ИНФЕКЦИИ НА УРИНАРНИОТ ТРАКТ

Инфекциите на уринарниот тракт (ИУТ) претставуваат едни од најчестите бактериски инфекции кај човечката популација. Иако во најголемиот број случаи успешно се третираат, тие сепак можат значително да го нарушат квалитетот на живот, а доколку не бидат навремено дијагностицирани и третирани, можат да предизвикаат сериозни компликации. Д-р Владимир Лозановски, уролог, истакнува дека препознавањето на симптомите, навремената консултација со лекар и усвојувањето на соодветни здрави навики се клучни фактори за успешно лекување и намалување на ризикот од рекурентни (повторувачки) инфекции.

ШТО ПРЕТСТАВУВААТ ИНФЕКЦИИТЕ НА УРИНАРНИОТ ТРАКТ?

Уринарниот тракт е составен од бубрези, мочоводи, мочен меур и канал за мокрење (уретрата). Неговата примарна функција опфаќа создавање, складирање и исфрлање на урината од организмот. Инфекција на уринарниот тракт се јавува при навлегување и размножување на бактерии во кој било дел од овој систем. Најчест причинител е бактеријата Escherichia coli (E. coli), која е природен жител во дигестивниот систем. Во зависност од местото каде што се наоѓа инфекцијата, разликуваме:

• инфекции на долниот уринарен тракт: најчесто се работи за воспаление на мочниот меур (циститис), мочниот канал (уретритис) и простатата (простатитис). Чести симптоми се: печење и болка при мокрење, исцедок од каналот за мокрење (неретко поврзано со сексуално преносливи болести), често мокрење, лажни нагони за мокрење, заматена или урина со непријатен мирис, крвава урина, непријатност или тежина во долниот дел на стомакот;

• инфекции на горниот уринарен тракт: кога инфекцијата ќе ги зафати бубрезите, станува збор за пиелонефритис – состојба што бара брза лекарска проценка и поагресивен третман. Симптомите може да вклучуваат: покачена телесна температура, треска, болка во слабините или грбот, гадење и повраќање, општа слабост.

ПОВТОРУВАЧКИ УРИНАРНИ ИНФЕКЦИИ – НАЈГОЛЕМИОТ ПРЕДИЗВИК

„За многу пациенти, најголем проблем не е една инфекција, туку нејзиното постојано повторување. Тоа може значително да го наруши квалитетот на живот. За повторувачка инфекција се сметаат две или повеќе инфекции во период од шест месеци или три или повеќе инфекции во текот на една година“, објаснува д-р Лозановски.

Најчести причини за ваквите инфекции се: нецелосно празнење на мочниот меур, присуство на камчиња во уринарниот тракт, анатомски или функционални аномалии на уринарниот тракт, хормонални промени (особено кај жените во менопауза), одредени навики поврзани со мокрењето. Кај ваквите пациенти е важно да се открие причината, а не само повторно да се препишува антибиотик.

КОЈ Е НАЈЧЕСТО ЗАСЕГНАТ?

Инфекциите можат да се појават кај секого, но одредени групи пациенти имаат значително поголем ризик. Жените: Уринарните инфекции кај жените се најмногу застапени и претставуваат една од најчестите бактериски инфекции воопшто. Се проценува дека повеќе од половина од жените ќе имаат барем една уринарна инфекција во текот на животот, а кај дел од нив, инфекциите ќе се повторуваат. Главна причина за ова е анатомската градба на женскиот уринарен тракт – мочниот канал е пократок и е поблиску сместен до аналниот отвор, што им овозможува на бактериите полесно да навлезат во мочниот меур. Ризикот е особено зголемен кај сексуално активни жени, во текот на бременоста и по менопаузата, кога намалувањето на нивото на естроген доведува до промени на слузницата и природната заштитна микрофлора на урогениталниот тракт. Најголем дел од инфекциите се ограничени на мочниот меур во форма на цистит, но доколку не се лекуваат навреме, тие можат да се прошират и на бубрезите. Мажите: За разлика од жените, уринарните инфекции кај мажите се значително поретки, особено кај помладата популација. Инциденцата кај машката популација има таканаречена бимодална распределба, што значи дека инфекциите најчесто се јавуваат во два животни периоди: во раното детство (особено во првата година од животот) и во подоцнежна возраст, по 50.- 60. година. Најчеста причина е зголемената простата (БПХ), која може да го попречува целосното празнење на мочниот меур, што доведува до задршка на урина и создавање на поволни услови за развој на бактерии.

