АЛЕРГИСКИ РЕАКЦИИ ПРИ АНЕСТЕЗИЈА: ШТО ТРЕБА ДА ЗНАЕ СЕКОЈ ПАЦИЕНТ

Анестезиологот е лекар специјалист чија улога е многу поширока од самото „успивање“ на пациентот за време на операција. Пациентите имаат потреба од анестезиолог секогаш кога се планира хируршка интервенција, дијагностичка процедура што бара седација (на пример, ендоскопија или колоноскопија), породување со епидурална аналгезија, како и при одредени болни состојби каде што е потребна контрола на болката.

КОГА ЛУЃЕТО ИМААТ ПОТРЕБА ОД АНЕСТЕЗИОЛОГ

Пред секоја интервенција, анестезиологот прави предоперативен преглед и разговор со пациентот, со цел да ги процени општата здравствена состојба, придружните заболувања, претходните искуства со анестезија и можните ризици. Овој разговор е клучен за безбедноста на пациентот, бидејќи овозможува индивидуален план за анестезија. Едно од најважните прашања во оваа проценка е токму прашањето за алергии, објаснува д-р Азра Куч, специјалист по анестезиологија со интензивно лекување.

КОЛКУ ЧЕСТО СЕ ЈАВУВААТ АЛЕРГИСКИ РЕАКЦИИ ПРИ АНЕСТЕЗИЈА

И покрај стравот што често постои кај пациентите, алергиските реакции поврзани со анестезија се релативно ретки. Најголем дел од пациентите поминуваат низ анестезија без никакви алергиски компликации. Кога ќе се појави реакција, таа најчесто е лесна и контролирана во оперативни услови каде што пациентот е под постојан мониторинг. Важно е да се нагласи дека современата анестезиологија располага со високоразвиени протоколи за рано препознавање и брз третман на анафилаксија.

 Операционите сали се опремени со неопходни лекови и опрема, а медицинскиот персонал е обучен веднаш да реагира. Токму затоа, иако реакциите можат да бидат драматични, исходот во најголем број случаи е поволен.

„Кога пациентите ќе дојдат на разговор со анестезиологот, задолжително одговараат на прашања поврзани со нивната здравствена состојба. Интересно е дека на прашањето дали имаат алергија, најчесто одговараат исто – досега не! Како да не ја исклучуваат можноста да добијат алергија за време на анестезија, без разлика на минатото искуство. Статистички алергиите се јавуваат 1 на 1 000, во полесна форма. Тешка форма на алергија, која ја викаме анафилактичка реакција, се јавува 1 на 10 000, а алергиите кои се причина за смрт се 1 на 100.000, значи дека се многу ретки“ – објаснува д-р Азра Куч.

НАЈЧЕСТИ ПРЕДИЗВИКУВАЧИ НА АЛЕРГИИ ВО АНЕСТЕЗИЈАТА

Најчестите лекови во анестезијата што предизвикуваат алергии се невромускулните релаксанти и нестероидните антиинфламаторни аналгетици. Поретко причина за алергии се – антибиотици, латекс, хлорхексидин и контрастни средства кои се применуваат во радиологијата.

Алергиите во вистинска смисла на зборот се секогаш имунолошки реакции и настануваат откако организмот бил веќе во контакт со алергенот (анестетикот). При првиот контакт во телото се создава антитело кое се вика IgE и кое мирува сѐ додека телото не дојде повторно во контакт со истиот алерген (анестетик). Реакцијата што следува потоа се одликува со црвенило по кожата, оток, тешкотии во дишењето и колапс поради пад на крвниот притисок.

Срцето најчесто работи забрзано, а кога реакциите се многу силни, може да ја забави својата работа, па дури и да престане. Оваа клиничка слика е добропозната на секој анестезиолог, кој со лекови веднаш се обидува да ја стабилизира состојбата на пациентот. Тоа се лекови за одржување на крвниот притисок, лекови против алергија и лекови што имаат задача да ја ограничат алергиската реакција. Процентот на преживување е висок и изнесува до 97%. 1-3 % сепак може да имаат фатален исход.

ПРЕДИСПОНИРАЧКИ ФАКТОРИ ЗА ПОЈАВА НА АЛЕРГИЈА

Иако не може секогаш да се предвиди дали еден пациент ќе добие алергија или не, сепак постојат некои предиспонирачки фактори, како на пр. алергиска предиспозиција на пациентот, историја на претходни алергии (може да биде и семејна историја), како и определени болести кои во својата основа имаат алергиска природа – астма, егзема и нарушување на функцијата на мастоцитите.

Во практика пациентите што имаат алергија на полен, прав, разни домашни миленици, грини и сл. не значи дека ќе добијат алергија за време на анестезија, но интересен е податокот кога пациентот, иако никогаш не примал анестезија, сепак добива алергија, што можеби можеме да го толкуваме како претходен контакт со алерген, кој има слична структура со некој агенс од сала. Таквата преосетливост се вика вкрстена. Така ако пациентот е алергичен на киви, банана, авокадо и костен, може да има алергија на латекс. Тоа е т.н. „latex fruit“ синдром.

Многу чест пример за вкрстена преосетливост е алергијата кон пеницилин која може да биде причина за алергија кон цефалоспорини итн. Пристапот кон пациент кога ќе направи алергија е по стабилизација, да се ординираат антихистамински лекови кои пациентот ги пие 5 до 7 дена. За да се направи алерготест, треба да поминат 4 до 6 недели. Се прави во вид на „scratching“ кожен тест со сите лекови кои се дадени за време на анестезија. Добиениот резултат е документ којшто во иднина ќе помогне да се направи алтернативен план за анестезија која е безбедна за пациентот.

БЕЗБЕДНОСТА НА СОВРЕМЕНАТА АНЕСТЕЗИЈА

Анестезијата денес е високобезбедна медицинска процедура, а сериозните алергиски реакции се ретки. Сепак, внимателниот предоперативен разговор со анестезиологот останува клучен чекор за препознавање на ризиците и планирање на најбезбедниот пристап за секој пациент поединечно. Пациентите треба отворено и детално да ги споделат сите познати алергии, претходни реакции на лекови и семејна историја на алергии. Од друга страна, анестезиолозите се подготвени бргу да препознаат и третираат евентуална алергиска реакција. Со добра комуникација, соодветна проценка и современа медицинска грижа, ризикот може значително да се минимизира, а безбедноста на пациентот да остане на највисоко ниво.

Сподели:

Останати написи

  • Добивај известувања за новости!