Kрвните садови имаат клучна улога во нормалното функционирање на човечкиот организам, бидејќи овозможуваат непречен проток на крв, кислород и хранливи материи до сите органи и ткива. Асс. д-р Мишел Андов, специјалист по општа хирургија и супспецијалист по васкуларна хирургија, вели дека кога нивната функција е нарушена, може да дојде до сериозни здравствени состојби кои бараат навремена дијагноза, соодветен третман и редовно следење од страна на васкуларен хирург.
Проширените, односно варикозните вени се меѓу најчестите заболувања на венскиот систем и не треба да се сметаат исклучиво за естетски проблем. Венската болест примарно го зафаќа површинскиот венски систем, при што како резултат на венски рефлукс, односно враќање на крвта наназад, се јавуваат симптоми како отекување на нозете и видливи промени на кожата. Кај пациентите со проширени вени, покрај отекување, често се јавуваат и други тегоби, како: ноќни грчеви, чешање, чувство на топлина, печење, мали модринки на кожата и промена на бојата на кожата во пределот на глуждовите.
„Оваа болест вклучува појава на пајаковидни и варикозни вени, како и венски малформации. Вените се видливи, извиткани и сини, најчесто на долните екстремитети. Се наоѓаат во поткожното ткиво, односно меѓу кожата и фасцијата. Она што треба да се напомене е дека тие се само манифестација на основната болест. Благата форма на болеста претставува козметичко-естетски проблем, но напредната фаза е сериозен медицински проблем кој може да доведе до хронични рани, односно венска улцерација“, вели д-р Андов.
Современата васкуларна хирургија денес нуди различни методи на лекување, кои главно се делат на два хируршки пристапи: ендоваскуларна, односно минимално инвазивна хирургија и отворена, односно класична хирургија. Во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ се применуваат двата пристапа, во зависност од видот на заболувањето, степенот на оштетување на крвните садови и индивидуалната состојба на пациентот.
ДИЈАГНОСТИКА И ПРЕДОПЕРАТИВНА ПОДГОТОВКА
Според д-р Андов, успешното лекување на васкуларните заболувања започнува со детална и точна проценка на состојбата на крвните садови. Една од основните дијагностички методи во васкуларната медицина е ехо-доплер, односно ултразвучен преглед на крвните садови, кој овозможува јасен увид во протокот на крв низ артериите и вените, големината и изгледот на вените, како и навремено откривање на стеснувања, оклузии (блокади), тромбози, венски рефлукс и рефлуксни перфораторни вени.
„Дијагнозата на венска болест започнува со физикален преглед, при кој се проценува изгледот на екстремитетите, се прави палпација и по потреба, Тренделенбургов тест или преглед со рачен доплер. Основна дијагностичка метода е ехо-доплер, со кој се проценува присуството на длабока венска тромбоза, големината на вените, се мапираат површинските вени, се лоцира местото на венски рефлукс и се откриваат рефлуксни перфораторни вени. За значаен рефлукс се смета проток наназад што трае најмалку 0,5 секунди во големата сафенска вена и најмалку 1 секунда во длабокиот венски систем“, објаснува д-р Андов.
Доколку се планира оперативен третман, пациентот претходно поминува низ сеопфатна предоперативна подготовка, која вклучува: лекарска консултација, клинички преглед, лабораториски анализи, проценка на коагулацискиот статус, проверка на функцијата на бубрезите и црниот дроб и ЕКГ за увид во срцевата функција. Кај одредени пациенти, во зависност од клиничката состојба и планираната интервенција, може да се препорачаат и дополнителни испитувања, како ангиографија за детален приказ на крвните садови, пулмолошка проценка кај пациенти со зголемен оперативен ризик и преглед од анестезиолог за избор на најсоодветен и најбезбеден тип анестезија.
