ОДБЛИСКУ СО Д-Р ВЛАДИМИР АВРАМОВСКИ:  „ХИРУРГИЈАТА Е МОЈОТ ЖИВОТ“

Д-р Владимир Аврамовски е специјалист по општа и дигестивна хирургија, еден од пионерите во развојот на хирургијата на црн дроб кај нас. И по дваесет и пет години посветени на медицината, вели дека работи со подеднакво ист ентузијазам и љубов кон хирургијата, која е негова животна определба и остварен сон. Иако поголемиот дел од сега веќе успешните доктори во раните средношколски денови немале посебна желба или сè уште не знаеле каде ќе ја продолжат својата едукација, д-р Аврамовски вели дека тој уште од самиот почеток, од запишувањето во средното медицинско училиште, знаел дека сака да биде хирург.

„Од трета година средно знаев дека сакам да бидам хирург. Хирургија ни предаваше проф. д-р Јордан Савески, хирург кој ме воодушеви со работата и организацијата. Бев медицински техничар, учевме вештини од местење кревет до преврски и инјекции. Мене сето тоа ми беше фантастично и од тогаш сè што правев во средното училиште, а потоа и на факултет, беше со мислата – еден ден да бидам хирург“, објаснува д-р Аврамовски.

 Во семејството нема лекари, единствен медицинар е мајка му – фармацевт. Но исклучително професионалната екипа на професори и инструктори во средното медицинско училиште, атмосферата во хируршките болници и првите контакти со оперативниот тим ја потврдуваат одлуката: хирургијата ќе биде негов пат.

МЕНТОРСТВОТО НА ПРОФ. Д-Р ВЛАДИМИР СПАСОВ

Клучен момент за професионалниот пат на д-р Аврамовски е третата година на Медицинскиот факултет, кога започнуваат вежбите по хирургија. Тогаш го запознава проф. д-р Владимир Спасов, со кој го започнува „животот на еден хирург“ и кој станува негов професионален ментор.

„Проф. д-р Владимир Спасов беше мој хируршки ментор и тој е навистина значаен лик во мојот професионален живот. Со него се запознав во трета година и добро се сеќавам кога на крајот од вежбите по хирургија, проф. Спасов, кој тогаш беше асистент, ни рече: ‘Кој сака, попладне сум дежурен, останете’. Јас останав и следните десет години не престанав да дежурам со него – во текот на студиите, специјализацијата и подоцна на дигестивна хирургија. Од трета година факултет, јас практично живеев на Xирургија“, вели д-р Аврамовски.

По одлуката дека ќе се посвети на хирургијата, болницата и хируршките оддели стануваат место каде што д-р Аврамовски расте како човек и како хирург. По волонтирањето на Kлиниката за дигестивна хирургија, д-р Владимир Аврамовски е примен на Одделот за дигестивна хирургија, каде и специјализира. Од 2000 година е специјалист по општа хирургија, а понатаму целосно се посветува на дигестивната хирургија.

„Дигестивната хирургија ме привлече затоа што има многу патологија, многу работа и многу итни случаи. Ако сакаш хирургија, тоа те држи – а верувајте, истиот ентузијазам ме држи и денес.“

Дигестивната хирургија е оптоварена со сериозна, често малигна патологија и многу компликации – дел очекувани, дел кои „од нигде никаде“ ја менуваат приказната.

„Компликациите знаат да им го загорчат животот и на пациентот и на хирургот. Бараат огромен физички, ментален и емотивен ангажман. Понекогаш ќе победите, понекогаш ќе изгубите. Мора да најдете сила да продолжите и да го објасните сето тоа на семејството кое секогаш очекува најдобро. Компликациите се цело поглавје во хируршките книги – особено во абдоминалната хирургија.“

Посебна страст му станува хирургијата на црн дроб – област која долго време беше „темна зона“ во дигестивната хирургија. Во следната деценија, заедно со колегите го подига нивото до степен каде веќе се зборува за трансплантација на црн дроб.

„Следната генерација хирурзи ја направи и трансплантацијата. Патот беше веќе изоден и изработен“, вели тој.

ГОРД СУМ ШТО „АЏИБАДЕМ СИСТИНА“ ПРЕРАСНА ВО МОЌНА И РЕСПЕКТАБИЛНА БОЛНИЦА

По многу години на Универзитетската клиника за дигестивна хирургија, доаѓа моментот за голем исчекор – влез во нов проект и нова болница. „Целта беше јасна за сите нас кои од прв ден влеговме сериозно и станавме дел од првата приватна клиничка болница ‘Аџибадем Систина‘ – да се создаде болница во која би сакал да имам доверба да се лекувам јас и своите најблиски. Влеговме со полна сила, без дилеми. Тимот кој го градевме не го гледавме според титулите, туку според работата, човечноста и професионалноста. Ова не е проект на еден човек, туку на сериозен тим. Тоа беше првата голема екипа медицинари што заедно го напуштија клиничкиот центар – голем ризик и голем чекор.“

Денес болницата ја чувствува како дом и вели дека е горд што „Аџибадем Систина“ прерасна во најпочитувана здравствена институција не само во земјата туку и во регионот.