Постари лица – Со стареењето се зголемува ризикот поради промени во функцијата на мочниот меур, присуство на хронични болести и намален имунитет. Пациенти со уринарни камчиња: Kaмчињата можат да претставуваат место каде што бактериите се задржуваат и размножуваат, што пак го отежнува лекувањето. Понекогаш инфекција на бубрег во комбинација со камче може да е потенцијално животозагрозувачка состојба, која бара итен хируршки третман. Пациенти со дијабетес: Покаченото ниво на шеќер во крвта и урината создава поповолни услови за развој на бактерии. Пациенти со уринарни катетери: Катетерите значително го зголемуваат ризикот за навлегување на бактерии во уринарниот тракт. Деца: Особено ако постои некаква малформација на уринарниот тракт.

ЕВАЛУАЦИЈА И ДИЈАГНОЗА

Дијагностицирањето вообичаено започнува со анаменза, преглед и испитување на урината за да се потврди инфекцијата. Кај повторувачки или комплицирани случаи, може да бидат потребни и дополнителни испитувања како:

• уринокултура: се детектира точниот причинител и на кои антибиотици е чувствителен • ултразвучен преглед или КТ: детектира бубурежни камчиња, опструкција или анатомски абнормалности

• цистоскопија: со мала камера се влегува во мочниот меур и се проверува присуство на камчиња, тумори или структурни промени. Овие тестови им помагаат на докторите да направат соодветен третман и да се превенираат повторни инфекции.

МОЖНИ КОМПЛИКАЦИИ

 Иако повеќето ИУТ се лесни, доколку не се третираат, тие можат да доведат до сериозни проблеми:

• инфекција на бубрегот (пиелонефритис): може да предизвика трајно оштетување доколку е нетретирана

• сепса: животозагрозувачка состојба каде што инфекцијата е проширена во крвотокот

• камче во бубрегот: може да е причина и последица од повторувачки инфекции. Соодветен третман е есенцијален за да се избегнат вакви компликации.

КАКО СЕ ЛЕКУВААТ УРИНАРНИТЕ ИНФЕКЦИИ?

Третманот зависи од повеќе фактори: возраста на пациентот, полот, тежина на симптомите, местото на инфекцијата, резултати од испитувањата. Антибиотска терапија Антибиотиците остануваат основа за лекување на бактериските инфекции. Изборот на антибиотик треба да биде усогласен со резултатот од уринокултурата и локалната бактериска резистентност кога тоа е можно. Многу е важно:

• терапијата да се зема како што е препишана од лекар

• да не се прекинува предвреме

• да не се користат антибиотици на своја рака.

„Неправилна употреба на антибиотици може да доведе до создавање отпорност на бактериите и потешко лекување во иднина. Аналгетици и зголемен внес на течности можат да помогнат да се намали нелагодноста или болката во текот на лекувањето“, додава д-р Лозановски.

Кај повторувачки случаи може да се предложи и третман со: • профилактичка употреба на ниски дози на антибиотик • некои природни состојки како екстракт од брусница или пробиотик • третман на причината како камчиња, зголемена простата, остаточна урина, стеснување на мочниот канал.

ШТО МОЖЕМЕ ДА НАПРАВИМЕ ЗА ДА ГО НАМАЛИМЕ РИЗИКОТ?

Иако не постои сигурен начин за да се спречат целоснои нфекциите, сепак со мали промени во секојдневните навики можеме да си помогнеме на самите себеси.

 • Внесувајте соодветна количина течности – консумација на приближно 2-2,5 литри вода дневно придонесува за ефикасно плакнење на уринарниот тракт и елиминација на бактериите.

• Избегнувајте одложување на мокрењето – редовното празнење на мочниот меур го намалува ризикот од размножување на бактериите.

• Одржувајте соодветна интимна хигиена – применувајте едноставна и редовна хигиена. Прекумерната употреба на парфимирани сапуни, влажни марамчиња и други хигиенски средства може да предизвика иритација.

• Практикувајте мокрење по сексуален однос.

• Се препорачува употреба на памучна долна облека.

 • Кај жените во менопауза кои се соочуваат со чести уринарни инфекции, потребно е да се разгледа можноста за примена на интравагинална естрогена терапија.

• Редовна контрола и соодветен третман на хроничните заболувања, вклучително и дијабетес.

ПОРАКА ДО ПАЦИЕНТИТЕ

Инфекциите на уринарниот тракт се чести, но не треба да се сметаат за нормален дел од животот.

„Денес постојат ефикасни дијагностички и современи третмани кои овозможуваат успешно лекување кај најголемиот број пациенти. Доколку имате уринарни тегоби, повторувачки уринарни инфекции и симптоми кои не поминуваат, обратете се кај вашиот матичен лекар или уролог. Навремена дијагноза и правилен третман се најдобриот начин за зачувување на здравјето на уринарниот систем и подобар квалитет на живот“, завршува д-р Лозановски.

Сподели:

  • Добивај известувања за новости!