„РОБОТСКАТА ХИРУРГИЈА Е МОЈ СЛЕДЕН ПРЕДИЗВИК“
Во свет во кој медицината постојано се менува, а технологијата го редефинира хируршкиот пристап, проф. д-р Сотир Ставридис припаѓа на генерацијата уролози кои ја поминаа трансформацијата од класична отворена хирургија, преку лапароскопија, до современата роботска ера. Но неговата приказна започнува многу порано, во семејство каде урологијата не била само професија, туку традиција.
Тој е третата генерација уролози во семејството Ставридис. Неговиот дедо е првиот уролог во Македонија и воедно прв доцент на Медицинскиот факултет во Скопје, а урологијата понатаму ја продолжува неговиот татко, проф. д-р Александар Ставридис, еден од најценетите уролози во земјата. Оваа успешна традиција, вели, за него претставува и предизвик и гордост затоа што продолжуваш да се унапредуваш и да ја развиваш урологијата што ја започнале твоите предци.
„За мене секогаш е гордост кога некој ќе ти каже дека си постигнал нешто во животот и си успеал да ги надминеш својот дедо и татко. Секој од нас доживува развој во различни времиња за урологијата. На самите почетоци немало дигитализација, немало современи имиџинг-дијагностички апарати. Станува збор за 50-тите години од минатиот век, по Втората светска војна – тоа било дел импровизација, дел почетоци на основните оперативни процедури. Подоцна, кога започнал мојот татко, тогаш се развива минимално инвазивната ендоурологија. Денес акцентот е уште поголем на минимално инвазивната хирургија, каде сè се работи преку многу мал хируршки рез, а сè повеќе се применуваат методи со минимална траума на ткивото и максимален резултат. Ја развиваме ендоскопијата, за одредени состојби лапароскопијата, ласерите и она што претставува врв во медицината, роботската хирургија. Секоја генерација има своја револуција“, вели проф. д-р Ставридис.
„Никој никогаш не ми рекол: мораш да бидеш доктор. Едноставно, сè околу мене беше медицина“, додава тој.
Основното образование го завршува во ООУ „Браќа Рибар“, средното во гимназијата „Никола Карев“, а потоа следува Медицинскиот факултет. По дипломирањето, изборот на специјализација не бил наметнат, туку созреан низ практично искуство во операциона сала. Размислувал за повеќе хируршки гранки, абдоминалната и васкуларната хирургија му биле особено блиски но урологијата ја препознал како поле што нуди голема динамика и постојан технолошки развој. Таа е една од ретките гранки каде континуирано се случуваат иновации со реален бенефит за пациентите.
Специјализацијата ја започнува во 2000 година, токму во период кога минимално инвазивната хирургија почнува да зема сериозен замав.
„Од ендоскопски интервенции, преку лапароскопија, до современи ласерски техники, урологијата стануваше поле каде хируршкиот рез се намалува, а прецизноста се зголемува а со тоа и предностите за пациентите.“
ВО КЛИНИЧКАТА БОЛНИЦА „АЏИБАДЕМ СИСТИНА“ ФУНКЦИОНИРА ЈАСНО ПОСТАВЕН И СТРОГО ИЗГРАДЕН СИСТЕМ
Професионалниот пат го започнува со волонтирање во 1999 година, а од 2000 до 2023 година работи на Универзитетската клиника за урологија. Паралелно е ангажиран на УКИМ, а денес предава на Универзитетот во Штип. По повеќе од две децении во јавното здравство, започнува со работа во Клиничката болница „Аџибадем Систина“, каде особено ја нагласува важноста на тимската работа и меѓучовечките односи, кои во хирургијата се подеднакво значајни како и техниката.

„Разликата е во организацијата и редот. Во Клиничката болница ‘Аџибадем Систина’ функционира јасно поставен и строго изграден систем во кој секој точно знае која му е улогата и одговорноста. Тоа создава ред, а редот во медицината значи сигурност – и за пациентите и за лекарите. Доколку се појави одреден предизвик, веднаш знаете каде да се обратите и како се решава, без импровизации и без губење време. Кога системот е функционален, лекарот може целосно да се фокусира на пациентот и на квалитетот на медицинската услуга. Условите за работа се на високо ниво, современата опрема, процедурите и навремената достапност на материјали овозможуваат третман според највисоките стандарди. Тимската соработка е одлична, од помладите колеги до поискусните професионалци, и тоа создава професионална атмосфера во која сите работат со иста цел. Верувам дека токму организацијата, јасната структура и меѓусебната почит го прават квалитетот повисок и му даваат стабилност на целиот систем. Во крајна линија, лекарот најнапред мора да биде лекар, а добриот систем му овозможува тоа навистина да го живее“, вели проф. д-р Ставридис.
УРОЛОШКАТА ОНКОЛОГИЈА Е НЕГОВИОТ ПРОФЕСИОНАЛЕН ФОКУС
Иако урологијата е широка дисциплина, негов најголем професионален фокус е уролошката онкологија.
