ЦЕРВИКАЛНА ДИСКУС ХЕРНИЈА

Болката во вратот е една од најчестите здравствени тегоби што ја следи популацијата во современиот начин на живеење. Многумина ја припишуваат на стрес, неправилно држење на телото или прекумерно користење на електронски уреди (мобилни телефони, компјутери и сл.). Но, кај дел од луѓето, ваквата болка може да укажува на посериозен проблем, како што е цервикалната дискус хернија. Доц. д-р Миленко Костов, специјалист по неврохирургија, објаснува дека цервикалната дискус хернија претставува едно од најчестите дегенеративни заболувања на ‘рбетниот столб, кое се карактеризира со поместување на дел од интервертебралниот диск што резултира со потиснување на ‘рбетните нервни корени или ‘рбетниот мозок. Оваа состојба може да се манифестира со локализирана болка, па сѐ до невропатија, радикулопатија и миелопатија.

ШТО ПРЕТСТАВУВА ЦЕРВИКАЛНАТА ДИСКУС ХЕРНИЈА?

Цервикалниот дел од ‘рбетниот столб се состои од седум прешлени (Ц1 – Ц7). Делот од третиот до седмиот вратен прешлен претставува најмобилниот сегмент на ‘рбетот. За да се овозможи мобилноста помеѓу секој од овие прешленски тела, се наоѓаат мали „перничиња“ наречени дискуси. „Дискусите се составени од меко, желатинесто јадро опкружено со цврста, надворешна фиброзна обвивка. Нивната структура овозможува флексибилност на вратот и амортизација на притисокот при изведување на движења во вратот. Со текот на времето како резултат на процес на стареење или поради последователни повреди, надворешната обвивка може да ослабе или да се искине, а внатрешниот мек дел да излезе и да притисне некој близок нервен корен или ‘рбетниот мозок. Тогаш кај пациентите се појавуваат симптоми на болка, трнење или слабост што се шири од вратот кон рамото или раката. Иако овие дискуси се мали, просторот околу нервите во вратот е ограничен, па дури и мало испакнување може да предизвика силна болка“, објаснува д-р Ирена Лазарева, доктор по општа медицина.

ЗОШТО НАСТАНУВА ОВАА СОСТОЈБА?

Не постои единствена причина што доведува до појава на дискус хернија. Кај повеќето луѓе, хернијата се развива постепено, како дел од природниот процес на стареење. Со годините, дисковите ја губат својата еластичност, стануваат покршливи и полесно се оштетуваат. Процесот започнува со дегенеративна дехидратација на дискот и губење на неговата способност за рамномерна дистрибуција на оптоварувањето. Со тоа се јавуваат микропукнатини во обвивката што доведуваат до пролапс на централниот – мек дел на дискусот. „Во зависност од степенот и насоката на хернијацијата, компресијата може да биде насочена кон нервен корен (радикулопатија) или кон ‘рбетниот мозок (миелопатија). Придружно се јавува и воспалителна реакција, со зголемено лачење на цитокини и ензими кои дополнително ги засилуваат болката и невралната иритација. Други фактори се: генетската предиспозиција, повторливи физички микротрауми, ненадејни нагли движења на вратот или сериозни повреди, како што се повреди при сообраќајни незгоди или пад од височина. Неправилното држење на телото, долгите часови седејќи пред компјутер и недостиг на физичка активност, иако не се примарна причина за појава на дискус хернија, дополнително го зголемуваат ризикот и придонесуваат за прогресија на болеста“, вели доц. д-р Костов. Оваа состојба најчесто се јавува кај лица на возраст помеѓу 30 и 50 години, кога дискусите веќе почнуваат да ја губат својата флексибилност, но телото сè уште е изложено на активност и оптоварување.

КАКО СЕ МАНИФЕСТИРА?