ТРЕТМАН НА ПРОШИРЕНИ ВЕНИ СО EVLA И RFA
Од минимално инвазивните процедури за третман на венски заболувања во Клиничката болница „Аџибадем Систина“, се применува ендовенската термална аблација, современа процедура која ги опфаќа EVLA-ендовенска ласерска аблација и RFA-радиофреквентна аблација. Клучни индикации за примена на EVLA и RFA се: постоење на венски рефлукс потврден со ехо-доплер, односно враќање на крвта наназад поради валвуларна инсуфициенција, физички симптоми како болка, тежина во нозете, оток, грчеви или немирни нозе, промени на кожата и ткивото како пигментација, стазис дерматитис или активни венски улкуси, неуспех на конзервативна терапија кога симптомите перзистираат и покрај употреба на компресивни чорапи, естетски причини, како и појава на рецидивни вени по претходно изведено хируршко отстранување на вената, односно стрипинг. Апсолутни контраиндикации за оваа процедура се: акутна длабока венска тромбоза, бидејќи третирањето вена во присуство на свеж и активен тромб носи ризик од негово откачување и предизвикување белодробна емболија, блокада на длабокиот венски систем, тешка артериска инсуфициенција, бременост, бидејќи процедурата обично се одложува по породувањето, како и активна кожна инфекција.


„Аблацијата на варикозни вени е минимално инвазивна амбулантска процедура, која користи насочена енергија, како ласерска или радиофреквентна енергија, за затворање на оштетените вени. Двата типа ендовенска аблација се изведуваат под локална тумесцентна анестезија и вклучуваат поставување на перкутан катетер во засегнатата вена под ултразвучна контрола. Со овие процедури крвта се пренасочува кон здравите вени, со што ефикасно се олеснуваат симптомите како болка, оток и испакнати вени, без потреба од традиционално хируршко отстранување на вената“, објаснува д-р Андов.
РАДИОФРЕКВЕНТНА АБЛАЦИЈА – RFA
Радиофреквентната аблација е минимално инвазивен третман при кој преку тенок катетер се испорачува контролирана топлинска енергија до внатрешноста на засегнатата вена. Топлината предизвикува собирање на колагенот, што води до колабирање и целосно затворање на вената. Крвта потоа природно се насочува кон околните здрави вени, со што се подобрува циркулацијата и се намалуваат симптомите како оток, тежина и непријатност во нозете. Со тек на време, затворената вена се разградува и се апсорбира од организмот.
ЕНДОВЕНСКА ЛАСЕРСКА АБЛАЦИЈА — EVLA
Ендовенската ласерска аблација, позната како EVLA или EVLT, е минимално инвазивна метода, која се изведува под ултразвучна контрола и се користи за третман на варикозни вени со примена на ласерска енергија. Во текот на процедурата, во засегнатата вена се внесува тенко ласерско влакно преку кое се испорачува светлинска енергија што, поради нејзината апсорпција во ткивото (фототермолиза), се трансформира во топлинска енергија и предизвикува затворање на проширената вена. Во зависност од типот на ласерот, се користат различни бранови должини, најчесто во опсег од 810 nm до 1470 nm, кои дејствуваат врз водата и хемоглобинот. На тој начин се предизвикува контролирано затворање на вената, со што се спречува понатамошен неправилен проток на крв низ неа. EVLA и RFA се сметаат за безбедни процедури и денес се изведуваат со усовршени техники и како и кај секоја медицинска интервенција, можни се одредени несакани појави. Најчесто станува збор за привремени модринки, чувствителност или болка на местото на третманот, особено кај пациенти што користат лекови за разредување на крвта. Кај дел од пациентите може да се појави воспаление на вената, а исто така во многу ретки случаи може да дојде до појава на длабока венска тромбоза.
„Голема предност на овие процедури е што се изведуваат амбулантски, па затоа не е потребна хоспитализација ниту општа анестезија, а самите интервенции најчесто траат само 30-45 минути од нога. Времетраењето може да се продолжи доколку се комбинира со дополнителни методи, како микрофлебектомија или склеротерапија. Повеќето пациенти можат веднаш да се вратат на секојдневните активности, при што во првите 2-3 недели се препорачува носење компресивни чорапи и избегнување напорна физичка работа или долго стоење. Естетските последици, како минимални лузни, модринки или благ оток, целосно се повлекуваат за 1-2 недели, кога пациентите веќе чувствуваат забележливо подобрување на симптомите. Оваа метода се одликува со исклучителна ефикасност. Почетната стапка на успех е околу 98%, додека стапката на рецидив, односно повторно појавување, по три години, е под 7%“, завршува д-р Андов.