„Онколошката хирургија претставува мој најголем професионален предизвик, особено кога можеме да ја реализираме со минимално инвазивен пристап. Современите техники ни овозможуваат да изведеме радикални онколошки интервенции со значително помала хируршка траума, помала крвозагуба и побрзо закрепнување. Како втора професионална ‘љубов’ би ја издвоил уролошката калкулоза. Преку минимални инцизии или ендоскопски пристап можеме прецизно да го отстраниме каменот и пациентот практично веднаш да го ослободиме од болката и компликациите. Особено е важно кога со правилен пристап ќе овозможите пациентот да не зависи од стома и да го задржи квалитетот на животот. Тоа се моменти кога навистина ја чувствувате смислата на професијата.“
СЛЕДНИОТ ОГРОМЕН ПРЕДИЗВИК Е РОБОТСКАТА УРОЛОШКА ХИРУРГИЈА
„Отсекогаш ми било желба и предизвик да работам роботска хирургија, затоа што денес практично нема сериозна научна публикација ниту реномирана здравствена институција во светот што не ја интегрирала роботиката во својот хируршки арсенал. Тоа можеби носи и одреден престиж, но многу поважно, носи реален бенефит за пациентот.
Лапароскопијата направи револуција во хирургијата, но роботската технологија е следниот чекор. Не станува збор за мода, туку за потреба од поголема прецизност и подобра контрола. Инструментите кај лапароскопијата имаат четири степени на движење, додека кај роботот се седум, вклучително и ротација во зглобот, што овозможува движења речиси идентични на човечката рака, но со далеку поголема стабилност. Дополнително, роботот овозможува супериорна 3Д-визуализација, поголемо зголемување и елиминација на треморот.

Кога изведувате деликатни интервенции, како парцијална нефректомија – каде треба да се отстрани туморот, а да се зачува здравото бубрежно ткиво – таа разлика во прецизноста е суштинска. Со роботската платформа имате подобра пристапност до оперативното поле, можност за пристап од повеќе агли и поголема сигурност во секој потег. Да, оваа технологија е поскапа и бара дополнителна едукација, но сè што е поново и технолошки понапредно носи повисока цена а клучно е што носи и повисок квалитет“, објаснува проф. д-р Ставридис.
ИСКРЕНОСТА И ПОЧИТТА КОН ПАЦИЕНТИТЕ СЕ НАЈДОБРИОТ ПРИСТАП
Односот доктор–пациент го гради врз искреност и почит. Нагласува дека добар доктор мора да има баланс помеѓу емпатија и професионална дистанца.
„Со пациентите настојувам секогаш да бидам искрен, но никогаш брутален. Искреноста е основа на довербата, но начинот на кој ќе ја соопштите вистината е подеднакво важен како и самата информација. Понекогаш мора внимателно да ги изберете зборовите и да оставите простор пациентот постепено да ја прифати реалноста. Секогаш го земам предвид и ставот на семејството, има ситуации кога блиските бараат пациентот да не ја знае целосната слика. Во такви моменти мора да се најде баланс помеѓу медицинската етика, човечноста и психолошката подготвеност. Она што секогаш го правам е да го насочам разговорот така што пациентот ќе биде свесен за можниот тек на настаните и подготвен за тоа што следува.
Секој случај има своја тежина, но секогаш е потешко кога станува збор за млади луѓе, особено ако имаат семејства и мали деца. Тогаш ситуацијата е многу посензитивна. Сепак, доктор кој премногу емоционално страда заедно со пациентот тешко може да донесува рационални одлуки. Емпатијата е неопходна, но мора да постои и професионална дистанца.“
Надвор од операционата сала, со насмевка зборува за своите синови. Постариот, Стефан, има 19 и пол години и студира економија на King’s College. Иако во еден период размислувал за медицина, самиот побарал совет.
„Му реков дека тоа е негов живот и дека одлуката мора да биде негова. Јас не можам да учам наместо него, ниту да му го одредам патот.“
Помладиот син, Матеј, наскоро ќе наполни 15 години и допрва ги гради своите интереси. Засега покажува интерес за медицината, но професорот останува доследен на истиот став.
„Најважно ми е да бидат среќни и исполнети. Што ќе изберат и по кој пат ќе тргнат, зависи од нивните афинитети и нивната визија за иднината.“
По интензивните денови во операциона сала, стресот го канализира преку пријателството и физичката активност.
„Сакам да се дружам и имам круг на пријатели со кои често се гледаме. Тоа е еден вид психолошки вентил. Особено во зимскиот период практикуваме неколкупати годишно да одиме на скијање по неколку дена. Планината и физичката активност ме ресетираат. Немам специфично хоби, но тие мали бегства од секојдневието – прошетка, разговор, патување – се доволни да ја вратат рамнотежата. По цел ден разговори со пациенти, одлуки и концентрација, понекогаш најголем луксуз е да седнеш во мир и да не зборуваш со никого. Само да го одмориш мозокот.“
За медицината вели дека не е професија со работно време, туку начин на живот кој бара посветеност и пожртвуваност. Таа не завршува кога ќе ја напуштите болницата, ниту кога ќе се изгаснат светлата во операционата сала, таа останува како мисла, како одговорност и како постојана потреба да бидете подобри од вчера.
„Ако не сте подготвени да живеете со медицината секој ден, тогаш тешко дека можете вистински да ја работите“, вели тој, со јасна порака дека изборот што го направил одамна не е само кариера, туку и негова животна определба да спасува животи.