Главен симптом е болка што се шири од вратот по должината на рацете, уште позната и како радикуларна болка. Таа обично започнува во вратот и се движи кон рамото, подлактницата и дланката. Болката може да биде тапa, горечка или остра (како пецкање од струја). Во зависност од тоа кој дискус е зафатен, симптомите се различни, односно се манифестираат со болка во различни делови од надлактницата и подлактницата. Во некои случаи, покрај болката, се јавува и вкочанетост, трнење или мускулна слабост – знаци за сериозно оштетување на нервот. Клиничките манифестации зависат од локализацијата и степенот на компресија. Се издвојуваат три главни синдроми:

• аксијален болен синдром – локализирана болка во вратниот сегмент, често со ограничена подвижност и мускулен спазам;
• радикуларен синдром (цервикална радикулопатија) – болка што се шири по дерматомот на зафатениот нервен корен, најчесто кон рамото, надлактницата, подлактницата и прстите. Придружно може да се појават парестезии, хипотрофија и слабост на одредени мускулни групи;
• цервикална миелопатија – најтешка форма, кога постои компресија на ‘рбетниот мозок. Симптомите вклучуваат: нарушена рамнотежа, спастичност, несигурност при одење, нарушена фина моторика и во потешки случаи – проблеми со контрола на сфинктери.

КАКО СЕ ПОСТАВУВА ДИЈАГНОЗАТА?

Дијагностичкиот процес започнува со анамнеза и клинички преглед, при што се проценуваат моторната и сензорната функција, рефлексите и обемот на движење на вратот.

„Магнетната резонанца (MRI) претставува златен стандард за потврда на дијагнозата, овозможувајќи детален приказ на меките ткива, дискусите, нервните структури и евентуалната компресија на нервните корени или ‘рбетниот мозок.“

Компјутеризираната томографија (КТ-скен) или нативната рендгенграфија (РТГ) се користат како дополнителни методи за процена на коскената анатомија, остеофитни промени и стабилноста на сегментот“, вели д-р Костов.

ОД КОНЗЕРВАТИВЕН ТРЕТМАН ДО ОПЕРАЦИЈА

Во повеќето случаи, особено кај пациенти без значаен невролошки дефицит, се применува конзервативен третман кој вклучува:
• медикаментозна, симптоматска терапија: нестероидни антиинфламаторни лекови и мускулни релаксанти кои ги намалуваат болката и воспалението;
• физикална терапија: вежби за истегнување и зајакнување на вратните мускули, подобрување на држењето и намалување на притисокот врз нервите
• промена на секојдневни навики: избегнување на долготрајно седење и заземање неприродни позиции на вратот.

Конзервативниот третман е успешен кај дури 90% од пациентите, со понатамошни мерки на претпазливост и промена на начинот на живот.


Современата неврохирургија располага со неколку етаблирани техники кои се изведуваат рутински во „Аџибадем Систина“:
• предна цервикална дискектомија. Се изведува преку минимално инвазивен преден пристап. Со микроневрохируршка техника се отстранува хернираниот дел од дискусот и директно се врши декомпресија на нервните структури. Оваа техника овозможува прецизност и минимална траума на околните структури;
• предна цервикална дискектомија со фузија. По отстранување на дискот, меѓу пршлените се поставува интерсегментен имплант („кејџ“) од титаниум или биокомпатибилен материјал, исполнет со коскена маса за стимулирање на остеоинтеграција. Овој метод е стандард при мултисегментни хернии и изразита нестабилност;
• цервикална дискус артропластика. Современ, биомеханички супериорен метод кај пациенти со болест на еден сегмент. Отстранетиот диск се заменува со вештачки имплант, специјално дизајниран со цел да овозможи зачувување на физиолошката подвижност, а со тоа се намалува ризикот од секундарна дегенерација на соседните сегменти.

ПОСТОПЕРАТИВНА РЕХАБИЛИТАЦИЈА

Пациентите најчесто се мобилизираат во првите 24 часа по оперативниот третман. Постоперативниот тек подразбира постепено зголемување на физичката активност и враќање кон секојдневните активности. Раната физикална терапија е од клучно значење за обновување на мускулната сила, флексибилност и превенција на рецидив.

ПРОГНОЗА И ПРЕВЕНЦИЈА

Повеќето пациенти доживуваат значително подобрување или целосно исчезнување на симптомите непосредно по хируршки третман. Успешноста на современите методи надминува 95 %, со ниска стапка на компликации. Превентивните мерки вклучуваат: редовна физичка активност, вежби за стабилизација на вратната мускулатура, ергономски правилна положба при работа и избегнување на долготрајна флексија на главата при користење на мобилни уреди.

Сподели:

  • Добивај известувања за новости!