 „Во последниве пет години болницата прерасна во силна и функционална целина во која, за многу кратко време, дури и за помалку од половина час, можат да се организираат најсложени комбинирани процедури: ендоваскуларни интервенции и хируршки зафати – вистински хибридни операции. Одделот за интервентна радиологија е еден од најсилните во регионот, а Одделот за ендоваскуларна церебрална радиодијагностика и интервентни процедури исто така претставува значаен центар кој, заедно со хируршкиот и неврохируршкиот оддел, функционира како единствен тим и се во постојан контакт. Одделот за урологија направи вистински исчекор во областа на уролошката хирургија. Во неврохирургијата се прават важни напредоци и се воведуваат нови методи, вклучително и современи пристапи со помош на најсовремен систем за невронавигација. Идејата за развој не застанува – се следат трендовите, се размислува за роботска хирургија и понатамошно технолошко и кадровско надградување.“

„ИЗБОРОТ ЗА ХРАНА Е НАШ – ИЛИ ЛЕК, ИЛИ ОТРОВ“

Како дигестивен хирург, тој често со пациентите зборува за исхраната и превенцијата.

„Храната која ја консумираме е или лек или отров. На овие простори имаме чуден однос со храната – уживаме, славиме, и притоа внесуваме повеќе отколку што треба. Ако купите убав автомобил, внимавате каков бензин и масло му ставате. А ова совршенство од тело го занемаруваме и му ја вадиме душата со лошо однесување.“

Посебно предупредува на комбинацијата од неквалитетна храна, алкохол и прекумерна телесна тежина:

„Не се работи за естетика – дали сме тенки или дебели. Станува збор за сериозен здравствен и хируршки проблем. Кај пациент со прекумерна тежина се менуваат и очекувањата и резултатите од хируршкото лекување.“ Неговата препорака е едноставна: „Барем 80% од времето да се храниме правилно – со чиста, убава храна која нуди енергија за нормално функционирање. Оние 20% се за да се почестиме.“

ФИТНЕСОТ – ТЕРАПИЈА ЗА ТЕЛОТО И УМОТ

Иако хирургијата го окупира најголем дел од денот, д-р Владимир Аврамовски одамна ја открил важноста на физичката активност и бенефитите кои доаѓаат со истрајност и дисциплина. „Во последниве 15 години станав фитнес-зависник. Тоа е терапија и за тело и за ум – добро ментално прочистување. Поради зголемени обврски, тренингот го правам во раните утрински часови. Во 5 часот се будам, во 6 сум на тренинг, најчесто пет пати неделно, во нашиот Премиум центар. Многу е важно некој да ве воведе правилно во вежбањето – особено со тегови, затоа што шипката е како ладно оружје, мора да се знаат движењата за да нема повреди.“ Фитнесот е подготовка и за други страсти – скијање и возење роуд-бајк.

„Едно од најубавите чувства ме понесува за време на скијањето, а веднаш по скијањето – велосипедот, роудбајкот. Тоа е една извонредна машина, нешто што не го очекувате од велосипед ако претходно не сте го пробале. Возењето роуд-бајк е еден од најтешките спортови и за аматери и за професионалци – може да биде извонредно исцрпувачки, но вади од вас хормони кои даваат силен метаболички и невролошки стимул и воедно создава зависност да сакате и следниот ден повторно да возите. Тоа се исцрпувачки спортови, но ви враќаат неверојатна енергија. Потоа е важно да направите рикавери – со добра храна, течности и внимателен однос кон телото. Генерално, спортот нуди убава ментална енергија и го прави денот поинаков. Покрај спортот, моја пасија се книги, уметност и шарени чорапи“, вели д-р Аврамовски.

ХИРУРГИЈАТА КАКО ЖИВОТНА ФИЛОЗОФИЈА

 И покрај тежината на професијата, д-р Владимир Аврамовски не би избрал друг пат. Иако никогаш не сакал децата да се чувствуваат должни да го следат неговиот професионален пат, помладиот син сепак ја избира медицината.

 „И двајцата синови беа сведоци на сè – и на добрите и на лошите моменти и на жртвата која ја бара од нас посветеноста кон медицината и пациентите. Ми се допаѓа што помалиот син е посветен на медицината, но секогаш му велам – изборот е твој.“

Помеѓу долгите дежурства, утринските тренинзи и разговорите со пациенти, д-р Владимир Аврамовски го гради својот свет во кој фокусот е хирургијата, а довербата и посветеноста се негово најголемо професионално достигнување.

„Хирургијата можам да ја дефинирам како мој живот. Болничкото живеење е посебна приказна – не може секој да ја разбере. Медицина можат да сакаат само оние што навистина ја доживуваат“ завршува д-р Аврамовски.

Сподели:

Останати написи

  • Добивај известувања за новости!