на кардиоваскуларни заболувања, дијабетес или хормонски нарушувања. Токму затоа, нејзиното препознавање и навремена дијагноза имаат значајна улога не само во подобрување на квалитетот на живот, туку и во превенција на посериозни здравствени состојби. Од аспект на квалитетот на живот, проблемите со ерекцијата и лошиот квалитет на сексуалниот живот можат да влијаат врз психолошката состојба на мажот, неговата самодоверба, како и на квалитетот на интимните односи.
„Разбирањето на механизмите, причините и современите пристапи во третманот на еректилната дисфункција претставува клучен аспект во современата урологија и сексуална медицина и дел од експертизата на уролошкиот тим на Клиничката болница ‚ Аџибадем Систина‘“, објаснува проф. Ставридис.
ШТО ПРЕТСТАВУВА ЕРЕКТИЛНАТА ДИСФУНКЦИЈА?
Импотенција, или еректилна дисфункција, претставува перзистентна или рекурентна неможност да се постигне и/или одржи ерекција доволна за задоволителен сексуален однос, во 50 % од обидите во последните 6 месеци. „Станува збор за често уролошко и мултидисциплинарно нарушување, со значајно влијание врз квалитетот на живот, психичкото здравје и интимните односи кај мажите. Таа е една од најраспространетите сексуални дисфункции, а според податоци од бројни епидемиолошки студии, повеќе од 150 милиони мажи ширум светот се соочуваат со овој проблем. Се предвидува дека до 2025 година бројката ќе надмине 300 милиони“, додава проф. Ставридис. Инциденцата на еректилната дисфункција се зголемува со возраста: • кај мажи на возраст од 40 години: околу 5-10 % • кај мажи на возраст од 60 години: 20-40 % • кај мажи над 70 години: над 50 %. Денес, поради начинот на живот, зголемениот психолошки и физички стрес и зголемена преваленца на метаболичкиот синдром и васкуларни болести, се забележува пораст на еректилната дисфункција и кај помлади мажи.
ЕТИОЛОГИЈА
Етиологијата или причините за еректилната дисфункција се најчесто мултифакториелни и можат да се класифицираат во следниве категории:
1. органски причини – васкуларни: атеросклероза, артериска хипертензија, венска инсуфициенција – неврогени: повреди на ‘рбетниот мозок, мултиплекс склероза, дијабетична невропатија, Паркинсонова болест – ендокрини: хипогонадизам, хиперпролактинемија, Кушингов синдром, нарушувања на тироидната жлезда – лекови: бета-блокатори, антидепресиви, бензодијазепини, циметидин, спиронолактон – хируршки: радикална простатектомија, радикална цистопростатектомија
2. психогени причини – анксиозност, депресија, стрес, трауми од претходни сексуални неуспеси
3. животен стил и други фактори – пушење, алкохол, дроги, дебелина, седентарен начин на живот
КАКО СЕ ДИЈАГНОСТИЦИРА ЕРЕКТИЛНАТА ДИСФУНКЦИЈА?
Дијагнозата на еректилна дисфункција бара систематски и најчесто мултидисциплинарен пристап, кој вклучува детална анамнеза – сексуална, психосоцијална и медицинска, физикален преглед, како и лабораториски анализи меѓу кои: тестостерон, пролактин, LH, FSH, гликемија, липиден профил. Дополнително се применуваат и специфични тестови, како што се: ноќен тест за ерекција (NPT), доплер со интракавернозна инјекција, психолошка евалуација.
ТРЕТМАН
Третманот зависи од етиологијата и индивидуалните потреби на пациентот. Најчесто се користи комбиниран пристап.
1. Медикаментозен третман
• инхибитори на PDE5: силденафил, тадалафил, варденафил
• интракавернозни инјекции со вазодилататори како алпростадил
• интрауретрални гелови и супозитории
• хормонска терапија кај хипогонадизам
• психотерапија кај психогена ЕД (во нашата болница постојат соодветни специјалисти психијатри и сексолози, кои со успех ги третираат ваквите состојби).
2.Хируршки третман
Хируршкиот третман е најрадикалното решение што се презема како крајно, кога нема друг начин да се преброди проблемот со ерекцијата и кога еректилната дисфункција не реагира на медикаментозен третман. Тој најчесто изискува претходна добра психолошка подготовка на пациентот за да знае што го очекува во периодот по имплантација на пенилната протеза. Постојат три типа пенилни протези, полуригидни и делумно и целосно инфлатабилни (надувливи), кои со успех се вградуваат во нашата болница од страна на експерти со долгогодишно искуство во реконструктивната урологија и андрологијата.
ПОЛУРИГИДНА (СЕМИРИГИДНА) ПРОТЕЗА
• Структура: два флексибилни цилиндри се имплантираат во кавернозните (пенилни) тела на пенисот.
• Механизам: протезите се секогаш во фиксна положба. Може рачно да се постават во позиција за сексуален однос и потоа да се наведнат надолу за дискретност.
• Предности: едноставно поставување, мала веројатност за механички дефект.
• Недостатоци: постојана „полуерекција“, може да биде непријатно во секојдневниот живот, проследена најчесто со нелагодност и болка во половиот орган.
ДЕЛУМНО НАДУВЛИВА (ДВОКОМПОНЕНТНА) ПРОТЕЗА
• Структура: се состои од два цилиндра и една пумпа во скротумот.
• Механизам: кога корисникот ја стиска пумпата, течноста (обично физиолошки раствор) се префрла од пумпата во цилиндрите, предизвикувајќи ерекција. Нема резервоар во абдоменот.
• Предности: поедноставна хирургија, помалку инвазивна.
• Недостатоци: помала ригидност и природност во споредба со трикомпонентната.
ЦЕЛОСНО НАДУВЛИВА (ТРИКОМПОНЕНТНА) ПРОТЕЗА
Структура: се состои од два цилиндра во пенисот, пумпа во скротумот, резервоар со течност во абдоминалната празнина. Механизам: со стискање на пумпата се префрла течноста од резервоарот во цилиндрите што создава ерекција. За декомпресија, се активира вентил на пумпата и течноста се враќа во резервоарот, по што пенисот омекнува.
• Предности: најприродна ерекција, најголема контрола.
• Недостатоци: Посложена хирургија и потенцијално поголем ризик од механички дефекти.
ПРЕВЕНЦИЈА И НАЧИН НА ЖИВОТ
„Раното препознавање и соодветна терапија значително го подобруваат квалитетот на живот на пациентот и неговиот партнер додека редовна физичка активност, здрава исхрана, контрола на гликемија и крвен притисок, откажување од пушење и алкохол, психолошка поддршка ги намалуваат инциденцата и раната појава на еректилната дисфункција“, завршува проф. Ставридис.



